Македонија

„Ќе пееме што сакаме и на кој јазик сакаме“: Истакнат грчки правник за скандалот во Лерин

Ексфункционерот Христос Рамос го „парчоса“ градоначалникот на Лерин за прекинатата македонска песна

На лавината реакции во Грција за скандалозното однесување на градоначалникот на Лерин, Василис Јанакис, кој на прославата околу бадникарскиот оган ја прекина изведбата на македонската песна „Софка на татко“ од групата „Банда ентопика“, се надоврза Христос Рамос, поранешен потпретседател на Државниот совет (Врховен административен суд на Грција) и експретседател на Управата за приватност на комуникациите.

„Прочитав дека во Лерин на музичка група ѝ било спречено да отсвири песна, со аргумент дека не е на грчки јазик, туку на пропишаниот славомакедонски јазик или негова варијанта. Во модерна демократија и во модерна правна држава, какви што сме на хартија и секогаш тврдиме дека сме во секојдневната пракса [што е најтешко], ќе пееме што сакаме, на кој било јазик или дијалект што сакаме и ќе кажеме што веруваме, што изразуваме и што ни посакува срцето.

Тони мастило е истурено врз нашите устави, во меѓународните конвенции што нè обврзуваат и во јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права за ова право. И ниеден самопрогласен и незнаечки цензор, особено кога врши јавна власт, нема ни најмало право или овластување да нè спречи во тоа, исто како што ние не го спречуваме да пее и да каже што сака.

Неодамнешните националистички пројави нè враќаат во најтемните периоди од нашата историја и се тажен и загрижувачки пример за подемот на крајнодесничарските и нетолерантните идеологии. Да не дозволиме да нè вратат назад од тоа што го постигнавме со толку многу борби во последните децении. Денес песната е забранета, утре може, во име на национализмот што нè мачеше дивјачки во минатото, или на „ортодоксијата“, како што ја разбираат властите или наводното општествено мнозинство, слободата на говорот да биде забранета или ограничена и може да завршиме како нашата соседна земја на исток [која, меѓу другото, забранува јавна и службена употреба на јазикот што е мајчин јазик на 25% од нејзиното население], без ни да го сфатиме тоа, со резултат дека кога ќе го сфатиме тоа, ќе биде предоцна за каква било реакција, како што историјата нè научила толку често и горчливо“, реагира Рамос на Фејсбук.

Најнови вести од: Македонија

Да се забрани „џанк“ храна во училиштата и да се оданочат зашеќерените пијалаци, бара Клековски

Министерот ги повика граѓаните, особено оние со зголемен ризик или со семејна историја на дијабетес, да не ги игнорираат симптомите како постојан замор, зголемена жед или заматен вид и да направат превентивен преглед.

Тамара Котевска го освои „Британскиот Оскар“ за документарен филм, рамо до рамо со Херцог и Дејвид Атенборо

Македонската режисерка Тамара Котевска, двојно номинирана за ОСКАР и двојно номинирана за ЕМИ, го освои престижното Гран-при признание (за најдобар кино-документарец) на овогодинешното доделување на наградите „Гриерсон“ (Grierson British Documentary Awards) во Лондон, кои во светската кинематографија важат за британски Оскар за документарни филмови.

Се проширува достапноста на банкарските услуги за клиентите на „АЛТА банка“ – од понеделник нова експозитурата во Прилеп

Народната банка продолжува внимателно да ја следи состојбата во „АЛТА банка“ АД Битола и да презема активности за да им се овозможи на сите клиенти полесен пристап до сопствените средства и непречено извршување на платежните услуги.

To top