Македонија

Мацинка: Членството на Македонија во ЕУ е приоритет за Република Чешка

Чешка е подготвена да придонесе во процесот за постигнување решение прифатливо за Скопје и за Софија, изјави денеска чешкиот министер за надворешни работи Петар Мацинка, кој се наоѓа во официјална посета на земјава

Европската Унија има силен интерес за проширување, а со тоа и интерес последните пречки за напредокот на  Македонија да бидат отстранети.

Ова го порача денеска заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Чешката Република, Петр Мацинка, по средбата со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

На пленарната средба во Вила „Охрид“ Мацинка нагласи дека членството на С. Македонија во ЕУ е приоритет за Чешка и дека земјата е подготвена да го сподели сопственото искуство од пристапниот процес.

„Членството на С. Македонија во Европската Унија е приоритет за Република Чешка. Тоа е во наш заеднички интерес, Европската Унија да се прошири со земјите коишто поминуваат низ пристапните преговори, токму на ваков начин како што тоа го прави вашата земја. Нашиот процес за пристапување не беше едноставен, траеше долго. Ние во текот на тој процес не ги направивме сите работи правилно, па имаме многу искуство коешто можеме да го споделиме, за да не ги повторувате грешките коишто ние ги направивме. Но, низ цело тоа време сакавме да ја промениме нашата земја за да биде членка на Европската Унија. Требаше да имаме некој однатре којшто може да зборува со ист јазик, којшто има ист поглед кон светот како нас, кој ги разбира работите во Европската Унија. Сега ние сме во ситуација кога сме членки на Европската Унија, но го уверувам министерот Муцунски и сите останати претставници на С. Македонија дека ние сме навистина пријателска земја“, нагласи шефот на чешката дипломатија.

Тој порача дека  Македонија може да смета на Чешка како пријателска земја и дека Прага ја следи сложеноста на пристапниот процес на земјава.

„ Но, морам да ве уверам дека е наша приоритетна цел да ја видиме С. Македонија во Европската Унија што е можно побргу и сме подготвени да направиме сè што ќе биде потребно. Тоа не е само битно за вас, туку и за нас“, рече тој.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, пак, истакна дека посетата се реализира во година во која земјава одбележува 35 години независност, а дипломатските односи со Чешка влегуваат во четвртата деценија.

„Оваа официјална посета се реализира во година кога одбележуваме 35 години од независноста на нашата држава, но и период кога влегуваме во четвртата деценија од воспоставување на дипломатските односи помеѓу нашите две земји. Во изминатите децении изградивме односи на искрено пријателство, меѓусебна доверба и партнерство. Денешната посета е токму тоа – потврда за јасна политичка волја ова партнерство не само да го одржуваме, туку да му дадеме нова содржина“, рече Муцунски.

Тој посочи дека со чешкиот колега разговарале за продлабочување на политичкиот дијалог, економската соработка, трговијата, инвестициите, миграцијата, како и соработката во културата и образованието.

„Разговаравме за повеќе теми, меѓу кои за продлабочување на политичкиот дијалог, економската соработка, трговијата и инвестициите, миграцијата како тема, но и соработката во културата и образованието. На економски план постои значителен простор за повеќе. Чешката Република веќе се вбројува помеѓу нашите 15 најзначајни трговски партнери, но нашата амбиција е оваа соработка да ја подигнеме на уште повисоко ниво. Гледаме конкретни можности за транспорт и инфраструктура, енергетика, туризам, земјоделство и технолошки инвестиции“,  рече Муцунски.

Ја нагласи и поддршката од Чешка за европската перспектива на С. Македонија.

„Чешка е многу важен европски и евроатлантски партнер на нашата држава. Особено ја цениме нејзината принципиелна и континуирана поддршка за европската перспектива на нашиот регион и за нашето полноправно членство во Европската Унија“, рече Муцунски.

Во однос на европската интеграција, Муцунски, исто така, порача дека таа останува наша стратешка определба и дека земјава е подготвена да ги спроведе реформите и да ги исполни европските стандарди, но очекува процесот да биде кредибилен и предвидлив.

„ За нас европската интеграција останува стратешка определба. Ние сме подготвени да ја завршиме нашата работа, да ги спроведеме реформите и да ги исполниме европските стандарди. Но истовремено сме јасни дека процесот мора да биде кредибилен и предвидлив и дека напредокот мора да се вреднува врз основа на резултати, заслуги и однапред утврдени европски критериуми. Во таа смисла, ние не бараме привилегиран третман, ние бараме фер и европски процес“, рече Муцунски.

Тој нагласи дека реформите се спроведуваат пред сè за граѓаните и оти интеграцијата на Западен Балкан е значајна и од аспект на европската безбедност и стабилност.

„Реформите пред сè ги правиме за нашите граѓани. Тие треба да значат подобри институции, посилно владеење на правото, поконкурентна економија и повисок животен стандард. Но, кога една држава ги исполнува своите обврски, Европската Унија мора да биде подготвена да го препознае тоа и соодветно да го вреднува. Веруваме во Европа која носи одлуки и која ги исполнува своите ветувања и која разбира дека интеграцијата на Западниот Балкан денес не е само прашање на проширување, туку и прашање на европска безбедност, стабилност и геополитичка кредибилност“,  рече Муцунски.

Во разговорите биле опфатени и прашања поврзани со безбедноста, при што Муцунски истакна дека двете земји, како сојузници во НАТО, имаат заедничка одговорност за зачувување на мирот, безбедноста и стабилноста во Европа и регионот.

„ Како сојузници во НАТО, разговаравме за потребата од натамошно зајакнување на нашата соработка и координација, како и нашата заедничка одговорност за зачувување на мирот, безбедноста и стабилноста на Европа, но и на нашиот регион“ рече Муцунски.

Најнови вести од: Македонија

(Фото): Во Македонија една третина од смртните случаи се од кардиоваскуларни заболувања

Од кардиоваскуларни заболувања минатата година во земјава починале 6.888 лица, а овие заболувања учествуваат со 34 отсто во вкупниот морталитет. Со стапка на смртност од 378,4 на 1.000 жители, кардиоваскуларните заболувања се на прво место меѓу причините за смртност.

Поплавена зградата на „Нова Македонија“

Пет до шест дена ќе бидат потребни за нормално функционирање на зградата на „Нова Македонија“, откако е утврдено дека поплавата ја предизвикала пукната топловодна цевка на вториот кат, изјави директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски.

Стојков: Грција и Бугарија ќе го користат примопредавањето на моштите на македонскиот цар Самуил за пропаганда против Македонија!

„Свечената“ објава на бугарскиот премиер Румен Радев дека в сабота, на 3 октомври, Грција ќе ѝ ги предаде посмртните останки од цар Самуил (починат 1014 година), одекна не како историско-научна сензација, туку токму така како што беше и конструирана – со политичко тенденциозност спрема Македонија. Ова се нагласува во статијата со наслов „Стојков: Не е сигурно дека моштите се на цар Самуил, а Бугарија и Грција немаат ни правна основа за нивно примопредавање“, која ја објави информативниот портал „МКД.мк“

(ВИДЕО) Разбиена е криминалната и терористичка група од Скопје, кај која е пронајдено знаме на „Исламска држава“! – Кривична пријава за тројца (Видео)

МВР информира дека вчера Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во соработка со Агенцијата за национална безбедност, Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје, под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, спроведе координирана полициска акција, во која е сузбиена организирана криминална група од Скопје, инволвирана во вршење на кривични дела од областа на тероризам и недозволена трговија со оружје.

Мицкоски: Во судството има измеќарско малцинство, кое им слугува на СДС и ДУИ

Говорејќи за правосудството во емисијата „Под лупа“ на ТВ „Алфа“, претседателот на Владата Христијан Мицкоски истакна дека таму, покрај огромното мнозинство чесни луѓе, постои и измеќарско малцинство, кое им слугува на СДС и ДУИ.

Најнови вести

To top