Германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ забележа нето-загуба од 5,82 милијарди евра во третиот квартал од оваа година. Ова е значително полош резултат во споредба со истиот период минатата година, кога загубата изнесуваше 1,07 милијарди евра. Како што пренесува Ројтерс, компанијата се соочува со пад на продажбата во Кина, царини од страна на САД и високи трошоци за реструктуирање.
Во периодот од јули до септември, „Фолксваген“ оствари приход од 75,3 милијарди евра – што претставува пад од 6,3 отсто во споредба со претходната година. Оперативната загуба достигна 5,86 милијарди евра, додека аналитичарите очекуваа загуба од приближно 2,6 милијарди евра.
Резултатите во Кина – еден од најважните пазари за „Фолксваген“ – се особено загрижувачки. Испораките на возила таму се намалија за 38,5 отсто во третиот квартал, паѓајќи на помалку од 406.000 автомобили.
На глобално ниво, испорача 1,89 милиони возила, што претставува пад од 14,3 отсто во споредба со истиот период минатата година.
Германскиот производител на автомобили веќе некое време се соочува со засилена конкуренција од кинеските производители, особено во сегментот на електрични возила. Дополнителен притисок доаѓа од американските увозни царини, како и од трошоците поврзани со транзицијата кон електрични погонски системи.
Соочен со сè потешки деловни услови, „Фолксваген“ спроведува обемна програма за реструктуирање.
Раководството претходно се согласи на намалување од околу 50.000 работни места, а на почетокот на септември беше одобрен план за укинување на дополнителни 50.000 работни места.
Како резултат на тоа, вкупниот број на работни места опфатени со планираните кратења би можел да достигне 100.000.
Иднината на четири германски фабрики – лоцирани во Емден, Цвикау, Хановер и Некарсулм – исто така останува неизвесна. „Фолксваген“ размислува за прекин на производството на автомобили во овие погони, доколку не се најде алтернативна намена за нив.
Резултатите на „Фолксваген“ дополнително ги илустрираат проблемите со кои се соочува европската автомобилска индустрија, која е под притисок од кинеската конкуренција, трговските бариери и високите трошоци за технолошка транзиција.