Македонија

Новинарот Златев со апел до Воената академија да го преиспита ангажманот на Богојевски

Златев порача дека човек со такви ставови не треба да биде дел од образованието на идните офицери на македонската Армија

Уредникот на Радио Лидер, Љупчо Златев, упати јавен апел до раководството на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ да ја преиспита позицијата на универзитетскиот професор Петар Богојески, по неговите контроверзни изјави за жените, семејното насилство и потребата од „машки надзор“.

Во емисијата „Утринско еспресо“, Златев порача дека човек со такви ставови не треба да биде дел од образованието на идните офицери на македонската Армија.

Повод за реакцијата беа изјавите на Богојески во телевизиска дебата на националната телевизија Алфа, во која тој говореше за брачните односи, неверството и за феминизмот.

Богојески, кој е и претседател на политичката партија Македонски концепт, во дебатата тврдеше дека реакцијата на сопругот по неверство од сопругата претставува заштита на неговото достоинство, а не насилство. Тој исто така изјави дека феминизмот ги натерал жените да отфрлат секаков „машки надзор“.

Златев оцени дека ваквите ставови се неприфатливи, особено кога доаѓаат од универзитетски професор кој учествува во образованието на идните припадници на Армијата.

– Овој човек е професор. Овој човек е педагог. Овој човек ги образува идните офицери, идните генерали, идните капетани, идните војници на македонската армија. Тој е професор на Воената академија која го носи името на еден од најголемите македонски великани, Михаил Апостолски – рече Златев.

Тој нагласи дека прашањето не е само во индивидуалните ставови на Богојески, туку и во одговорноста на високообразовните институции кои ги подготвуваат идните офицери.

Златев најави дека ќе испрати и официјално обраќање до раководството на Академијата.

– Го повикувам деканот на Воената академија, ќе му упатам денеска имејлови, да ја преиспита позицијата на овој човек. Го повикувам Наставно-научниот совет на Универзитетот Гоце Делчев во Штип да преиспита дали ваков човек треба да ги образува идните офицери, идните генерали, идните борци за Македонија – порача Златев.

Според него, станува збор за прашање кое директно ја засега довербата на родителите и граѓаните во образовниот систем.

Петар Богојески во 2025 година беше избран во наставно-научно звање доцент во областа економија и бизнис на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје.

Најнови вести од: Македонија

Мелбурн ѝ се извини на македонската заедница за забраната на сонцето од Кутлеш

Градските власти на Мелбурн ја признаа грешката по независна анализа на одлуката со која македонските учесници беа спречени да го носат знамето на фестивалот Мумба. Во март годинава градот Мелбурн им наложил на македонските учесници на овој фестивал да го користат само државното знаме на Македонија.

Студентите се враќаат во „Кузман Јосифовски – Питу“, домот се отвора за еден месец

Владата и студентските претставници разговараат за промена на досегашниот начин на субвенционирање. Предложениот модел предвидува зголемување на месечната поддршка од досегашните 3.500 на 4.500 денари, воведување посебна дигитална услуга преку платформата „М-услуги“, како и дополнителни попусти при купување храна во вклучените угостителски и трговски објекти.

Македонија планира инвестиции од пет до шест милијарди евра во патишта и во железници

На форумот се разговараше и за примената на вештачката интелигенција и современите технологии. Николоски посочи дека со измените на Законот за јавните набавки се предвидува воведување дигитални алатки и решенија базирани на вештачка интелигенција за автоматизирано следење на постапките и откривање неправилности и ризици.

Силјановска-Давкова: Ние сме рекордери во промената на Уставот, за три децении 36 пати!

Уставот е закон над законите и најважниот општествен договор – истакна денеска претседателката Гордана Силјановска-Давкова на отворањето на научната конференција по повод 35-годишнината од осамостојувањето и донесувањето на првиот Устав на Република Македонија. Конференцијата е во организација на Собранието, ЈНУ Институт за национална историја и Државниот архив.

Христовски: Мала е опасноста од терористички активности во Македонија

„Мала е опасноста од од терористички активности во Република Македонија, каква што е подолго време наназад, и покрај глобалните трендови на зголемување.“ – изјави денеска директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски, откако беше запрашан за состојбата во Македонија, поврзано со повикот на американската амбасада во Бугарија до своите граѓани за внимателност во Бугарија.

„Рамковниот“ и „преспанскиот инженеринг“ на Уставот од 17 ноември 1991 со 36-те амандмани за 35 години целосно ја урнисаа македонската „уставна приказна“ (4)

Првиот устав на независна Македонија од 17 ноември 1991 година е од редот на така наречените „национални устави“. Во најголемиот број негови суштински елементи тој беше на исто ниво и содржински и во поглед на содржаните принципи како и 165 од вкупно 189 национални устави во светот. Во изминатите 35 години до денес извршени се осум пати дури 36 амандмански  интервенции во уставот, од што двапати во преамбулата, во 2001 и 2019 година:  никаде во ниеден устав на ниедна држава во светот не се вршени упаѓања во преамбула со амандмани. Ова што се случувало со македонскиот устав од 1991 година. по барање на Грција во 1992 година, потоа „рамковниот инженеринг“ во 2001 година и бришењето на националниот, асномски карактер на Македонија како држава, па „преспанскиот инженеринг“ и бришењето дури и името Македонија на државата со амандмани во преамбула, сето тоа доволно јасно говори каков е сегашниот устав. Тој е сега идентитетски обезличен, со избришана државотворност на македонскиот народ и на неговите врски со матичната држава, за која војувал, со присилно „ампутирани“ врски и со Македонците во соседните држави како тамошни малцинства.

To top