Во текст на Дојче Веле на македонски јазик Елизабета Милошевска Фиданоска пренесува дека Западен Балкан останува важен извор на работна сила за Германија, а Сојузната агенција за труд бара да не се намалува квотата на работници од овој регион.
Сојузната агенција за труд на Германија ја предупреди германската влада да не прави ограничувања на т.н. правило за Западен Балкан, кое им овозможува на работници од земјите од регионот што не се членки на ЕУ полесен пристап до германскиот пазар на труд.
Според соопштението на агенцијата, повеќе од еден милион луѓе од Западен Балкан во меѓувреме се вработени во Германија со задолжително социјално осигурување.
Ванеса Ахуја од Сојузната агенција за труд изјави дека актуелната квота од 50.000 лица годишно од регионот кои можат да дојдат да работат во Германија не смее да се намалува.
Преполовувањето ќе го влоши недостигот од кадар
Според податоците на агенцијата, 53 проценти од доселениците од Западен Балкан во Германија работат како квалификувани стручни лица или на позиции што бараат повисоки квалификации. Околу половината се ангажирани во професии каде што во Германија има недостиг од работна сила.
„Преполовена квота ќе ослаби успешен модел на доселување, ќе го влоши недостигот од квалификувана работна сила и ќе им го отежни на компаниите барањето нови работници. Доколку треба да успеат специјалните инвестиции и забрзаниот градежен развој, компаниите мора да можат да најдат соодветна работна сила“, изјави експертката за пазарот на труд Ахуја.
Владата планира само 25.000 работници годишно
Германската влада планира од јануари 2027 година да ја преполови квотата. Тоа би значело дека годишно само 25.000 лица од Западен Балкан ќе можат да прифатат работа во Германија.
Но, квотата веќе во 2025 година не беше доволна за сите поднесени барања, а се очекува да биде целосно искористена и пред истекот на оваа година.
Правилото беше воведено во 2016 година за државјаните на Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија. Тие можат под поедноставени услови да добијат виза за вработување во Германија.
Извор: Дојче Веле на македонски јазик