Македонија

„Н.М“: „Волкот“ Радев, за кого македонскиот е само норма на бугарскиот јазик, го менува крзното, но не и политиката кон Македонија!

„Поканата што македонскиот премиер Христијан Мицкоски му ја упати на новиот бугарски премиер Румен Радев е дипломатски висококоректен потег. Државите разговараат и тогаш кога не се согласуваат. Но дали со доаѓањето на Радев во извршната власт во Софија може да се очекува промена во бугарската политика кон Македонија, или само продолжување на една стратегија што со години произведува блокади, понижувања и негирања? Во 2020 година Радев порача дека „историјата и јазикот не можат да бидат предмет на политички компромис“, практично ставајќи до знаење дека Софија нема намера да го признае македонскиот јазик како посебен историски и национален факт. Во повеќе наврати бугарската политичка елита, предводена токму од Радев, тврдеше дека македонскиот јазик е само „норма на бугарскиот. Дали Радев ќе се откаже од политиката на постојани условувања? Дали ќе престане со реториката што го проблематизира македонскиот идентитет? Дали ќе прифати дека европската иднина на Македонија не може да зависи од историски толкувања? Досега нема ниту еден сериозен сигнал дека навистина постои таков пресврт.“ – се наведува во анализата со наслов „Волкот Радев го менува крзното, но не и политиката кон Македонија“, која е објавена денес во весникот „Нова Македонија“.

Натаму, во споменатата анализа пишува: Ако се суди според досегашниот политички профил на Радев, одговорот не остава многу простор за оптимизам. Румен Радев не е политичар што влегува во македонско-бугарските односи како неутрален посредник или прагматичен европски лидер. Напротив. Во изминатите години токму тој беше еден од најгласните и најтврди застапници на бугарската политика кон Македонија, политика што во македонската јавност беше доживувана како негација на македонскиот идентитет, јазик и историска посебност. Тој беше претседателот што отворено порача дека „во моментов сме во состојба на вето“ и дека Македонија нема да може да ги почне суштинските преговори со Европската Унија сè додека Бугарите не бидат внесени во македонскиот устав. Но проблемот никогаш не беше само уставната измена.

Проблемот е што Радев со години ја градеше својата политика врз тезата дека македонското прашање е „недовршен историски спор“, а не на демократска европска реалност, и дека македонското прашање има длабоки корени и во историографијата. Неговите настапи не беа насочени кон градење доверба, туку кон институционализирање на бугарските историски позиции во европската рамка. Токму за време на неговиот мандат Бугарија го претвори правото на вето во главна политичка алатка кон Македонија. Софија не бараше само добрососедство, туку редефинирање на македонскиот национален наратив.(?!) Во 2020 година Радев порача дека „историјата и јазикот не можат да бидат предмет на политички компромис“, практично ставајќи до знаење дека Софија нема намера да го признае македонскиот јазик како посебен историски и национален факт. Неговите изјави за македонскиот јазик беа уште подиректни. Во повеќе наврати бугарската политичка елита, предводена токму од Радев, тврдеше дека македонскиот јазик е само „норма на бугарскиот“. Во македонската јавност особено одекнаа пораките дека „не може да се прифати постоење на македонски јазик“ како посебна историска категорија.

Уште поопасно беше што ваквите позиции не останаа само за домашна бугарска употреба. Радев активно ги внесе во институциите на Европската Унија. Неговата администрација инсистираше македонскиот идентитет и јазик да не добијат чисто и недвосмислено признавање во европските документи. Во суштина, политиката што ја водеше Радев не беше само спор околу историјата. Таа беше обид историските толкувања да станат услов за европска интеграција. И тука е клучниот проблем за Македонија. Европската Унија првпат дозволи билатерален историски спор да стане дел од пристапниот процес. А Радев беше еден од главните архитекти на тој модел. Тој успеа бугарските позиции да ги претвори во европски услови – преку преговарачката рамка, Вториот протокол и уставните измени. Оттука, тешко е денес да се поверува дека истиот политичар, само затоа што од претседателската фотелја преминува во премиерската, одеднаш ќе стане поумерен. Особено ако се знае дека токму неговата реторика често одеше и подалеку од официјалната европска дипломатија. Во Македонија, Радев се доживува како симбол на една политика што не гледа на македонската држава како на рамноправен сосед, туку како на „историски проблем“ што треба да подлежи на ревизија. Неговата политичка стратегија беше јасна: максимален притисок врз Скопје во момент кога Македонија најсилно посакуваше отворање на европските преговори.

Дали Радев ќе се откаже од политиката на постојани условувања? Дали ќе престане со реториката што го проблематизира македонскиот идентитет? Дали ќе прифати дека европската иднина на Македонија не може да зависи од историски интерпретации? Досега,нема ниту еден сериозен сигнал дека навистина постои таков пресврт. Напротив, и во поновите настапи Радев повторува дека Бугарија „не поставува нови услови“, туку бара исполнување на веќе договорените обврски. Но токму тука е суштината на спорот: за Македонија, тие „обврски“ одамна ја надминаа рамката на европските критериуми и навлегоа во сферата на идентитетските прашања. Затоа и во македонската јавност сè почесто се слуша народната „волкот го менува крзното, ама карактерот – не“.

Македонија, секако, мора да разговара со Софија. Нема друга географија, ниту друга европска реалност. Но исто така Македонија има право и обврска да извлече поука од изминатите години. А поуката е едноставна. Тоа е дека секое попуштање што не е проследено со јасни европски гаранции, во бугарската политика се чита како сигнал за ново барање. Токму затоа, периодот што следува ќе биде тест не само за Радев туку и за Европската Унија. Ќе дозволи ли Брисел и натаму европската перспектива на Македонија да биде заложник на историски ревизионизам и билатерални притисоци или конечно ќе воспостави јасна граница меѓу европските критериуми и националистичките агенди? Одговорот на тоа прашање ќе покаже дали Балканот навистина има европска иднина или само бескрајно повторување на старите балкански конфликти, генерирани и од политиките на политичари како Радев со матрица од минатите времиња, некаде околу триесетите и четириесетите години на минатиот век…, се наведува во анализата, објавена во „Нова Македонија“.

Најнови вести од: Македонија

„Политико“: Брисел му нуди на Скопје „добредодојдовте во чекалницата!“, но Муцунски бара „многу понапредна позиција отколку сега“!

„Од Брисел: ‘Добредојдовте во чекалната’! Тоа ги вклучува Косово и С.Македонија, обете на распоредот на фон дер Лајен, заедно со фаворитите Албанија и Црна Гора. По ова предизвикот за Урсула Лаен е да ги убеди дека Брисел не создава кандидати за ЕУ втор ред.“ – објави денес европскиот аналитички магазин „Политико“. Од друга страна, информативната агенција „Нетпрес“ јавува дека ЕУ нуди ограничен пристап до заедничкиот пазар на земјите-кандидатки, ако се против Русија и Кина.

Бендевска: СДСМ не беа и на денешната средба за Изборниот законик, немаат демократски капацитет и ги сопираат реформите!

Претставничката на ЗНАМ во работната група за реформи во изборното законодавство Весна Бендевска денеска во име на Движењето ЗНАМ искажа длабоко разочарување, поради повторното недоаѓање на СДСМ на оваа средба, нагласувајќи дека токму нивното отсуство говори за немање демократски капацитет.

Директорот на Историскиот музеј во Крушево Миха Оџаклиески поднесе оставка по реакциите за „Секси мама“ во „Македониумот“,

Оџаклиески ја опиша својата одлука како личен, морален и етички чин, со кој, како што наведува, презема одговорност кон институцијата и јавноста. Оставката доаѓа по реакциите за снимањето на спотот на косовскиот рапер Дон Џони во внатрешноста на „Македониумот“, кој е заштитено културно наследство.

Проверете си ги радијаторите!

Од Регулаторната комисија упатија апел до сите заедници на станари навреме да ги проверат внатрешните инсталации во објектите и да ги подмират евентуалните заостанати сметки за електрична енергија за топлинските потстаници, со цел старт на грејната сезона без неочекувани прекини и проблеми

Најнови вести

To top