Македонија

Митрополит повардарски Агатангел: Веднаш да се поништи Преспанскиот договор и да се оневозможи договорот со Бугарија! Само храбро македонски народе!

Обединета Европа стана Европски сојуз пред распаѓање, затоа ја повикувам Владата во овој контекст да ја приспособи и да ја спроведува својата политика, а сиот македонски народ да се обедини!

„Веднаш треба да се пристапи кон поништување на одвратниот Преспански договор. Од него сè почна, кај него сè треба да заврши. Треба, исто така да се запре и да се оневозможи секој договор со Бугарија, кој и барем малку задира во нашето уставно уредување, во нашиот фолклор, во нашата македонска култура. Името на државата Македонија е идентитет на народот, што живее во неа. Последната постапка на европските парламентарци егзактно ни ја реши оваа равенка. Само храбро македонски народе, добриот Бог ги штити Своите верни чеда, ги пази и ги закрилува оние, што усрдно се борат за секоја правда и слобода! Ја повикувам нашата влада во иднина, во ваков контекст, да ја приспособи и да ја спроведува својата политика. Истовремено, сиот македонски народ, од целиот свет, од сите континенти, конечно треба да се обедини и да го крене својот глас против сите овие неправди, со кои Европа со децении нè измачува.“ – истакнува Митрополитот повардарски †Агатангел (Станковски) во својата колумна со наслов „Црната чума што од Европа се зададе“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Митрополитот повардарски †Агатангел (Станковски) пишува: Поминаа повеќе од осум години откако ја вплеткавме државата во преспанската катастрофа, кога насилно и бездушно беа урнати темелите на македонската држава. Немајќи план за денот потоа, ни беа нудени ситни и приземни лаги, спакувани во разни небулози, од типот: „идентитетот ни е бетон“, „го зачувавме јазикот“, „датумот само што не стигнал“. Нашите избрани претставници „умешно“ го избегнуваа вистинското име на државата, насекаде ја ширеа и поттикнуваа апатијата, како некаква шок-терапија, што се претвори во нивна единствена надеж дека македонскиот народ со текот на времето постепено ќе се помири со безизлезот. Но македонскиот народ уште сега им го одреди место што тие си го заслужија: длабокото дно на македонската историја, кое е резервирано за најголемите отпадници и предавници.

Европа, во меѓувреме, тонејќи сè повеќе во морална корупција и расипаност, си ги напушташе своите вековни вредности. Таа постепено го спушташе гардот пред силните налети на грчкиот и бугарскиот шовинизам. Како и повеќепати досега во последните дваесетина години, откако ќе биде втерана во ќоше, таа единствениот излез за својата слабост го пронаоѓа во безобразното насилие и агресија. Европа на Хегел, Кант, Иго и Верди, стана Европа на Живков, Каравангелис и нивните бодигарди. Идејата за обединета Европа, како предводник на прогресот, поредокот и квалитетниот живот, се претвори во Европски сојуз пред распаѓање, во свет на корупција.

Нам овие знаци покрај патот како да не ни се доволна предупреда. Сè уште го чекаме нивниот „извештај“, во кого без трошка совест и воздржување тие ќе ја искажат сета своја дрскост. Колку пати треба да нè понижат и да нè омаловажат, па ние да се свестиме со каква напаст и злокобност си имаме работа? Каква сè не тортура сме подготвени да издржиме, имајќи желба да ни биде овозможено да се качиме на бродот што заринкал на остра стена и кој неминовно, по претрпениот бродолом, ќе потоне во немирното и длабоко море? Како сите да се правиме слепи пред оваа општествена закономерност, од која нема бегање и која води во сигурен пропаст. Повеќе од 460 европски пратеници, црно на бело ни потврдија какви ветришта дуваат на тлото на Европа. Ако што поскоро не се соземеме од овој налет на неправдата, бргу ќе бидеме вовлечени во виорот на бурата, која со сета сила ќе настапи и ќе сотре сè пред себе.

Крајно време е да се покажат храброст и трезвеност. Ова е вистинскиот момент кога нештата треба да се именуваат со правото име. Отворено треба да им се каже кои се и што се. Без дипломатија, без улизување, без шепотење, јасно и гласно, без кружење и заобиколување треба да им се каже дека се насилни деспоти, дека се човечка урнатина со прости нагони и инстинкти, со еден збор – политичка карикатура, која служи за потсмев на светот. Ова треба јавно да се стави на знаење и разбирање, и на корумпираните Европејци во бели ракавици и на нашите домашни слабаци, кои ние како македонска држава и општество треба да ги повикаме на одговорност.

Но секое зло е за некое добро – вели нашиот мудар македонски народ. И од оваа ситуација ќе треба да најдеме начин да излеземе со крената глава, како победници. Доста беше криење, прекривање и ставање на ѓубрето под тепих. Достоинството ќе си го вратиме само ако отворено ја браниме и сведочиме вистината. Оваа постапка на европските тоталитарни формации треба да ја претвориме во можност за нашата татковина. Потребно е сите да се обединиме, сиот македонски народ, сите народи и добронамерници што живеат во Македонија, па да го отсечеме никулецот на црната чума што од Европа се зададе. Нивна желба е ние да живееме во поделби, конфликти и недоразбирања. Нивното оружје се подлоста и клеветата. Наше е да си го исчистиме дворот.

Ова не е само обврска на власта ова е можност и за опозицијата. Секој што има некаква јавна функција ќе треба да расчисти со злобните духови од минатото, што како тешко бреме се напластуваат во сегашноста, а ако не се преземат соодветни и навремени мерки, тогаш тие со сета своја сила ќе натежнуваат и во иднината. Република Македонија ќе треба конечно да тргне по друг пат, кој на почетокот колку и да ни изгледа тесен и каллив, сепак со напорна работа и посветеност, со текот на времето, камен по камен, ќе добие изглед на широка и поплочена патека што води кон благосостојба и сенароден бериќет.

За почеток, веднаш треба да се пристапи кон поништување на одвратниот Преспански договор. Од него сè почна, кај него сè треба да заврши. Треба, исто така да се запре и оневозможи секој договор со Бугарија, кој и барем малку задира во нашето уставно уредување, во нашиот фолклор, во нашата македонска култура. Името на државата Македонија е идентитет на народот што живее во неа. Последната постапка на европските парламентарци егзактно ни ја реши оваа равенка. Сумата што произлезе од оваа недоветна операција може да се претвори во сигурна инвестиција за нашата македонската иднина, се разбира доколку смогнеме сили да стапнеме врз главата на змијата што се спрема да нè зарази со својот погубен отров. Во тој контекст треба да бидат третирани сите актуелни или идни француски предлози, но и секој непристоен предлог, кој врз нашата мака вежба некаква дипломатија.

Само храбро македонски народе, добриот Бог ги штити Своите верни чеда, ги пази и закрилува оние што усрдно се борат за секоја правда и слобода! Носена врз крилата на овие вечни вистини, ја повикувам нашата влада во иднина, во ваков контекст, да ја приспособи и спроведува својата политика. А истовремено, сиот македонски народ, од целиот свет, од сите континенти, конечно треба да се обедини и да го крене својот глас против сите овие неправди со кои Европа со децении нè измачува.

Најнови вести од: Македонија

Андоновски: На Обвинителството му нудиме систем за електронска архива за поголема контрола врз предметите

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во вечерашното гостување на Телевизија Алфа, во емисијата „За или против“, говореше за придобивките од Националниот документ менаџмент систем (еДМС) кои се исклучително важни во зголемување на ефикасноста на институциите и борбата против корупцијата

(Видео): Има пари за луксузирање на владата, граѓаните не можат да се прехранат, реагира Филипче

Филипче посочи дека растот на цените на енергенсите и горивата директно довел до поскапување на основните прехранбени производи. Раст на цените и притисок врз граѓаните.

Проектот за брз автобуски превоз во Скопје ќе се реализира со заем од 70 милиони евра од ЕБРД!

Вицепремиерот Александар Николоски објави дека Владата дава силна поддршка за реализација на проектот за брз автобуски превоз (БРТ) во Град Скопје. Тој нагласи дека средствата од 70 милиони евра ќе бидат обезбедени преку заем од ЕБРД, а рокот за завршување е февруари 2029 година.

Влада: Треба да се почитуваат основните принципи на професионално и етичко однесување во медиумскиот простор! – Недоличното однесување на новинарот Адеми кон Јаневска не е изолиран инцидент!

„Заштитата и унапредувањето на слободата на медиумите и правото на новинарите да поставуваат прашања од јавен интерес, без никакви ограничувања или притисоци се наша обврска, но истовремено, нагласуваме дека ова право подразбира и обврска за професионално, достоинствено и етичко однесување. Слободата на изразување не смее да биде изговор за нарушување на личниот и институционалниот интегритет – се вели во реакцијата на Владата, објавена денеска, а во врска со вчерашниот инцидент во Тетово. „Ти рековме да си земеш преведувач кога доаѓаш во Тетово?!“ – со оваа националистичка провокација ѝ се обрати новинарот Невриј Адеми кон министерката за образование Весна Јаневска за време на промоцијата на реновираното училиште „Моша Пијаде“ вчера во Тетово, кога ја праша Јаневска дали при доаѓањето во Тетово, зела и преведувач од македонски на албански јазик, со очигледна намера да предизвика скандал. На тоа Јаневска рече дека не ѝ треба преведувач и оти не знае кому му треба преведувач во Македонија за македонски јазик. Ова го објави „Плус инфо“.

Милановиќ: Има живот и без ЕУ, и тоа успешен и достоинствен! – Македонија сама одлучува што е најдобро за неа и кој пат ќе го избере!

Има живот и без ЕУ, кажа хрватскиот претседател Зоран Милановиќ по средбата со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Загреб, осврнувајќи се на долгогодишниот процес на пристапување на Македонија кон ЕУ. Тој додаде дека на Македонија ѝ се поставуваат премногу услови и барања. Сиљановска-Давкова е во официјална посета на Република Хрватска.

To top