Полициски специјалци и истражители вршат претреси на повеќе локации во Куманово во врска со лица осомничени за организиран криминал.
Според неофицијалните информации, акцијата е насочена кон организирана криминална група за која постојат сомневања дека подолг временски период дејствувала на подрачјето на Куманово и пошироко, занимавајќи се со изнуда, лихварство и перење пари.
Според информациите до кои дојде Плусинфо, за организатор на групата се сомничи лице со прекар Штука, а во неа, наводно, членуваат и други лица од Куманово.
Под лупа на истражните органи се и нотарска канцеларија и менувачница, каде што се проверуваат можни поврзаности со криминалните активности што се предмет на истрагата.
Неофицијално, при досегашните претреси биле пронајдени парични средства, возила и документација што би можеле да бидат значајни за понатамошната истрага.
Акцијата следува по подолготрајна оперативно-истражна работа на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност, во координација со Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Засега нема официјални информации за бројот на осомничени лица, евентуални приведувања и точниот обем на запленетите предмети.