„Вчера видовме голем број на опозициски и активисти и високи функционери кои беа на протестот, давајќи му и политичка конотација. Ние за тоа ги информиравме нашите сојузници и во НАТО и во Европската Унија за обид на опозицијата на одреден начин да направи дестабилизација и мислам дека тоа не наиде на одобрување од високи преставници на меѓународната заедница“, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Тој оцени дека присуството на голем број опозициски активисти и високи функционери на вчерашниот „студентски протест“ дале политичка конотација на вчерашниот протест.
Заа брањата на студентите за полагање на правосудниот испит и на албански јазик, Мицкоски вели дека барањата се едно, а Уставот и меѓународните стандарди се нешто сосема друго.
„Факт е дека Законот за употреба на јазиците е предизвикан пред Уставниот суд токму во оној дел на правосудството и владеењето на правото. Факт е дека имаме негативно мислење од Венецијанската комисија во однос на двојазичноста во правосудството бидејќи прво, немаме доволно ресурси за тоа да го имплементираме, а второ, не се гарантира владеењето на правото. Затоа тие силно препорачуваат да се вратиме на законот за јазици од 2008 или 2009 година“.
Тој посочи дека е формирана комисија составена од уставни експерти кои треба да најдат решение во однос на ова прашање кое истовремено ќе биде уставно и согласно меѓународните стандарди.