Премиерот Христијан Мицкоски информираше дека одржал средба со претставници на големите трговски синџири во државата, на која било разговарано за состојбата со цените на производите.Тој истакна дека институциите активно ја следат состојбата на пазарот и порача дека нема да се дозволи профитерство.
- „Државата нема да интервенира во пазарот без причина. Но државата нема ни да стои на страна ако се создава реален притисок врз граѓаните без објективна основа“, изјави Мицкоски.
Според него, на средбата со претставниците на маркетите било заеднички заклучено дека цените треба да останат фер и дека не треба да има ново зголемување на производите. Премиерот додаде дека Владата ќе продолжи внимателно да ја следи состојбата и дека ќе интервенира доколку се појави потреба, нагласувајќи дека најважен е интересот на граѓаните.
Тој пред средбата изјави дека има јасни пораки и аргументи кои ќе ги изнесе на состанокот и оти очекува во актуелната состојба на предизвици, сите да се однесуваат во рамки на она што значи заштита на стандардот на граѓаните, зашто со тоа, потенцира, се штити и бизнисот.
- „Ќе разговараме отворено, како ние како Влада можеме да им помогнеме за да се одржи ценовната стабилност, да не дојде до драматично зголемување на инфлацијата, односно трошоците за живот. Очекувам во овие предизвикувачки услови, сите да се однесуваме во рамки на она што значи заштита на стандардот на граѓаните, зашто со тоа се штити и бизнисот. Имаме најниска цена на горивата во регионот, нема ценовен шок и снабдувањето со нафта и нафтени деривати не е доведено во прашање. Компаниите снабдувачи имаат доволно резерви, инфлацијата е најниска во регионот. Состојбата во државата е апсолутно нормална, за понатаму ќе видиме. Почетокот на годината е ветувачка според сите индикатори и параметри, но ние продолжуваме да работиме во интерес на стандардот на граѓаните. Трошоиците на мало се 1,6 отсто во февруари, што значи дека и базичната инфлација полека но сигурно се смирува. Имам јасни пораки и аргументи за денешниот состанок со трговците“, истакна Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по состанокот со странските инвеститори во земјава.