Македонија

Костадиновски: Уставниот суд ќе одлучува за законот за јазици до февруари 2026, а ако не реагира Собранието, и за измените на КЗ до декември 2025!

Во врска со механизмот на балансерот претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски во синоќешното гостување во ТВ Телма информира дека е подготвен нов закон за правична застапеност, кој е во фаза на оценување од Венецијанската комисија.

„Ако не реагира Собранието, Уставниот суд ќе одлучува за измените на кривичниот закон до декември 2025 година, а законот за употреба на јазиците ќе се најде на дневен ред најдоцна до февруари 2026 година.“ – изјави Дарко Костадиновски, коментирајќи го последниот извештај на Европската комисија. Тој изрази загриженост, поради долгогодишната состојба во правниот систем, која останува иста без промена. Костадиновски упати критики кон Собранието, поради непочитување на одлуките на Уставниот суд и предупреди дека овој суд ќе донесе конечни одлуки, ако не се преземат неопходни измени.

Костадиновски се осврна на спорните закони за врамнотежувачот – балансерот, за измените на кривичниот законик и за законот за употреба на јазиците, најавувајќи рокови и можни чекори за нивно решавање. „Последниов Извештај на Европската комисија не утврдува напредок во одредени области, особено во судството, борбата со корупцијата, криминалот. Меѓутоа, не утврдува ниту назадување. Ние сме во една „статус кво“ состојба подолго време, а таа вопшто не е добра. Граѓаните имаат целосна недоверба во сиот државен апарат.“ – рече претседателот на Уставниот суд. 

Во однос на двата закона, за кои ЕК има забелешки, конкретно за балансерот, Костадиновски информира дека е подготвен нов закон за правична застапеност, кој е во фаза на оценување од Венецијанската комисија. „Се надевам дека тој закон ќе се усогласи со нашите правни стојалишта за укинување на балансерот. Односно, да направи рамнотежа меѓу правичната и соодветната застапеност и она што значи заслуга – мерит, стручност и компетентност.“ – посочи првиот човек на Уставниот суд Костадиновски. 

Во врска со измените на кривичниот законик, за кои ЕК има, исто така, забелешка, Костадиновски напомна дека нанеле „непоправлива штета“ на правниот поредок и најави дека, ако Собранието до последната седница на судот во декември не ги направи неопходните измени, Уставниот суд ќе го стави предметот на дневен ред и ќе одлучи.

„Рокот од шесте месеци истече во август. Имавме разбирање како Суд за изборниот процес, бидејќи вакви крупни работи не е соодветно да се прават тогаш. Но, изборите завршија. Ние како Суд, односно јас како претседател, сум должен да го чувам кредибилитетот на Уставниот суд. Ние не можеме до недоглед да му дозволуваме на Собранието да продолжува со пракса на уставна недисциплинираност. Собранието е должно, ако го почитува Уставот, а должно е да го почитува, да ги почитува и нашите одлуки, бидејќи нашите одлуки по сила на Уставот се конечни, извршни и општо задолжителни. Но Собранието до овој момент го нема сторено тоа.“ – кажа Костадиновски.

Тој подвлече дека укинувањето на законот за измени на КЗ ќе значи дека старото правно правило не се враќа на сила, со тоа што тоа би било повик на неказнивост, додека, поништувањето би значело дека ќе се врати на старо. Во врска со Законот за употреба на јазиците, Костадиновски најави дека до крајот на месецот ќе побара мислење од судијата известител, а најдоцна до февруари предметот ќе биде изнесен на седница. Тој го повика Собранието да го комплетира составот на Уставниот суд, за да се избегнат нерешени одлуки со резултат 4-4.

Македонска информативна агенција – МИА

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Ако не се свртиме кон семејните вредности и многудетните семејства економијата ќе биде на удар

Ако не се свртиме кон семејните вредности и кон многудетните семејства и ако тие вредности не ги промовираме, македонската економија ќе биде прва која што ќе биде на удар, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски дека до 2030 година годишно ни се потребни 50.000 странски работници, за да го држиме нивото на БДП што го имаме сега.

ОКТА продолжува со попуст од два денари по литар дизел гориво

Како одговор на најновите случувања на меѓународните пазари на горива, ОКТА АД – Скопје воведува привремен попуст од 2 денари по литар дизел гориво, со важност од денеска, 20 октомври 2026, до 2 ноември 2026 г.

(Фото): Работна средба за инфраструктурните приоритети на Карпош

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, се сретна со ресорниот министер за транспорт, Александар Николоски, каде беа разгледани тековните инфраструктурни проекти и можностите за нови инвестиции во интерес на граѓаните.

To top