На 51-годишна возраст почина Бошко Стаменковски, истакнат македонски спортист и повеќекратен светски и европски шампион во пауерлифтинг (powerlifting), особено во дисциплината бенч-прес, како и светски рекордер во правење склекови.
Веста за неговата смрт ја објави неговата сестра, градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова.
-Замина шампионот, но засекогаш ќе остане гордост за своето семејство, за Македонска Каменица, светот и за сите што го познаваа, напиша Стаменкова под неговата фотографија.
Неговата спортска приказна започнала во неговите 40-ти години, кога се борел со вишокот килограми и решил да направи голема животна пресвртница.
Целосно го променил животниот стил и со вежбање и здрава исхрана успеал да изгуби 30 килограми.
Започнал да трча, а набргу увидел дека може да се вклучи и во бодибилдинг и кревање на тегови.
Во годините кои следуваа тој и донесе на Македонија голем број на спортски успеси на натпревари и првенства во земјава и странство.
Стаменковски беше носител на светскиот рекорд во правење склекови. Во декември 2018 година за една минута направил 77 склека со заклучување.
Направил и 139 склека за една минута со пумпање, а со направени 2.525 склека за еден час е носител на неофицијален светски рекорд.