Македонија, заедно со Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, се усогласија со одлуката на Европската унија од 12 октомври за воведување рестриктивни мерки кон 826 правни лица и 743 поединци поврзани со рускиот воено-индустриски комплекс, соопшти денеска Советот на ЕУ.
Покрај споменатите балкански држави, кон одлуката се приклучија и Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Норвешка и Украина.
Тие се обврзаа да ги усогласат своите национални политики со оваа одлука на Советот на ЕУ, се наведува во соопштението на Советот.
Европската унија ја поздравува нивната посветеност на спроведувањето рестриктивни мерки насочени кон активности што го поткопуваат или загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитетот и независноста на Украина, се додава во објавата.