Според информациите што ги објавија бугарските медиуми, на 13 октомври вечерта Дирекцијата за меѓународна оперативна соработка при бугарското МВР добила известување од Интерпол – Скопје со барање за меѓународна потрага по Михаилова. Во известувањето било наведено дека таа е обвинета за кривично дело поврзано со прекршување на сообраќајните правила, предвидено во Кривичниот законик на Македонија. Истиот ден, на 13 октомври 2026 година, судот во Кочани издал наредба за нејзино апсење.
Сепак, бугарското МВР нагласува дека „досега не е издаден црвен билтен од Интерпол за Михаилова“ и оти бугарските власти не презеле активности за утврдување на нејзината локација на територијата на Бугарија.
Во врска со можното испорачување бугарските власти се повикуваат на Уставот на Бугарија. Според уставните одредби, бугарски државјанин може да биде предаден на друга држава, или на меѓународен суд, заради кривично гонење само ако е тоа предвидено со меѓународен договор, што е усвоен, објавен и стапен во сила за земјата.
Бугарското МВР се повикува и на Европската конвенција за испорачување, според кој секоја договорна страна има право да одбие испорачување свои државјани. Засега нема информации дека во Бугарија се преземени мерки за апсење на Михаилова, ниту дека е донесена одлука за нејзино можно предавање на македонските власти.