Албанската полиција употребила гумени куршуми против демонстрантите во Тирана, на петтиот ден од масовните студентски протести на кои се бара оставка од премиерот Еди Рама, објави Ројтерс.
Новинарите на Ројтерс пронашле гумени проектили на земјата, а од нив биле погодени двајца новинари на агенцијата и неколку демонстранти, кај кои останале кружни траги од ударите.
Шефот на албанската полиција, Скендер Хита, не ја негирал употребата на гумени куршуми. Тој изјавил дека сите употребени средства биле применети во ограничен обем.
Според него, досега се уапсени 1.067 лица, а против 388 е поведена кривична постапка. Во судирите се повредени десетици полицајци и демонстранти.
Протестите се поттикнати од незадоволството поради наводната корупција во владата, недостигот од работни места и ниските стандарди во образованието. Демонстрациите се интензивираа во последните денови, при што демонстрантите запалиле владини згради и банки и фрлале камења кон полицијата, која возвратила со солзавец и водени топови.
Немирите претставуваат сериозен предизвик за Рама, кој минатата година освои четврти последователен мандат. Владата се соочува со низа корупциски скандали, додека аналитичарите предупредуваат дека Албанија станала центар за криминални групи кои перат пари стекнати од трговија со дрога и оружје. Овие проблеми ги усложнуваат напорите на земјата за членство во Европската Унија.