Врело стана најдлабока подводна пештера во светот, напиша претседателката Гордана Сиљановска-Давкова откако вечерва ги примила хероите што ја поставија Македонија прва на светската спелеонуркачка мапа.

,,Вечерва се сретнав со учесниците во меѓународната експедиција „Врело 2026“ и членовите на Спелеонуркачкиот клуб „Врело“, кои ме информираа за текот на експедицијата и за историскиот успех со кој пештерата Врело во кањонот Матка, со истражена длабочина од 338 метри, стана најдлабоката подводна пештера во светот истражена од човек.

Им честитав за извонредниот подвиг, истакнувајќи дека Врело е природен феномен што ги разгорува истражувачкиот дух и љубопитноста за откривање на тајните на природата”, објави Сиљановска-Давкова.

Спелеонуркачите ја запознале со предизвиците со коишто се соочиле за време на нуркачкиот подвиг, необичните сознанија за подводниот свет на Врело, како кристално чистата вода и умерената температура од петнаесетина степени, новооткриените два канали и над 150 метри нови големи ходници.

,,Горда сум што имав чест да бидам покровителка! Им посакувам успех во идните подвизи и убедена сум дека нивниот успех е инспиративен за многу други спелеонуркачи”, објави претседателката.



Најчитана вест
Водечки норвешки мислител се повикува на Сиљановска-Давкова за важно прашање за светот