Министерството за финансии доцнело од 10 до 48 работни дена со исплатата на средствата за кредитната линија наменета за инвестиции и развој на приватните компании, утврдил Државниот завод за ревизија во конечниот извештај за управувањето со кредитната линија од унгарскиот кредит наменета за приватните компании и во целосно име: „Кредитна линија за финансирање на инвестиции и развој на приватни трговски друштва со средства од Договорот за задолжување од Буџет на Македонија“. Иако со договорот е предвидено Министерството да ги исплати бараните средства најдоцна во рок од 10 работни дена, ревизорите утврдиле дека доцнењето започнало кај четвртата транша, за мај 2025 година, и продолжило во наредниот период.
Според ДЗР, ненавремената исплата на средствата кон Развојната банка на Македонија може да влијае врз динамиката на реализација на инвестициите на компаниите што ги користат овие кредити. Затоа ревизорите препорачуваат Министерството за финансии да преземе мерки за навремено исплаќање на траншите. Во конечниот извештај, ДЗР заклучува дека активностите на Развојната банка во однос на правната рамка и управувањето со средствата се во согласност со релевантната законска и подзаконска регулатива, интерните акти и договорите во сите материјални аспекти. Доцнењето во префрлањето на средствата од Министерството за финансии е издвоено во делот за прашања од неизвесност.
Според податоците во ревизорскиот извештај, за кредитната линија биле одобрени кредити во вкупен износ од околу 14,26 милијарди денари или 230 милиони евра. Најголем дел од одобрените средства се однесуваат на средни и големи компании, додека малите компании имаат најголем удел според бројот на проекти.
Од вкупно 767 проекти, 455 се на мали компании, односно 59 отсто од бројот на проекти. За нив биле одобрени 3,56 милијарди денари, што претставува една четвртина од вкупниот износ. За 171 проект на средни компании биле одобрени околу 4,61 милијарда денари, односно 32 отсто од средствата. Големите компании имале 94 проекти со одобрени кредити од околу 4,72 милијарди денари, што е 33 отсто од вкупниот износ. На микро компаниите им биле одобрени 47 проекти во вредност од околу 1,36 милијарди денари, односно 10 отсто од средствата. Според претежната дејност на компаниите, најголем дел од одобрените кредити се наменети за производството.
За 281 производствен проект биле одобрени околу 6,29 милијарди денари, што претставува 44 отсто од вкупниот износ. Следуваат трговијата со 194 проекти и одобрени 3,50 милијарди денари, односно 25 отсто од средствата. Компаниите од транспортниот сектор имале 129 проекти со одобрени кредити од околу 1,45 милијарди денари, што претставува 10 отсто од средствата. За градежништвото биле одобрени околу 988 милиони денари за 63 проекти, додека за хотелите и угостителството биле одобрени околу 852 милиони денари за 37 проекти.
Во категоријата „Останато“ се наведени 63 проекти со одобрени кредити од околу 1,17 милијарди денари. Според видот на инвестицијата, најголем дел од средствата се однесуваат на градежни објекти и опрема. За градежни објекти биле одобрени околу 6,62 милијарди денари, односно 46 отсто од вкупниот износ, а за опрема околу 5,48 милијарди денари, или 39 отсто. За инвестиции во обновливи извори на енергија биле одобрени околу 1,60 милијарди денари, што е 11 отсто, додека за транспортни средства биле наменети околу 545 милиони денари, односно 4 отсто од средствата. За да провери дали средствата се одобруваат и управуваат во согласност со утврдените правила, ДЗР извршил увид во документацијата за одобрените проекти и нивната исплата.
Ревизијата опфатила 123 проекти во вредност од 7,33 милијарди денари. Тоа претставува 52 отсто од вкупно повлечените средства по одобрени проекти, кои во извештајот се наведени во износ од 14,08 милијарди денари. Опфатените проекти претставуваат 16 отсто од 752 одобрени проекти заклучно со февруари 2026 година, се наведува во извештајот. Дополнително, во периодот од март до април 2026 година биле одобрени средства за нови 15 проекти во вкупен износ од околу 167,6 милиони денари.
Развојната банка и банките-учеснички имаат обврска да ја контролираат наменската употреба на средствата. Банките треба квартално да ја известуваат Развојната банка за реализацијата на кредитната линија и, на нејзино барање, да овозможат увид во документацијата. Развојната банка, пак, проверува дали доставените барања ги исполнуваат критериумите во однос на намената, износот на кредитот, рокот на отплата и дозволените дејности за кредитирање. Вкупниот планиран износ на кредитната линија е 250 милиони евра во денарска противвредност. Условите предвидуваат максимален износ на одобрен кредит за еден корисник до 10 милиони евра во денарска противвредност, рок на отплата до 15 години, вклучително и грејс-период до три години, како и фиксна каматна стапка од 1,95 отсто. За одобрување и управување со кредитите не се предвидени надоместоци, а крајните корисници треба да обезбедат сопствено учество од најмалку 20 отсто од вредноста на инвестицијата.
ДЗР утврдил дека од февруари 2025 до март 2026 година Развојната банка доставила 14 барања за повлекување пари, по што биле повлечени средства во вкупен износ од 14.256.936.000 денари. Кај исплатите од Министерството за финансии, почнувајќи од четвртата транша за мај 2025 година, ревизорите утврдиле доцнење од 10 до 48 работни дена над договорениот рок. Во конечниот извештај е наведено и дека одговорните лица на Развојната банка не доставиле забелешки на нацрт-извештајот на овластениот државен ревизор.