Македонија

(Фото): На располагање 25 милиони евра – рекорден интерес кај младите за самовработување

Мерката за самовработување постигна рекорд со 6.045 поднесени апликации, што е доказ дека граѓаните имаат желба, знаење и доверба да изградат сопствен бизнис, рече премиерот. Поради големиот интерес, Министерството за економија заедно со Агенцијата за вработување, ѝ предложија на Владата ревизија на Планот, со што беа обезбедени дополнителни 300 милиони денари, од кои 161 милион преку ребалансот, за ниту еден потенцијален претприемач да не остане без шанса.

Вкупно 2.545 граѓани се избрани да ги продолжат своите бизнис-проекти во рамките на владината мерка „Самовработување“ од Оперативниот план за 2025 година, за што се обезбедени 25 милиони евра, што е двојно повеќе од минатата година. Со овие граѓани денеска во Влада беа потпишани договорите. За мерката аплицираа 6.045 граѓани, од нив, 3.296 се лица до 29 години. Министерот за економија, Бесар Дурмиши, посочи дека високото учество на млади лица до 29 години е особено значајно, кои се препознаени како двигатели на новата економска енергија.

  • Новите претприемачи се важен дел од локалниот економски развој, креирањето нови работни места и позитивните промени што ја движат државата напред – рече Дурмиши.

Во 2026 година, младите ќе добијат и дополнителни форми на поддршка за отворање сопствен бизнис и побрзо вклучување на пазарот на труд.

  • Денес не потпишуваме само договори – денес потпишуваме нова енергија во економијата, нови работни места, нови успешни приказни. Претприемачите се двигатели на економскиот развој, а нашата задача како Влада е да ги отвориме вратите, да ја дадеме поддршката и да создадеме фер, стабилна и мотивирачка економска средина – рече премиерот Христијан Мицкоски.

Директорот на Агенцијата за вработување вели дека покрај финансиската помош се нуди и професионална поддршка, менторство и насоки за успешно водење на бизнисот.

  • „Во 2025 година овозможивме и здружување на двајца корисници во ДОО, а финансиската поддршка достигнува 20 илјади евра, во зависност од целните групи“, вели Селатин Белули, Агенција за вработување.

Претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов, на прес-конференција проговори за клучните проекти за младите кои ги реализира Владата.

  • Испраќаме јасна порака, Македонија повторно инвестира во младите. Наместо празни ветувања и политички маркетинг, младите добиваат вистинска и конкретна поддршка за работа, сопствен бизнис и кариерен развој. Со доделувањето на решенијата за самовработување од страна на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на младите во Македонија им даваме јасна насока, мотивација и можност за успех. Мерката во вкупна вредност од 40 милиони евра, со која ќе се помогне на повеќе од 16.000 невработени лица, да се вработат и да креираат додадена вредност во општеството, е дел од јасната стратегија на оваа Влада да изгради силна економија, со силни и независни индивидуи – рече Попов.

Досега се издадени 2.916 ваучери за изработка на бизнис-план, а оценети се 2.681, а од нив 1.140 се за млади до 29 години. Тој нагласи дека целта на оваа мерка е младите да останат во земјава, да работат и да создаваат додадена вредност.

За Оперативниот план за оваа година се издвоени 40 милиони евра, што е за 7.5 милиони евра повеќе од минатата година. Овие средства се очекува да опфатат 16.507 лица. Кај стартапите, доколку не успеат да го одржат отворениот бизнис две години или решат да го раскинат договорот, во првата година треба да вратат 80% од средствата, а во втората 60%.

Најнови вести од: Македонија

ЦУК: Крушево со заматена вода за пиење по поројните дождови, службите интервенираат низ Македонија

Во Крушево, поради поројните врнежи, водата за пиење е заматена и се препорачува превривање најмалку 10 минути. Нивото на Црна река кај селото Бучин е покачено, но водата се повлекла од местата каде претходно имало излевање. Екипи од ЈП „Комуна“, ТППЕ Крушево, ЕЛС Крушево и надлежните служби работат на зајакнување на насипите кај критичните точки, информираат утрово од Центарот за управување со кризи.

Водачот на најбројната бунтовничка група во Колумбија ФАРК повика на „обединување за борба против американска интервенција“

Водачот на најбројната бунтовничка група на Револуционерните вооружени сили на Колумбија (Fuerzas Armadas Revolucionarias de Colombia – FARC), Нестор Грегорио Вера, во видео порака, повика на обединување на сите герилци во оваа латиноамериканска земја со цел „борба против американската интервенција“. „Сенката на интервенционистичкиот орел се надвива подеднакво над сите. Судбината нè повикува да се обединиме. Ние не сме раштркани сили, ние сме следбеници на истата цел. Да го покажеме нашето единство со дела и да создадеме голем блок со кој ќе го истиснеме непријателот од нашата татковина“, им порача Грегорио Вера на членовите на Националната ослободителна армија (ELN) и Боливарската герилска армија, групи кои се отцепија од FARC.

Трамп: Мора да го поседуваме Гренланд, за да ги спречиме Русија и Кина да го земат

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД мора да го „поседуваат“ Гренланд за да ги спречат Русија и Кина да го преземат, велејќи дека тоа ќе се направи „на лесен или на тежок начин“. Острата изјава доаѓа по неодамнешните сигнали од Белата куќа дека администрацијата размислува да ја купи полусамостојната територија од Данска, но не ја исклучува опцијата за присилна анексија, пишува Би-Би-Си.

Денес гласаат болните и изнемоштените лица пред утрешните избори за градоначалник во Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа

Пред утрешното гласање на повторените избори за градоначалник во општините Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, денеска избирачките одбори ќе им овозможат на болните и изнемоштените лица да го остварат својот глас во нивните домови, а ќе гласаат и притворените и затворениците, жители на овие општини. Од Државната изборна комисија (ДИК) посочуваат дека се е подготвено за повторените избори.

Најнови вести

To top