Македонија

Со „Предлог-заклучоците“ Советот на ЕУ ја претвора Македонија во „гробишта за европските резолуции и Копенхагенските критериуми“!

„Бугарското негирање на посебноста на идентитетот и историјата на македонската нација служи како оправдување за бруталната војна на агресија и културно уништување. Оваа националистичка патологија стана официјална политика на ЕУ! Барањата на Бугарија кон С.Македонија се неправедни: додека Бугарија инсистира на вклучување на Бугарите како конститутивен народ во македонскиот устав, таа упорно го негира постоењето македонско малцинство во Бугарија!“ – нагласува д-р Улф Брунбаер во својот научен труд со наслов „Страничните ефекти од ‘фантомските болки’: како бугарската историска митологија го попречува пристапувањето на С.Македонија во ЕУ“. Трудот е објавен на 4 јануари 2023 година во научното списание „Споредбени студии за Југоисточна Европа“. Професорот Брунбауер е австриски историчар и академски директор на Институтот Лајбниц за студии за Источна и Југоисточна Европа во Регенсбург, Германија. Неговите аналитички заклучоци од овој труд претставуваат жестока и аргументирана критика на политиката на Европската унија кон Република Македонија и нејзиното газење на сопствените Копенхагенски критериуми за проширувањето.

Пишува: Свето Тоевски

Република Македонија денес, на 17 декември 2025 година, „прославува“ јубилеј, кој и воопшто не е за славење – 20 години чмаење во „еврочекалницата“: на 17декември 2005 година Советот на министри на Европската унија ѝ додели и формално кандидатски статус. Има уште една годишнина, која покажува каков е ставот на „европскиот клуб“ кон Република Македонија: вчера, на 16 декември се навршија и 34 години од донесувањето на „Лисабонската декларација“.

Советот на ЕУ е подготвен да ја признае новата република, но под име што нема да го содржи зборот Македонија.“ – ова беше заклучокот во таа „Лисабонска декларација“ од 16 декември 1991 година, донесена од Советот на Европската заедница под португалското претседателство, во ситуација на силен притисок на Грција, која отфрлаше секаква помисла штотуку осамостоената македонска држава да носи име „Република Македонија“. 

На 16 декември 2025 година, по 34 години, сегашниот Совет на ЕУ ги објави своите „Предлог-заклучоци за проширувањето“. Во тој материјал од 38 страници во предложените заклучоци број 66 и 67, покрај другото, пишува: „Советот на министри на ЕУ, потсетувајќи се на своите заклучоци од јули 2022 година, забележува дека С.Македонија сè уште не ги завршила уставните измени, на кои се обврзала. Советот ја потврдува својата подготвеност да свика уште една меѓувладина конференција, без понатамошни одложувања или дополнителни политички одлуки, штом ќе ја спроведе С.Македонија оваа обврска, во согласност со своите внатрешни процедури. После тоа, Советот е подготвен да го отвори првиот преговарачки кластер колку е можно побргу, во согласност со Преговарачката рамка. Советот нагласува дека се потребни брзи и решителни акции, за да ги исполни С.Македонија почетните критериуми за кластерот 1 во однос на ‘Фундаментите’.“

Која е разликата меѓу позицијата на Советот на ЕУ кон Македонија денес и пред 34 години? Нема речиси никаква разлика! Во 1991 година „Лисабонската декларација“ претставуваше негирање на македонскиот идентитет, негирање на македонското име, на генеричкото исконско, а не само уставно име на македонската држава, тогаш по барање на Грција. Во 2025 година „Предлог-заклучоците“ претставуваат „фино скроена“ наредба на Советот на ЕУ за ново менување на уставот на Македонија и нов удар врз македонскиот идентитет, овојпат и врз македонскиот јазик и историја – барање целосно спротивно на врховниот принцип на меѓународното право „јус когенс“ дека на никому не му е дозволено интервенирање во идентитетскиот и јазичен комплекс на кој било народ во светот, вклучувајќи го тука и македонскиот народ. А што би се случило, во случај кога би се спровеле уставните промени, сега барани од ЕУ, но наложени од Бугарија.

Со односот кон Македонија, ЕУ ги негира и ги гази сите свои резолуции за европската етничка, јазична и културна разновидност, но и сопствените Копенхагенски критериуми за проширување

ЕУ се негира самата себеси во однос на Македонија, ги негира и ги гази сите свои декларации и резолуции за почитување на европската етничка, јазична и културна разновидност во поглед на (не)почитувањето на македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик и култура. Македонија и навистина се претвора во „гробишта на идеалите на ЕУ“! Зошто велиме вака?! На 20.7.2021 година босанскиот новинар и политички аналитичар Александар Брезар уште во насловот на својата анализа, објавена на интернет-порталот на сеевропската ТВ-мрежа „Еуроњуз“, го постави прашањето: „Дали може С. Македонија да стане гробишта на идеалите на ЕУ?“

Давајќи одговор на ова свое прашање, Брезар заклучи во таа своја анализа: „Бугарија ја држи како заложник иднината на Македонија во Унијата, без оглед што чувствува цела Македонија за ова. Овој меѓусебен судир откри фатална грешка во процесот на зачленувањето во ЕУ. Секој чекор на патот на пристапувањето бара целосно согласување на сите 27 држави членки. Бугарија го користи најважното овластување што им е дадено на државите членки – правото на ставање вето на пристапувањето на кандидатот. Но Македонија се согласи да отиде толку далеку, што и во 2018 година го смени своето име во С. Македонија, потпишувајќи го Преспанскиот договор, за да го надмине ветото на Атина на нејзиниот пат кон ЕУ.“

Имајќи го предвид споменатото прашање на Брезар, можеме да кажеме дека и со своите најнови „Предлог-заклучоци“ Советот на ЕУ ги негира и ги крши во случајот со Македонија сите свои резолуции за европската етничка, јазична и културна разновидност, но и своите Копенхагенски критериуми за проширување. Но и дека Советот на ЕУ ја претвора Македонија во „европски гробишта за европските резолуции и за европските идеали и вредности“, како и за сопствените Копенхагенски критериуми за проширување!

Истапувањето на Советот на ЕУ кон Македонија со неговото барање за промена на македонскиот устав, од позиции на официјална Софија, во замена за отпочнување на преговорите со Брисел, ни е повод да ја приведеме во оваа анализа и бележитата реакција на австрискиот експерт Улф Брунбауер од 2023 година во неговиот научен труд со наслов „Страничните ефекти од ‘фантомските болки’: како бугарската историска митологија го попречува пристапувањето на С.Македонија во ЕУ дека барањата на Бугарија, кои тој ги нарекува „националистичка патологија“, станаа „официјална политика на ЕУ“! 

Сега кога Советот на ЕУ врши нов притисок врз Македонија да прифати ново идентитетско обезличување на македонскиот народ и нов „инженеринг“ врз својот устав, ставајќи ги „државотворните Бугари“ во него, задобиваат исклучителна важност и актуелност научната анализа на Брунбауер за спорот, кој го има Бугарија поправо самата со себе околу неприфаќањето на македонската етничка, идентитетска, јазична и историска засебност. 

(продолжува)

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена политиколошка анализа, кои немаат поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“)

 

Најнови вести од: Македонија

Мора да се најде решение со Бугарија за деблокада на евроинтеграциите, рече Муцунски од Брисел

Муцунски оцени дека самитот е важна можност да се потврди стратегијата на ЕУ за проширување и да се испрати позитивна порака до регионот, но и да се отворат конкретни разговори за надминување на билатералните пречки кои го кочат напредокот на Македонија.

Шилегов бара оставка од Филипче: Или си СДСМ, или си тезгаџија!

Поранешниот градоначалник на Скопје и висок функционер на СДС Петре Шилегов јавно преку фејсбук побара оставка од „лидерот“ на СДС Венко Филипче. Ако се има предвид жестината, со која Шилегов го нападна Филипче, означувајќи го со зборот претседател ставен во наводници, се наметнува дилемата: дали можеби Шилегов е дел од иницијатива за обединување на СДС, што веќе кружи и која која подготвува политички концепт и кадровска понуда, во која би влегле поранешни социјалдемократи, меѓу кои и некогашните потпретседател и генерален секретар Игор Ивановски-Шема и Андреј Петров?

(Фото): Поповолна бизнис-клима, стабилен раст и подобар стандард за граѓаните во 2026, очекува Силјановска-Давкова

Живееме во време на глобални геополитички и економски предизвици. Периодот на закрепнување по ковид-пандемијата, инфлациските притисоци и енергетската криза оставија длабоки траги врз економиите низ светот, а нивното влијание не не одмина и нас. Како дел од регионалниот, европскиот и глобалниот пазар, македонското стопанство е изложено на овие турбуленции, вели претседателката.

To top