Двата смртни случаи со траги од насилство во скопската општина Ѓорче Петров имаат сличности што отвораат прашања дали зад нив стои ист сторител.
Според неофицијалните информации, и 76-годишната жена и 62-годишниот маж биле изложени на насилство пред смртта, а кај двајцата имало траги што упатуваат на врзување.
Жителите на улицата „Ѓурчин Кокале“, каде што живеела 76-годишната жена, се вознемирени од информациите што кружат низ населбата. Меѓу соседите се зборува дека жената била врзана, а потоа убиена при грабеж. Овие информации засега не се официјално потврдени, ниту е утврден мотивот за нејзината смрт.
Според сознанијата, жената живеела сама во куќата, а без знаци на живот ја пронашла нејзината ќерка, која денеска, 27 октомври, во 09:18 часот го пријавила случајот во полиција. Екипа на Итната медицинска помош констатирала смрт со видливи траги од насилство, по што, по насоки на јавен обвинител, телото било предадено на обдукција.
Слични околности, според изворите, биле забележани и кај 62-годишниот маж, пронајден починат во својот дом во Ѓорче Петров на 22 октомври. Неофицијално, и тој бил врзуван за нозете пред смртта.
Полицијата од пријавувањето на првиот случај презема дејствија за утврдување на причините и околностите на смртта, како и за откривање евентуален сторител и мотив.
Изворите наведуваат дека во ниту еден од двата случаи не било употребено огнено оружје. Според истите информации, постојат индиции за употреба на друг предмет при нанесувањето на смртоносните повреди, но засега нема официјална потврда за видот на предметот, ниту за точниот механизам на смртта.
Од Јавното обвинителство посочија дека засега не е утврдена поврзаност меѓу двата случаи.
„За да се утврди евентуална поврзаност мора да се открие кој е сторител“, велат од Обвинителството.
Неофицијалните информации се дека во станица било приведено лице, додека МВР соопштува само дека работи на случаите во континуитет.