Колумни

Безбеден град, безбеден паричник – Пишува Роберт Димитриевски

Целта ги оправдува средствата е најголемиот адут на системот за набљудување и за регистрирање сообраќајни прекршоци

Се крена кука и мотика против „Безбеден град“ уште во првиот ден од едномесечниот период за тестирање на системот за набљудување и за регистрирање сообраќајни прекршоци. Старо, младо, машко и женско на нозе се кренало против долго најавуваната мерка за намалување на самоволието, аздисувањето и свесното доведување во опасност на другите учесници во сообраќајот. Пискотници се слушаат од Галичник до Река од најголемиот број „среќници“ што добија „честитка“ од Министерството за внатрешни работи веќе во првите 24 часа од примената, во која камерите детектирале неверојатни 110.000 прекршоци!

Мал дел од изненадените и навредени со опомените до некаде имаат право. Казни за пречекорување на дозволената брзина од еден, два или три километри на час, едноставно, се престроги за град со сообраќајна инфраструктура како Скопје. Таков вид швајцарска прецизност и англиска педантност би дошла на ред кога и во главниот град на Македонија ќе има улици како во Лондон или во Цирих, со беспрекорна хоризонтална и вертикална сигнализација, без дупки и избледени линии на коловозот, а возачите би имале стандард за да возат нови автомобили со максимално прецизни уреди за мерење на брзината на движење.

Кога и во Скопје би функционирал непречено т.н. зелен бран, па со малку под 50 км/ч би се „фаќал“ секој семафор по патеката на движење, тогаш не би ни имало потреба да се побрза за да не се затвори наредниот семафор. А за такво нешто ќе мора да се погрижи токму полицијата, која често ги исклучува семафорите за да помине некој многу важен, а потоа „заборава“ да го врати зелениот бран.

Што правиме со прекршоците предизвикани од пешаци? Кој и како нив ќе ги казни ако не може да им се утврди идентитетот со снимката од камерата, а поради нивното однесување некој во дел од секунда реагирал инстинктивно и направил прекршок?

Наспроти неколкуте аргументи за размислување за несовршеноста на „Безбеден град“, многу повеќе се тие што ја поткрепуваат употребата на овој систем. Прво и основно, тој не е нешто ново, туку одамна применета метода за дисциплинирање на возачите во развиените земји, а од пред извесно време функционира и во соседството. Па, ако некој може да внимава како вози во Белград, Софија, Сараево, Загреб, да не зборуваме за западна Европа, зошто не би можел и тука?

Агресивното возење, вршењето притисок врз другите што ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, намерното забрзување и престигнување таму кадешто знаците изричито го забрануваат тоа (пред патарина, граничен премин) за да се биде прв, свирењето некому што не тргнал на семафор како на Формула 1, непочитувањето на правото на предимство на раскрсница или во кружен тек, претекнувањето на полна линија поради незадоволство од бавноста на тој пред себе, блендирањето, гестикулирањето и заканите до друг возач што на „пуританецов“ не му е по волја се само дел од овдешниот сообраќаен фолклор.

Поради ваквото и слично однесување, МВР само во 2024 година забележало 8.457 сообраќајни незгоди, во кои загинале 142 лица, а 7.156 биле повредени! Секој загубен живот или добиена повреда во сообраќајот е многукратно потешко за прифаќање од проста причина што огромниот процент од нив можеле, а не биле спречени.

„Безбеден град“ е една од алатките за ублажување и за сведување на оваа статистика во подносливи граници и токму поради тоа заслужува поддршка. Да, во овој тест-период до Нова година може и треба да се отворат сите аспекти на неговата примена, да се прифатат конструктивните и добронамерни забелешки и системот да се подобри, но од 1 јануари повеќе не смее да има толеранција. И на тоа мора да се опстои, без разлика на политичката цена што ќе мора да се плати, зошто од некаде мора да се почне. Никој, па ни Македонија, нема отповеќе граѓани за губење или за повредување по улиците.

Голем беше отпорот и против воведувањето на забраната за пушење во јавни објекти, па со тек на време се сфати дека е во интерес на здравјето на граѓаните, пред да се појави пренајпаметниот несуден муртински нобеловец и прво што направи кога дојде на власт е нејзиното укинување. За денес и тие што од почетокот мрчеа за прогонот на цигарите од угостителските објекти со носталгија да ламентираат колку таа мерка била добра.

Без мака и одрекување, нема напредок. Со „безбеден град“ се афектирани огромен дел граѓани, па огромни се и ќе бидат реакциите. Ќе им треба време на сите да се прилагодат и да почнат да си ги менуваат лошите навики, првенствено во тајмингот на тргнување некаде со возило. Но, безбели и ним им е јасно дека е неспоредливо полесно да се навикнат на ова отколку на останувањето без драга личност што прерано го завршила животот во или под возило.

Најнови вести од: Колумни

Ајде да им простиме на најдобрите меѓу нас – Пишува Драган Милосављевиќ

Мислам на писатели, актери, режисери, музичари, сликари, спортисти, научници чијшто успех не само дома туку и надвор е општо познат и признаен, но нивната репутација во ова општество е сериозно упропастена поради овие или оние причини

Коле Неделковски, поетот-револуционер, чиј глас одекнува силно и денес – 113 години од раѓањето

Коле Неделковски е човекот, кој ја откри заборавената книга „За македонцките работи“, член на Македонскиот литературен кружок од Софија, афирматор на македонскиот јазик во литературата и убеден антифашист. На денешен ден, на 16 декември 2025 година се навршуваат 113 години од неговото раѓање и ова е соодветна пригода за ново навраќање кон творештвото и овој македонски национален и поетски деец, кој соработувал со Никола Вапцаров и Кочо Рацин. Неговата бележита песна „Глас од Македонија“ е една од најпознатите револуционерни песни во во македонската книжевност. Таа е една од најпознатите револуционерни песни во македонската книжевност, како тревожен поетски глас за неразбраното македонско минато, за македонската вистина. Творештвото на Неделковски се карактеризира со употреба на македонскиот говор особено видливо во неговите збирки „Молскавици“ и „Пеш по светот“. Литературното дело на Коле Неделковски иако е скромно и по обем и по квалитет, сепак е мошне значајно. Основниот белег на  неговата поезијата е влијанието на народната поезија, а мотивите најчесто му се патриотски, исполнети со лиричност. Тој е еден од најреволуционерните поети во македонската литература. Коле Неделковски е поет-револуционер чиј глас сè уште одекнува силно и во оваа македонска сегашност.

Конески, генијот-посветеник на Македонската идеја, и неговиот аманет Македонците да си го вардат јазикот, својата „единствена неподелена татковина“

Блаже Конески (Небрегово, 19 декември 1921 – Скопје, 7 декември 1993), генијот на македонската поезија и проза, академик, книжевен историчар, филолог и јазичар, творец на „Македонската граматика“, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје, е еден од кодификаторите на современиот македонски книжевен јазик. Денес се навршуваат 92 години од неговата смрт и ова е пригода за ново навраќање кон неговото неизмерно книжевно и научно творештво, на неговата личност и кон непресушните врутоци на неговите јазични, поетски и национални посланија и завештанија до денешново и сите наредни македонски поколенија дека токму јазикот е она, што нѐ прави како македонски народ, различен од сите други народи во Балканот, Европа и светот. Во последната, претсмртна статија „Една ситуација и едно лично становиште“ Конески ќе истакне: „Денешниот однос на бугарските раководители спрема нашиот јазик има свои длабоки корења во теоријата на великобугаризмот. Можеше ли оформувањето на нашиот јазик да биде појава случајна, дури измислена? Се разбира дека не можеше. Но, македонскиот јазик, и покрај сите викотници против него, од каде и да идат тие, постои, се развива и станува јазик на сѐ побогата литература, станува јазик, на кој што културните придобивки на човештвото му се присвојуваат на еден народ, досега потиснат во мракот на ропството. Добро кажува арапската пословица: ‘Пците лаат, карванот си мине!“

Нацрт-заклучоците на Советот на ЕУ за промената на македонскиот устав ги кршат резолуциите на ООН и Договорот од Мастрихт, затоа се ништовни

Советот на ЕУ ја повикува Македонија да изврши промена на својот Устав во согласност со „Добрососедскиот договор“ со Бугарија и протоколите кон него, Преговарачката рамка и „францускиот предлог“, кои содржат категорично тврдење-фалсификат дека македонскиот народ, македонскиот јазик, идентитет и историја имаат „бугарски историски темели“. Тоа претставува целосно негирање на етничката, идентитетската и јазичната засебност на македонскиот народ. Декларацијата на ООН за недопустливоста на интервенирањето и вмешувањето во внатрешните работи на државите целосно ги заштитува македонскиот јазик и идентитет, како и македонската историја, од какви било и чии било обиди за негирање, или присвојување. Таа декларација строго забранува завлегување во идентитетскиот комплекс на кој било народ, што значи и на македонскиот народ. Токму ова го прават Советот на ЕУ и Бугарија! Членка на ООН е и Македонија: и за неа во еднаква мера важи применливоста на резолуциите на ООН. Според нив, ниту ЕУ, ниту Бугарија, Грција, или која било друга држава, немаат право да се мешаат во внатрешните и надворешните работи на Република Македонија, ниту да ѝ наложуваат да го менува Уставот во замена за „отворање на преговорите со ЕУ“. 

Зошто низ нашите градови не ечи многу почесто „песната на Македонија“ – нејзината „молитва“?

„Народните песни се показаљка на степенот од умственото развитие од народот и огледало на неговиот живот. Народот в песни изливат чувствата си, в них увековечвит животот му и давнешните му подвиги, в них находвит душевна храна и развлечение; затова в жаљба и в радост, на свадба и хоро, на жетва и грозјебрање, на везање и предење, по поле и по гори, штедро изливат песните како од богат извор…“ – ова е напишано во предговорот на првиот дел на „Зборникот на македонските народни песни“ на браќата Димитар и Константин Миладинови, објавен во 1861 година. Зарем турбофолкот и шундот, наречен „музика“ од балканската естрадна периферија на концертите во Македонија, ќе дозволиме да станат „показаљка на степенот“ на нашето „умствено развитие“ како народ македонски? Зарем ќе се согласиме тоа да стане „огледало на нашиот живот“ како народ македонски, чиј изворен фолклор и народен мелос се со врвни уметнички и културни вредности и меѓу најценетите во Европа и светот?!

Уставот од 17 ноември 1991 со асномската основа на Македонија како држава на македонскиот народ

Првиот устав на независна Македонија од 17 ноември 1991 година е од редот на така наречените „национални устави“. Тој македонски устав во најголемиот број негови елементи е на исто ниво и содржински и во поглед на содржаните принципи како и 165 други национални устави од вкупно 189-те устави, колку што ги има во овој момент во светот.

To top