Бизнис

Собраниска кавга – За опозицијата буџетот не ја отсликува економската реалност, за власта тој е одраз на визија

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Малиша Станковиќ, на седницата на Собранието изјави дека Буџетот за 2026 година е изграден врз реални економски показатели, а проектираните приходи се „целосно остварливи“. Според него, очекуваното зголемување на приходите се должи на подобрената наплата на царини и концесии, како и на засилените активни мерки за вработување, кои бележат рекорден интерес кај граѓаните.

Со серија меѓусебни обвинувања помеѓу пратениците од власта и опозицијата, како и критики во врска со економските политики, степенот на реализација на капиталните инвестиции и третманот на ранливите категории граѓани, во Собранието продолжи 73. седница на која се расправа за Предлог-буџетот за 2026 година.

Во своето обраќање пратеничката од редовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Сања Лукаревска, презентирајќи ги забелешките за Предлог-буџетот за 2026 година оцени дека официјалните бројки не ја отсликуваат целосно реалната состојба на пазарот, нагласувајќи дека поскапувањата продолжуваат да го притискаат семејниот буџет на граѓаните.

Нагласи дека економската реалност е почувствувана најмногу од граѓаните и посочи на ниската реализација на капитални инвестиции повикувајќи се на информациите објавени на веб-страницата на Министерството за финансии.

  • Инфлацијата од 4 проценти во ноември, велите, цените на мало пораснале за 3 проценти. Значи, ако некој од овде во салата не бил во маркет, тоа е негов проблем да види дека цените постојано галопираат. Во делот на реализација на капитални инвестиции, ако ние лажеме, веб-страницата на Министерството за финансии не лаже. Таму стои каква е реализацијата на капиталните расходи, рече Лукаревска.

Според неа, извештаите покажуваат сериозни задоцнувања во спроведувањето на голем број планирани инфраструктурни проекти и дека Владата не успева да ја реализира капиталната компонента на буџетот согласно проекциите. Како аргумент го наведе и проектот „Бехтел и Енка“, за кој, како што рече, претходно имало обвинувања за сомнителни постапки, а неколку години подоцна сѐ уште се дискутира за реалните километри изведена работа.

  • Рековте дека го читате и извештајот на Европската комисија, меѓутоа да не го читаме половично. Реални километри од проектот Бехтел и Енка, оној истиот за кој велевте дека е криминален, а за капитални проекти, мислам дека сите се сеќаваат на најголемиот „Скопје 2014“ … Избегнувате да одговорите на прашањето кога ќе се зголемат платите, минимална и просечна, бидејќи во регионот сме последни. Имаме ново задолжување од 1,7 милијарди евра, а јавниот долг галопира, рече Лукаревска.

На обраќањето од Лукаревска, реплицираше пратеничката од владејачкото мнозинство Билјана Кузмановска, која на тезите од опозицијата возврати со „наместо да критикувате треба да застанете исправено и да ѝ објасните на јавноста зошто ја доведовте Република Македонија до ова дереџе“.  Понатаму, таа се осврна кон политиките за студентите и ја обвини опозицијата дека ги изневерила очекувањата на младите, за што, според Кузмановска, граѓаните веќе пресудиле за работата на опозицијата.

  • Ги излажавте студентите за ваучерите, им ветувавте, а потоа кажавте дека немало пари. А сега може да има пари. Оваа Влада ќе додели 55.000 ваучери; досега се доделени 33.682 ваучери со вредност од 15.300 денари, затоа што знае дека младите не се статистика, туку приоритет во оваа држава, рече Кузмановска.

Со критика кон претходната власт, пратеничката ја отвори и темата за пензискиот систем посочувајќи дека пензиите во минатото пораснале само 180 денари.

  • Велите дека се појавува дупка во Пензискиот фонд. Па вие ги излажавте пензионерите. Во ваше време им велевте дека пензиите максимум можат да порасенат 180 денари годишно. 180 денари за цела година. Со тој раст пензионерите тогаш можеа само кафе да си купат, и тоа ако е на акција, рече Кузмановска, посочувајќи дека за година и пол со сериозна и одговорна политика, пензиите се зголемени за седум илјади денари.

Според пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јамалов, Буџетот за 2026 година не е само бројка туку одраз на визија, стратегија и одговорност кон граѓаните и идните генерации, посочувајќи дека истиот е насочен кон стабилност, раст и развој.

  • Со реален раст на БДП од над 3,8 проценти, со намалување на инфлацијата и одржливо ниво на јавен долг, државата покажува дека води стабилна и одговорна фискална политика. Особено важно е што капиталните инвестиции понатаму остануваат еден од најсилните столбови на овој Буџет. Се инвестира во модерни патишта, железничка инфраструктура, енергетска ефикасност и регионален развој, појасни Јамалов.

Во Буџетот за 2026 година, Јамалов рече дека посебно внимание е посветено на земјоделството, локалниот развој и рамномерната распределба на средствата, со што секоја општина и секој регион ќе имаат можност да учествуваат и придонесуваат во заедничкиот развој на државата. Вака концепираниот Буџет за 2026 година, Јамалов заклучи дека ја потврдува определбата на Владата за фискална дисциплина, отчетност и транспарентност, стабилни јавни финансии и јасна насока кон европскиот економски модел на развој.

Пратеникот од редовите на Европскиот фронт, Сали Мурати, пак, рече дека по детална анализа на Предлог-буџетот за 2026 година и по одбивањето на 100 амандмани од Европскиот фронт, одговорно тврди дека Буџетот е нереален, фиктивен, селективен и дискриминаторски кон заедниците, особено кон турската заедница.

  • Планирани се приходи од 374,9 милијарди денари, а расходи од 414,2 милијарди денари, што резултира со дефицит од околу 40 милијарди денари или 3,5 проценти од БДП. Овој дефицит е за половина процент над она што е дозволено со нашите фискални правила, кои дозволуваат до 3 проценти. Имаме 3,5 проценти, а според европските критериуми разликата е 1 процент. Но, тоа не е најлошото во овој буџет. Најлошото е што овие бројки се изградени врз нереални основи. Владата проектира раст на даночни приходи од 6 проценти, при што приходите од данок на добивка треба да пораснат фантастични 14,1 проценти, рече Мурати и праша кои се тие компании кои што ќе остварат таков профит во услови на глобална економска и енергетска криза.

Пратеникот од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Малиша Станковиќ, истакна дека буџетот е изготвен врз основа на реални економски  показатели и дека проекциите на приходната страна се остварливи. Станковиќ посочи дека  растот на планираните приходи е резултат на подобрена наплата на царини и концесии како и на позитивните трендови кај активните мерки за вработување.

  • Првата работа околу буџетот кога го анализираме и гледаме треба да ја видиме  приходната страна, значи се предвидува еден буџет од 374,9 милијарди денари и е за 6 проценти поголем од средствата кои предвидела државата да ги собере во буџетот во  2025 година. Сметам дека овие средства се реални да се соберат, земајќи ја во предвид 2025 година, каде што имавме сериозно зголемување на наплатата на царини, концесии, пред неколку дена се случи една позитивна вест а тоа е видовме каков е интересот на граѓаните за сите оние мерки кои ги предвидува Владата  за самовработување, 6045 апликанти тоа значи дека во наредната 2026 година по основ на вработување можеме да очекуваме поголеми приливи, тоа ни дава за право дека овие средства кои ги предвидува Владата на Република Македонија се остварливи, рече Станковиќ.

Нагласи дека Владата активно работи на сузбивање на сивата економија, истакнувајќи дека се спроведуваат активности со цел да се намали загубата на јавни приходи и да се зголеми финансиската дисциплина.

  • Втората работа, веќе се работи сериозно на намалување на  сивата економија, огромни средства од 600 до 700 милиони евра на годишно ниво се одлеваат на сивата економија. Мораме да ја сузбиеме сивата економија и оваа Влада прави сериозни напори за сузбивање на сивата економија. Првата работа воведувањето на е-фактурата е една од тие мерки којашто ни овозможува да ја контролираме сивата економија во државата. Второ институциите почнуваат да даваат резултати, вели Станковиќ.

Собраниската расправа ќе продолжи утре во 11 часот во големата пленарна сала „Македонија”.

Најнови вести од: Бизнис

Се доближуваме до целта – Македонија да стане извозник на струја

Според ВМРО-ДПМНЕ, со новите законски решенија се отвора можност за намалување на цената на електричната енергија за домаќинствата за 5 до 10%, а со преземените мерки за субвенционирање на електричната енергија, директно се заштитува стандардот на граѓаните и се спречуваат ценовни шокови за домаќинствата.

Родот стои, а купувачи нема – расте бојот на земјоделци кои продаваат директно од нива

Домашните земјоделци повторно се соочуваат со проблемот каде и како да го продадат произведеното овошје и зеленчук. Наместо производите да стигнат до маркетите, дел од производителите ги нудат директно од нивите, бидејќи откупот и пласманот остануваат неизвесни. Проблемот со пласманот и цените со години е една од најголемите грижи за земјоделците во земјава.

Новите инвестиции доказ дека Македонија е сè поатрактивна за вложување на капитал

ВМРО-ДПМНЕ посочува дека новите ифабрики и странски инвестиции се потврда дека со политките на Владата Македонија станува сè поатрактивна за инвестирање. „Брејнчајлд“ и „Магна Мехатроникс“ веќе почнаа со работа, а „Амфенол“ и „Гемтерм“ најавуваат нови вработувања, се наведува во соопштенето заедно со бројки за вредноста на инвестициите и новите работни места.

Прометот на Македонска берза падна за 53,78%, „Алкалоид“ со најголем раст

И покрај послабата берзанска активност, акциите на „Алкалоид“ забележаа најголем неделен раст од 9,37 отсто. Позитивно движење имаа и „Гранит“, со раст од 2,6 отсто, како и „Македонски Телеком“, чии акции поскапеа за 2 отсто.

АД ЕСМ ќе купува јаглен од косовската КЕК во следните три години

АД ЕСМ  согласно владина одлука,  потпиша стратешки договор со косовската државна енергетска корпорација КЕК за експлоатација на околу три милиони тони јаглен од рудникот Обилиќ во наредните три години по гарантирана фиксна цена од 24, 4 евра за тон, соопшти компанијата. Договорот официјално го потпишаа генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, и генералниот директор на КЕК, Грамос Хашани.

To top