Бизнис

„Екс-ју авиејшн“: Скопскиот е најбрзорастечки меѓу аеродромите во поранешна Југославија

Само во мај, Скопјe забележа зголемување од 28,6 проценти во бројот на патници, опслужувајќи 355.929 патници

Дваесет и еден комерцијален аеродром во поранешна Југославија со редовен патнички сообраќај опслужија 13.105.289 патници во периодот јануари-мај годинава. Оваа бројка претставува зголемување од 1.074.294 патници во истиот период минатата година,  а Македонија беше најбрзорастечкиот пазар во поранешна Југославија, со додадени 375.766 патници во текот на првите пет месеци од годината – пишува порталот „Екс-ју авиејшн“.

Како што посочуваат, аеродромот во главниот македонски град е најбрзорастечкиот  во регионот, опслужувајќи дополнителни 360.589 патници во споредба со истиот период минатата година.

– Само во мај, Скопјe забележа зголемување од 28,6 проценти во бројот на патници, опслужувајќи 355.929 патници. Растот е поттикнат од широката експанзија на „Виз Ер“ во земјата – се вели во објавата.

Според податоците на „Екс-ју авиејшн“, Белград остана најпрометниот аеродром во поранешна Југославија, додавајќи 255.376 патници во периодот јануари-мај и покрај тоа што, наведуваат, се соочи со неколку пречки, вклучително и намалувањето на услугите од страна на авиокомпаниите од Блискиот Исток, меѓу кои и една од најпрометните авиокомпании, Флајдубаи.

– На другите места, по неколку години силен раст на патници, Приштина забележа намалување на бројките. Само во април, бројот на патници се намали за 4 проценти на годишно ниво. Се очекува аеродромот да се соочи со дополнителен притисок во наредните месеци поради значително намалување на фреквенцијата и намалување на мрежата од страна на неговиот најголем авиопревозник, GP Aviation. Во меѓувреме, помалите хрватски крајбрежни аеродроми беа погодени од суспензијата на домашните летови од Обврската за јавна услуга (PSO) што ги извршува Trade Air, откако хрватската влада не успеа да го започне тендерскиот процес за нов четиригодишен договор за домашни услуги во рамките на потребниот временски рок. Јавен повик сè уште не е објавен, но Trade Air најави продолжување на домашните летови до средината на јули – пишува „Екс-ју  авиејшн“.

Скопскиот и охридскиот аеродром во првата половина од годината превезоа речиси два милиона патници, а надлежните институции очекуваат двата аеродроми годинава да ја завршат со над 3,5 милиони патници и оти набргу ќе имаат и 4 милиони.

– Како резултат на владините политики во авиосообраќајот и отворените 28 нови авиолинии, скопскиот и охридскиот аеродром се најбрзорастечки во своите категории во регионот – изјави минатата недела вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Во периодот од јануари до јуни, двата македонски аеродроми опслужија вкупно 1.955.648 патници, што претставува раст од 28 проценти во однос на истиот период минатата година. Во истиот период беа реализирани 13.167 летови од двата аеродроми, односно 7,6 проценти повеќе споредено со првите шест месеци од 2025 година. Само во јуни, скопскиот и охридскиот аеродром заедно имале за 15,6 проценти повеќе патници (374.714) во однос на истиот период лани.

 

Најнови вести од: Бизнис

(Фото): HELLENiQ ENERGY ја пушти во употреба првата батериска постројка за складирање струја во Солун

Еден од најголемите системи за складирање електрична енергија во батерии во Грција и Југоисточна Европа е пуштен во употреба од страна на HELLENiQ ENERGY во индустрискиот комплекс на Групацијата во Солун. Со инсталирана моќност од 100 MW и капацитет за складирање од 200 MWh, проектот, вреден околу 50 милиони евра, претставува значаен чекор во развојот на капацитетите за складирање енергија во регионот.

Многу македонски компании ќе учествуваат на најголемата саемска манифестација во светот – Експо 2027

EXPO 2027 одржи од 15 мај до 15 август, темата на големата светска изложба е „Игра за човештвото: Спорт и музика за сите“ и ќе обедини учесници од повеќе од 140 земји од светот

Гувернерот Славески со македонскиот тим од Меѓународната економска олимпијада

Народната банка, како дел соработката со Сојузот на математичари, четврта година по ред учествува во подготовките на македонските средношколци за учество на Меѓународната економска олимпијада, преку стручни и едукативни активности од областа на економијата, финансиите и банкарството.

„Алкалоид“ со 23. учество на водечкиот глобален фармацевтски настан CPHI

Продолжува традиционалното присуство на „Алкалоид“ на една од водечките глобални платформи во фармацевтската индустрија, со фокус на продлабочување на меѓународните партнерства, следење на најновите индустриски трендови и отворање нови можности за развој.

To top