Македонија

Сопругата на Таравари предложена за доцент – другите кандидати отфрлени без причини ( ВИДЕО)

Комисијата не образложи зошто другите не ги исполнуваат условите

Кон крајот на октомври 2026 година, рецензентската комисија на Универзитетот „Мајка Тереза“ ја предложи Нора Таравари, сопруга на поранешниот министер за здравство Арбен Таравари, за избор во звање доцент од областа на европските интеграции. Од тројца пријавени кандидати, комисијата ја оцени како единствена што ги исполнува законските услови, без да образложи зошто останатите двајца – кои веќе предаваат на истиот универзитет – не ги задоволуваат критериумите.

Конкурсот беше објавен на 22 септември 2026 година, а рокот за пријавување траеше само три дена, до 25 септември. Кандидатите требаше да достават девет документи, меѓу кои и здравствено уверение.

И покрај краткиот рок, се пријавија тројца: Нора Таравари, Дениз Мемеди и Ќазиме Шерифи. Последните двајца имаат повеќегодишно искуство како надворешни предавачи токму од областа на европските интеграции.

Рецензентската комисија, составена од Фати Исени (Универзитет „Мајка Тереза“), Абдула Азизи и Етем Азири (Универзитет на Југоисточна Европа), во билтенот бр. 88 констатира:

„Комисијата ги прегледа поднесените пријави на тројцата кандидати и констатира дека единствено кандидатката д-р Нора Таравари ги исполнува општите услови за избор во наставно-научни звања согласно Законот за високо образование, со акцент на чл. 166 став 1 точка 2 од Законот за високо образование.“

Во рефератот нема ниедно образложение зошто другите кандидати се отфрлени. Потоа следуваат само квалификациите на Таравари.

Ќазиме Шерифи поднесе опширен приговор на 11 страници. Во него, меѓу другото, бара:

„Барам наставно-научниот совет да ги прибави и да ми ги достави на увид да ги разгледам актите за избор во наставно-научни звања на членовите на Комисијата и да утврди дали најмалку двајца од тројцата членови се избрани во истата научна област за која е распишан конкурсот.“

Таа особено ја критикува отсутноста на образложение:

„Доколку комисијата сметала дека не исполнувам определен законски услов, била должна да наведе кој услов не е исполнет, кои конкретни факти ги утврдила и врз основа на кои докази го заснова својот заклучок… Како единствено конкретно наведена законска основа за исклучување на мојата кандидатура, комисијата го посочува член 166 став 1 точка 2 од Законот за високо образование кој се однесува на стекнат научен степен доктор на науки од научната област за која се врши изборот. Сметам дека ваквиот закчучок е нецелосен и необразложен.“

Во одговорот на комисијата се појавуваат само просеците на предложената кандидатка:

„Кандидатката д-р Нора Таравари има завршено додипломски студии по право на Факултет за правни и политички науки на Универзитетот ФОН со просечен успех 8,82, како и магистерски студии по европска интеграција на УКИМ со просечен успех 8,75.“

Дениз Мемеди не успеал да поднесе приговор поради итни семејни обврски, но во изјава за „360 степени“ посочи:

„Согласно член 173, точка 8 од Законот за високото образование, комисијата има обврска да изготви писмен извештај за сите пријавени кандидати, при што треба да ги оцени достигнувањата на секој од нив. Во конкретниот случај, оценет е само еден кандидат, додека двете други апликации се заобиколени. Убеден сум дека надлежните органи на Универзитетот ќе ги утврдат пропустите и ќе ја вратат постапката на повторно разгледување, со цел сите кандидати да бидат оценети под еднакви услови и според исти критериуми.“

Од Ректоратот на Универзитетот „Мајка Тереза“ соопштија:

„Ве известуваме дека постапката на избор по наведениот конкурс се уште е во тек, односно надлежните органи се уште немаат донесено конечна одлука за избор на кандидат. По завршувањето на постапката и донесувањето соодветна одлука од страна на надлежните органи, ќе бидеме во можноста да Ви доставиме подетални информации и одговори на поставените прашања.“

Ќазиме Шерифи веќе доставила жалба до Сенатот на Универзитетот, барајќи преиспитување на целокупната постапка и формирање нова комисија.

Случајот доби и политичка димензија откако пратеничката од ВЛЕН, Саранда Имери Стафаи, на Фејсбук напиша:

„Според јавните податоци, ова е кандидат без претходно високообразовно искуство… Ако ова е стандардот за ‘меритократија’ и ‘принципи’ што ни ги проповеда Таравари, тогаш се чини дека критериумите се промениле. Толку од меритократијата. Толку од принципите.“

Најнови вести од: Македонија

To top