Колумни

Алхемичарот Али и Бадентер – Пишува Роберт Димитриевски

Лидерот на ДУИ пред Конгресот требало да сврати во Државниот завод за индустриска сопственост за да си ги патентира идеите

Што на бабата ѝ било мило, тоа ѝ се сонило. Ете така „баба“ Али ја замислува демократијата.

Влада да се формирала со Бадентерово мнозинство, за да имала двоен легитимитет и реално да ги претставувала сите заедници, ќе посака лидерот на ДУИ од партискиот конгрес.

Со Бадентер да се одлучувало и во Уставниот суд, односно законите усвоени со Бадентерово мнозинство да не можело да бидат поништени од судот задолжен за заштита на највисокиот законодавен акт без исто такво мнозинство.

И трето, почесниот доктор на Државниот универзитет во Тетово бара децентрализација и трансформација на локалната самоуправа, со крајна цел финансиска независност на општините.

Пред да дојде на Конгресот, Ахмети требало да сврати до Државниот завод за индустриска сопственост. Вакви генијални идеи какви што изложи пред највисокиот орган на партијата од Мала Речица заслужуваат да бидат заштитетни. За да мора да (му) плати некој друг што би дошол на идеја да ги употреби.

Каде се чуло и видело во унитарна држава Влада да се формира со двојно мнозинство? Демек, требало да имаш мнозинство пратеници во Собранието, но и мнозинство кај припадниците не немнозинските заедници меѓу народните претставници?!

Бог да чува и голман да брани! Ако така се избираше влада, ич да не се оди на избори. Нека се договорат „племенските поглавици“ и завршена работа. Нема потреба од скапи предизборни кампањи, избирачки одбори и надоместоци за нив, државна изборна комисија, управни судови за решавање по евентуални жалби за изборниот процес.

Со еден удар две муви ќе се отепаат. И волкот (Али) сит, и овците (буџетот) на број. Просто к’о грав. Само треба да ти текне…

Чуму ѝ е на Македонија и Уставен суд? Она што „поглавиците“ ќе го изгласаат како закон во Парламентот со Бадентер, ќе се исклеса во камен и – крај на приказната. А бе ако сакаат ќе донесат закон и дека Сонцето се врти околу Земјата, а не обратно, што им можеш? Само да е со Бадентерово мнозинство и можеш да им плукнеш под прозорец.

Ингениозно му е на Алита и она со финансиската независност на општините. Нема што централната власт да прибира даноци и на локално ниво, општините сами ќе си ги собираат и трошат парите. И толку многу ќе насоберат што ќе градат и автопати, брани, железнички тунели, болници, стадиони и што уште не. А бе и полиција, и војска, и здравство, и образование, и култура, и спорт ќе си финансираат, што ќе ти е држава?

А потоа некои општини ќе си се спојат, ќе се окрупне територијата и оп – Илирида?! Или Јужно Косово, Источна Албанија, сеедно. Без испукан куршум. Во оазата на мирот, разбира се. Нели Али?

Не е можно? Па и не е. Единствената политичка понуда дваесет и кусур години некому да му биде само и исклучиво да игра на националистичка карта. Едно те исто од 2001 наваму.

Никаква економска програма, од која фајде би имале и неалбанците. Никакви предлози за заштита на животната средина или за решавање на проблемот со аерозагадувањето, иако проба да глуми и „зелен“ не толку одамна. Никакви идеи за подобрување на состојбите во судството, во енергетиката или во сообраќајот, на пример.

Арно ама, не поминува веќе имитирањето големоалбанство кај Албанците. И тие, како и Македонците и сите останати во оваа држава, фатија џаде оттука по белиот свет токму поради продавањето магла и удирањето „у грудима јуначкима“ на разни алиевци и слични нему.

Луѓето сакаат подобар живот, сеедно од која националност е тој што ги донесува одлуките. Како што мудро ќе заклучи и архитектот на модерна Кина, Денг Сијаопинг: „Не е важно дали мачката е црна или бела, сè додека фаќа глувци“. За да се сфати тоа не е потребно Бадентерово мнозинство…

 

 

 

 

 

 

 

Најнови вести од: Колумни

Делото на Стале Попов – трајно книжевно сведоштво за опстојувањето и непокорот на Македонците и Македонија

„Македонскиот народ го подготвуваше својот запишувач Стале Попов со сите свои маки, радости и страдања, со сите свои напластени животни искуства низ времињата. А Стале Попов создаде разновидно книжевно дело за тој свој народ, една голема македонска книга на легенди и преданија, на обичаи и магии, на песни и ора, на тажалки. Тој создаде голема македонска книга и на долгите ропства и непрестајните бунтови, на победите и поразите, на отпорот и непокорот на македонскиот народ. За цело време Попов како да пишуваше само една единствена книга, можеби една од најмакедонските книги, која има име: Македонија“. – вака вдахновено има кажано академик Георги Старделов за Стале Попов, еден од најзначајните писатели во македонската книжевна историја, за авторот на романите со висока и трајна вредност „Крпен живот“, „Толе Паша“, „Калеш Анѓа“. Денес, на 10 март се навршуваат 61-на година од смртта на овој знаменит деец на македонската книжевна реч и воопшто на македонскиот јазик и ова е соодветна пригода за повторно навраќање на неговиот плодотворен живот и творештво.

„НМ“: Македонија треба да изгради меѓународно „Правно досие за ништовност“ на „Преспанскиот договор“ како криминално изнуден акт (3)

Весникот „Нова Македонија“ во својата анализа со наслов „Како документот на ЦИА го урна легитимитетот на Преспанскиот договор“ го анализира, исто така, и прашањето: пред кои тела Македонија може да ја оспори Преспанската спогодба?

„Н.М“: Грција го „купи“ името „Македонија“ од инсталираната власт со коруптивен „Преспански договор“, што ја урива неговата легитимност! (2)

Весникот „Нова Македонија“ во својата анализа од 6 март 2026 година со наслов „Како документот на ЦИА го урна легитимитетот на Преспанскиот договор“ пишува дека коруптивните механизми не се само теоретска претпоставка, туку долгогодишна стратегија во спорот за името Македонија. Ова го потврдуваат и неодамна декласифицираните документи на американската централна разузнавачка служба (ЦИА). Според документ на ЦИА од 6 ноември 1992 година, објавен во нивната дигитална библиотека (ФОИА) во јануари оваа година, уште на почетокот на независноста постоел обид за директно „купување“ на името. Во извештајот јасно е наведено дека тогашниот претседател Киро Глигоров одбил понуда од грчки функционери во висина од 100 милиони долари финансиска помош, како услов за промена на името на државата.

Четири додавки во името на македонската држава и промена во „Северна Македонија“ спротивно на историските и политичките околности (1)

Во повоената политичка историја имало неколку додавки во името на македонската држава Република Македонија, кое е, пред сѐ, генеричко, а дури потоа уставно име. Додавките се вршеле, пред се, заради одразување на карактерот на тогашното државно уредување.  Што значи дека во строга правно-терминолошка смисла не се работело за менување на името Македонија. Промената во „Северна Македонија“ , согласно со „Преспанскиот договор“ е промена на името на македонската држава, прва извршена во нејзината повоена политичка и државно-правна историја.

To top