Македонија

Министерството за земјоделство ја стартува кампањата „Гласот кој го слушаме – македонско најдобро“

„Гласот кој го слушаме – македонско најдобро“

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Владата ја започнуваат новата теренска кампања „Гласот кој го слушаме – македонско најдобро“, насочена кон директна комуникација со земјоделците и претставување на актуелните мерки и политики за поддршка на земјоделското производство. Ова денеска го најави министерот Цветан Трипуновски.

Во рамки на кампањата, два големи тима ќе посетат повеќе од 30 општини, додека шест помали тимови ќе опфатат над 120 населени места низ државата. Средбите ќе се организираат секој петок, среда и сабота, во зависност од типот на тимовите.

Директори од сите институции во земјоделскиот сектор ќе бидат дел од тимовите. Министерот најави дека во малите тимови ќе учествуваат директорите на клучните институции, Даниела Иротова од Платежната агенција, Филип Филиповски од АД Водостопанство, Васе Анакиев од Државниот инспекторат за земјоделство, Оливер Миланов од Агенцијата за храна и ветеринарство, Здравко Трајанов од ЈП Национални шуми. Еден од тимовите ќе предвод и министерот, појаснувајќи дека во активностите ќе се вклучат и останатите директори од секторот, како и локалните структури на Министерството.

Целта, според него, е да се слушнат предизвиците и идеите на земјоделците. На средбите ќе се разговара за тековните проблеми со кои се соочуваат земјоделците, нивните предлози за унапредување на производството, како и досега спроведените мерки и политики во изминатите две години.

– На овие средби ќе се разговара за реалните предизвици со кои се соочуваат македонските земјоделци, ќе се слушнат нивните предлози и идеи, но ќе се презентираат и политиките и мерките за поддршка на македонското земјоделство, истакна министерот.

Тој нагласи дека земјоделците имаат суштинска улога за државата и дека тие не се само производители, туку тие се двигатели на руралниот развој, чувари на традицијата и клучен фактор за стабилност на домашниот пазар.

Министерот упати повик до земјоделците активно да се вклучат во кампањата.

-Ве повикувам сите да се вклучите и да бидете дел од оваа заедничка кампања „Гласот кој го слушаме – македонско најдобро“. Да создадеме подобри услови и посигурна иднина за македонското земјоделство, порача тој.

Во своето обраќање, Трипуновски повтори дека „најдоброто од Македонија доаѓа токму од македонските ниви и вредните раце на нашите чесни, работливи земјоделци“.

Најнови вести од: Македонија

To top