Пишува: Свето Тоевски
МНЛД како гласен застапувач на националното, јазично, политичко и културно единство на Македонците

На документот за основање на МЛД се потпишани 19 Македонци, меѓу кои: Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски, Наце Димов Чуповски, Дијамандија Трпков Мишајков, Стефан Јакимов Дедов, д-р Гаврил Костадинов Тасев (по преселбата во Русија познат како Гаврил Константинович) итн.

Друштвото на почеток го носи патронатот на Свети Климент Охридски, а во Уставот од 1903 година името на Светите Кирил и Методиј. Прв привремен претседател бил Дијамандија Мишајков, а од почетокот на 1903 па до 1917 претседател е истакнатиот македонски деец Димитрија Чуповски. МНЛД како моќен гласник на македонската вистина останува во колективното помнење на македонскиот народ и во неговата национална историја како македонска интелектуална организација, која укажуваше на потребата за национално, јазично, политичко и културно единство на Македонците.
На 12 ноември 1902 година Македонското научно-литературно другарство испратило меморандум до руската влада, во кој биле искажани македонските национални интереси. Видни македонски историчари и научници аргументираат дека споменатиот меморандум е, всушност, прва македонска национална програма, во која се бара признавање на Македонците како посебен народ, со свој посебен јазик, црква и државни граници.

Проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска од Институтот за национална историја истакнува дека појавата на „Македонски глас“, како официјален орган и гласило на Македонското научно-литературно другарство (МНЛД), е една од најзначајните македонски периодични публикации, печатена од македонската емиграција од 9 јуни 1913 година до 20 ноември 1914 година под редакција на Чуповски. Според Ристовска-Јосифовска, расправите во списанието може да се анализираат како целосен израз на македонските гледишта. Таа нагласува дека редакцијата обjaвувала статии за Македонија и Македонците: историски и етнографски прегледи, политички анализи и акти, писма на читатели и дописници, како и страници со дела на македонски и руски поети и писатели. Во март 1913 година била објавена првата карта на етнографска Македонија (во колор), изработена од Чуповски, а поодделно во колор и на македонски јазик: „Карта Македонија по програма на македонските народници“.
„Македонски глас“ – орган на независна Македонија

Списанието „Македонски глас“ било уредувано од страна на редакцискиот совет на Македонската колонија во Санкт Петербург, Царска Русија. Издавач бил Димитрија Чуповски, а одговорен уредник И.П. Кулезнев. Како лозунг под насловната страница на првиот број биле објавени зборовите на Борис Сарафов: „Ние Македонците не сме ни Срби ни Бугари, туку просто Македонци. Македонскиот народ постои независно од бугарскиот и српскиот. … Бугарите и Србите нека не забораваат дека Македонија е само за Македонците“.
Бугарските политичари и „научници“ пласираат шовинистички фалсификати дека „македонски јазик не постоел пред 1944/1945“, а МНЛД уште во 1902 и 1903 го означува јазикот на македонскиот народ како македонски и го воведува како официјален во севкупната своја програмска активност и во писмените обраќања до европските сили преку меморандумите!
Покрај Македонците, како соработници на списанието се јавуваат и голем број Руси, како и припадници на некои од балканските народи. Во „Македонски глас“ биле објавени меморандуми, соопштенија и апели на Македонската колонија во Санкт Петербург, кои претставувале изразување на македонската мисла за обединувањето и ослободувањето на македонскиот народ, како и за создавање независна македонска држава.
И покрај противењето на другите балкански друштва во Русија, Советот на Санктпетербуршкото словенско братство го признало Македонското научно-литературно другарство како рамноправен член на Советот. На Македонците им биле дадени простории во кои друштвото одржувало редовни состаноци и советодавни седници. Во Русија почнале да се печатат весници, книги, брошури, летоци, кои ја објаснувале улогата, задачата и целта на Македонското друштво.

Била печатена и првата книга на современ македонски литературен јазик со фонетски правопис „За Македонцките работи“ од Мисирков, која по наредба на бугарската власт била запалена во Софија веднаш по печатењето.

Во својата обемна научна и книжевна дејност, во јасно составената македонска национална програма, Македонското друштво во Санкт Петербург за првпат го воведува македонскиот јазик и официјално во службена употреба (чл. 12 од Уставот на друштвото од 16.12.1903). МНЛД го издава првото научно-литературно списание на македонски јазик и правопис („Вардар“, 1905), изработува Карта на Македонија во етничките граници (1913), ги објавува историските меморандуми и други официјални акти со јасна македонска национална идеологија и ослободителна програма за зачувување на целоста на Македонија.

„Исполнувајќи ја нашата света должност кон нашата татковина и прифаќајќи го мотото ‘Македонија на Македонците’, протестираме и не можеме да останеме рамнодушни кога сојузничките балкански држави … се подготвуваат да ја распарчат нашата татковина која е на исто културно ниво како нив…“ – пишува македонската колонија во Санкт Петербург, предводена од Димитрија Чуповски и обединета околу МНЛД, во својот Меморандум од 13 март 1913 година, испратен до британскиот министер за надворешни работи Едвард Греј и до амбасадорите на Лондонската мировна конференција, протестирајќи против планираната поделба на Македонија од балканските сојузници. Таа барала Македонија да биде зачувана како независна држава во своите природни, географски, етнички и економски граници, под мотото „Македонија на Македонците“. Нов апел до балканските влади следувал на 7 јуни 1913 година.

Македонското научно-литературно другарство претставува еден од највисоко организираните и најмоќни интелектуални и национални крикови за слобода и зачувување на националната, идентитетска и јазична самобитност во историјата на македонскиот народ. Ова Другарство не беше обично здружение на македонски емигранти, туку бездруго прв институционален бедем на македонската посебност. Во време кога жестоките балкански пропаганди беснееја низ етничка Македонија, со цел нивните држави да ја распарчат во даден момент и да ги асмилираат Македонците, МНЛД зборува гласно средe Европа за македонската вистина, означувајќи ги македонскиот јазик и национален идентитет како посебни и самостојни историски творби и појави во Балканот, наспроти сите усилби на бугарската, грчката и српската државна пропаганда да ги избришат тој јазик и идентитет со древни корени во минатото и историјата.
(продолжува)