Македонската музичка ѕвезда Давид Темелков вечерва во Скопје го промовира видеозаписот за својот најнов хит „Дом“, со кој пред два дена во Штип ја освои публиката на фестивалот „Макфест“.
Сестраниот млад уметник е автор на текстот, музиката и аранжанот на песната, како и сценарист и режисер на спотот во кој преку актерската виртуозност на Марија Кондовска и на Владо Јовановски ги преслика сопствените емоции кон родното огниште, за кое копнее додека ја гради својата кариера и во Хрватска.
Двата великана на македонското глумиште не ја криеја сопствената одушевеност од Давид, кој токму нив ги избра за главни ликови во неколкуминутната видеомагија со која ги почести своите обожаватели, за промоцијата да доживее кулминација со неговата уникатна интерпретација и на „Дом“, и на „Мојата Македонија“.
Видеото за „Дом“ е снимано на неколку локации во Македонија и во Хрватска и на најубав начин го најавува неговиот концерт на 11 ноември во „Творница културе“ во Загреб.