Македонија

Ѓорѓиевски: Започнуваме историска трансформација!

Ѓорѓиевски, денеска соопшти дека Скопје останува Европска престолнина на културата за 2028 година, по успешните средби во Брисел

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска соопшти дека Скопје останува Европска престолнина на културата за 2028 година, по успешните средби во Брисел. Заедно со министрите Тимчо Муцунски и Зоран Љутков, Ѓорѓиевски оствари значајна средба со еврокомесарот Глен Микалеф, каде ја претстави подготвеноста на градот да влезе во нова ера на европски стандарди и трансформација.

Градоначалникот најави историска трансформација на градот преку деблокирање на процесот, воведување транспарентно управување и инвестиција од над 55 милиони евра во клучна инфраструктура. Оваа визија предвидува модерно, отворено и европско Скопје, кое го вклучува целиот систем од општините до граѓаните.

-СКОПЈЕ ВЛЕГУВА ВО НОВА ЕРА – ГО ПОДИГАМЕ ГРАДОТ НА ЕВРОПСКО НИВО! Деновиве, заедно со министерот Тимчо Муцунски и Зоран Љутков сме во Брисел, каде што остваривме значајна средба со еврокомесарот за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт, Глен Микалеф. Ја претставивме нашата јасна позиција за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ и подготвеноста на градот, со силна меѓуинституционална поддршка, да ја продолжиме реализацијата на оваа важна европска обврска. И денес можам со гордост да кажам, дека Скопје останува Европска престолнина на културата за 2028 година! Како нов градоначалник ја отворам најважната страница за нашиот град, започнуваме историска трансформација што ќе нè подготви конечно да ја носиме оваа титула со достоинство, рече тој.

Ѓорѓиевски посочи дека проектот беше целосно блокиран и управуван спротивно на законските прописи, но со сериозна работа во изминатиот период го деблокирале процесот и го насочиле кон транспарентно, професионално и законско функционирање.

-Ова е визија за модерно, отворено и европско Скопје, град што ја вклучува заедницата, ги поттикнува младите, ги поддржува уметниците и создава услови за силна културна размена. 2028 е моментот кога Скопје конечно ќе стане јасно присутно на европската и светската културна мапа. Поставуваме европски стандарди со силна и независна управувачка структура, меѓународен советодавен борд и професионален тим кој ќе го реализира проектот како што доликува. Започнуваме и со клучни инфраструктурни промени како што се Скопско Кале, Аквадуктот, Скупи, МКЦ, нов Европски центар за култура, зелени магистрали, нови паркови и современи јавни простори – инвестиција од над 55 милиони евра што ќе го трансформира градот. Паралелно, го склучуваме и итниот Договор за локална соработка и интеграција – прв од ваков ранг во Скопје, кој ги обединува 10 општини, сите училишта, јавните претпријатија, универзитетите, културните институции, НВО секторот, маргинализираните заедници и секој граѓанин што сака да придонесе, рече тој.

Порача дека Скопје станува еден заеднички систем, една енергија и една визија.

-Влегуваме храбро. Работиме чесно. Работиме за сите! Скопје – нашата нова европска приказна, започнува сега, порача градоначалникот.

Најнови вести од: Македонија

Кос: Македонија спроведе 56 отсто од предвидените реформи и ќе добие 71 милион евра

На самитот за Планот за раст, што се одржува во главниот град на Албанија, Тирана, еврокомесарката за проширување, Марта Кос направи преглед на достигнувањата на земјите од Западен Балкан со генерална оценка дека три земји постигнаа добар напредок во реформите, додека три други не ги искористија целосно понудените можности. Планот за раст, кој е во свoјата четврта година од реализација, предвидува исплата на средства според спроведените реформи и постигнатите резултати. Македонија ќе добие  нешто повеќе од половина од предвидените средства од ЕУ – 54 отсто, додека најдобра во искористувањето на европските пари е Црна Гора со 94 отсто.

Првата докторска дисертација за македонскиот јазик на Мазинг од 27.11.1890 „пепел“ ги прави фалсификатите на Бугарската академија на науки и шовинизмот на Софија!

На денешен ден, на 27 ноември 1890 година во царска Русија, на престижниот Дерптски универзитет (денешен Универзитет во Тарту, Естонија), балто-германскиот лингвист и полиглот Леонард Готхилф Мазинг ја одбранил својата докторска дисертација за македонскиот јазик со изворен наслов „За јазичната повелба на Македонските Словени. I. Застапеноста на tj и dj“ („Zur sprachlichen Beurteilung der macedonischen Slaven. I. Vertretung von tj und dj). Таа претставува прв врвен научен документ од ваков ранг во светската славистика, кој го третира македонскиот јазик како посебен лингвистички систем. Дисертацијата на Мазинг е неоспорлив европски научен доказ, кој целосно ги разобличува современите политички и академски тези за наводната „вештачка“ природа на македонскиот јазик и народ, кои доаѓаат од шовинистичките противмакедонски „кујни“ на официјална Софија и Бугарската академија на науки. Македонски Словени, македонски дијалекти – овие клучни поими во првата воопшто докторска дисертација за македонскиот јазик се европски научни сведоштва за македонската национална, идентитетска и јазична самобитност и засебност од другите балкански и европски народи, идентитети и јазици.

Разузнавачот Јовановски: Со уцени, закани, бугарската разузнавачка служба ни инсталираше врвни луѓе во политичкиот живот, од премиери до…

„Најголемиот успех на бугарската разузнавачка служба, а наш срам и неуспех , е тоа што таа нам ни изгради врвни луѓе и ни ги инсталира во врвниот општествен и политички живот. Од премиери, до ете, да не зборувам понатаму, тоа им е најголемиот успех. Еден ден ако бидам во можност, јас тоа ќе го ставам да се изучува во школите за разузнавање како пример – како една служба постапува во друга служба и држава. Спомнав и претходно, дали е со уцени со закани, со компромитирање или со друго мотивирање, останува прашање и не е битно, битно успехот е постигнат.“ – изјави поранешниот разузнавач и безбедносен аналитичар Владо Јовановски во интернет-емисијата „Наткаст“ на порталот „Курир“.

To top