Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги извршила увид во емисијата „Под лупа“ емитувана на ТВ Алфа на 2 ноември 2026 година и остро ги осудува ставовите на Петар Богојески, претседател на партијата „Македонски Концепт“, со кои се релативизира и оправдува насилството врз жените и децата.
Емисијата, на тема „Распадот на македонското семејство: Меѓу насилството, разводите и судирот на традицијата и модерното време“, ги имаше како гости Богојески и адвокатката Катерина Котеска, специјализирана за семејно право и семејно насилство. По емитувањето, медиумскиот регулатор ги анализираше изнесените содржини и јавно го соопшти својот став.
Агенцијата најпрво нагласува дека секој учесник во јавна дебата, особено јавна личност, носи лична одговорност за ставовите што ги изнесува пред граѓаните и за пораките што ги упатува. Паралелно, улогата на професионалното новинарство е јасно дефинирана: да отвора прашања од јавен интерес, да овозможува аргументирана дебата и критички да ги преиспитува тврдењата, за јавноста да добие релевантни информации и самостојно да формира мислење.
Во конкретниот случај, регулаторот утврди дека новинарката што ја водеше емисијата постапувала согласно професионалните новинарски стандарди. Таа поставувала релевантни прашања, ги доведувала во прашање изнесените тврдења и барала дополнителни образложенија од соговорниците.
Сепак, централниот дел од соопштението е посветен на осуда на ставовите на Петар Богојески. Агенцијата оценува дека тој релативизирал и оправдувал насилство врз жените и децата, промовирал нивна подредена положба и се обидел таквите сфаќања да ги претстави како традиционални вредности.
„Ваквите пораки се неприфатливи и се во спротивност со основните принципи на почитување на човековите права, еднаквоста и човечкото достоинство“, наведува Агенцијата. Понатаму, јасно се истакнува дека насилството, понижувањето и нееднаквоста не се традиционални вредности и не можат да бидат оправдани под никаков изговор.
Особено е потенцирано дека е недозволиво физичкото насилство врз децата да се претставува како прифатлив начин на воспитување, како и насилството врз жените да се прикажува како нормален дел од семејните односи.
Со оваа реакција, медиумскиот регулатор испраќа јасна порака дека јавниот простор не смее да биде платформа за нормализација на насилството, дури и кога тоа се обидува да се завитка во плашт на „традиција“. Истовремено, Агенцијата ја поддржува улогата на новинарите кои критички ги преиспитуваат таквите ставови, наместо пасивно да ги пренесуваат.
Случајот повторно ја отвора дебатата за границите на слободата на изразување во јавни дебати кога станува збор за фундаментални човекови права, особено правата на жените и децата, и за одговорноста што ја носат јавните личности кога зборуваат пред пошироката публика.