Во Врањска Бања почна и практичната реализација на капиталниот инфраструктурен проект меѓу Србија и Македонија со пристигнувањето, заварувањето и поставувањето на првите цевки од гасоводот меѓу двете соседни земји.
Српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ-Хандановиќ, која присуствуваше на настанот, истакна дека дел од цевките за првите 20 километри од гасоводот е пристигнат и оти е потребно да се забрза експропријацијата на трасата по која ќе поминува тој.
Според неа, вкупната должина на гасоводот на територијата на Србија ќе биде 147 километри, а трасата ќе се протега од Орљани, преку Лесковац и Врање, до границата со Македонија.
Вкупно 153 милиони евра ќе бидат инвестирани во изградбата на овој гасовод, со сите објекти што ги вклучува, а неговиот капацитет ќе биде 1,5 милијарди кубни метри гас годишно, прецизира таа.
Новата гасна интерконекција е планирано да биде завршена во 2028 година, и во Србија и во Македонија. Новиот гасовод ќе биде поврзан со изворите на гас што стигнуваат до Грција преку гасната интерконекција Македонија-Грција, која е во изградба и ќе биде завршена во 2027 година.