„Сите треба да бидеме среќни и задоволни“.
Оваа изјава од новиот спортски херој на Македонија, Ненад Костески, по триумфот над Романија токму со неговиот гол во последната секунда го дели впечатокот на најголемиот дел од македонските љубители на ракометот за настапот на „црвено-жолтите“ на 17. Европско првенство во Данска, Шведска и Норвешка. Победа, реми и пораз во конкуренција на полуфиналистите од минатогодишното Светско првенство, шампионот Данска и четвртопласираната Португалија, е биланс за почит.
А 14. место, три позиции подобро од пласманот на претходното ЕП, звучи уште подобро ако се има предвид дека зад избраниците на селекторот Кирил Лазаров завршија ракометни сили од калибарот на Холандија, Чешка, Австрија, Полска, Србија, Украина… Згора на тоа, една Данска, актуелен светски и олимписки првак, падна пред Португалија, од која Македонија не само што не загуби, туку со малку среќа во финишот можеше и да ја совлада.
Од прикажаното во Хернинг се чини дека ова беше максималниот дострел на македонските ракометари во дадените околности. Впрочем, и специјализираната вебстраница за ракомет „Хендбол планет“ им предвиде пласман на 16. место, грешејќи само за две позиции. Е токму тие две места повисоко од објективните проценки, колку и да изгледаат минорно, ја зголемуваат вредноста на деветтиот настап на Македонија на континенталниот ракометен собир.
По 17. место на ЕП 2024 и 15. место на мундијалот лани, ова 14. место е потврда за малото, но константно подобрување на големите натпреварувања. Но, она што повеќе радува е играта и односот кон националниот дрес. Македонија под Лазаров полека, но сигурно се доближува до модерните ракометни текови, игра брзо и комбинаторно во нападот, цврсто и со многу контакти во одбраната. Јаготка на шлагот е покажаниот карактер во камбекот од -5 против Португалците и во завршниот удар против Романците безмалку со звукот на сирената и само седум секунди по израмнувањето.
Оваа Македонија, дефинитивно, е на добар пат. Има, што се вели, и глава, и опашка. На овој шампионат „ги доби“ помладиот Костески, но и 19-годишниот пикер Ристевски, како и „плејмејкерот“ Ѓорѓиев, кој конечно излезе од сенката на Митев. Кузмановски се наметна како неспорен лидер, а Томовски само потврди дека не е случајно што брани во Германија. Должна почит и за останатите, а кај ќе им беше крајот на сите заедно ако ги имаа покрај себе и Манасков, и повредениот Лазаревски…
Поволните импресии, сепак, нема да значат ништо без многу подобра работа во македонските клубови, посебно со помладите ракометари, кои мора да добиваат (поголема) минутажа ако Македонија сака во иднина и исчекор кон повисоки пласмани на големите натпреварувања, а не само „уметнички впечаток“. Странските и искусните домашни ракометари во Суперлигата не значат по автоматизам и додадена вредност за своите екипи, па талентите бесконечно да греат клупа или да се откажат од играње ракомет. Последно, но не и најмалку важно, е надминувањето на „советскиот“ стил на игра со долги напади, бескрајни безопасни додавања од крило до крило и „влечење“ по теренот, за кое Лазаров постојано укажува.
Македонија има потенцијал, тоа го покажа и овој јануари, како оној во 2012 година, кога во Србија беше петта во Европа, но треба и мора да посакува и да се труди да постигне повеќе. Оти впечатоците бледеат, а се паметат само резултатите и пласманите.