Обединетите нации денеска ја одбележуваат својата 81-ва годишнина, истакнувајќи ги повеќе од осумте децении работа на унапредување на мирот, човековите права и развојот ширум светот.
Денот на Обединетите нации го одбележува стапувањето во сила на Повелбата на ОН во 1945 година. Оваа глобална организација официјално започна да постои откако основачкиот документ беше ратификуван од мнозинството потписници, вклучително и петте постојани членки на Советот за безбедност.
Овој ден се одбележува секоја година на 24 октомври, почнувајќи од 1948 година.
Агендата остана непроменета: решавање на споровите преку дипломатија, борба против сиромаштијата и гладот, промовирање на човековите права и доставување помош за спасување животи на луѓето погодени од конфликти, катастрофи и раселување.
Во својата последна порака по повод овој ден, во својство на прв човек на ОН, генералниот секретар Антонио Гутереш изјави дека овој ден ја симболизира идејата оти „иднината на човештвото зависи од нашата способност да работиме заедно за унапредување на мирот, развојот и човековите права“.
Тој укажа на сериозните предизвици со кои се соочува светот денес, вклучително и конфликтите, климатската криза, растечките нееднаквости и технолошкиот напредок кој се одвива побрзо од способноста за негово регулирање.
„Обединетите нации се суштински дел од ткивото на нашиот свет“, рече тој. „И тие се потребни повеќе од кога било.“
Додека беснееше Втората светска војна, веќе се обликуваше еден значаен меѓународен потфат за помош при обновата на разурнатиот свет.
Во ноември 1943 година, започна со работа Управата на Обединетите нации за помош и рехабилитација (UNRRA) уште пред самите Обединети нации да бидат официјално конституирани.
Соочена со глад, болести, масовно раселување и пустош, таа помогна во обезбедувањето на основните средства за преживување и понуди надеж за милиони луѓе кои се обидуваа повторно да ги изградат своите животи.
Покрај итната помош, UNRRA претставуваше пионерски експеримент во меѓународната соработка.