„Н.М“: „Волкот“ Радев, за кого македонскиот е само норма на бугарскиот јазик, го менува крзното, но не и политиката кон Македонија!
„Поканата што македонскиот премиер Христијан Мицкоски му ја упати на новиот бугарски премиер Румен Радев е дипломатски висококоректен потег. Државите разговараат и тогаш кога не се согласуваат. Но дали со доаѓањето на Радев во извршната власт во Софија може да се очекува промена во бугарската политика кон Македонија, или само продолжување на една стратегија што со години произведува блокади, понижувања и негирања? Во 2020 година Радев порача дека „историјата и јазикот не можат да бидат предмет на политички компромис“, практично ставајќи до знаење дека Софија нема намера да го признае македонскиот јазик како посебен историски и национален факт. Во повеќе наврати бугарската политичка елита, предводена токму од Радев, тврдеше дека македонскиот јазик е само „норма на бугарскиот. Дали Радев ќе се откаже од политиката на постојани условувања? Дали ќе престане со реториката што го проблематизира македонскиот идентитет? Дали ќе прифати дека европската иднина на Македонија не може да зависи од историски толкувања? Досега нема ниту еден сериозен сигнал дека навистина постои таков пресврт.“ – се наведува во анализата со наслов „Волкот Радев го менува крзното, но не и политиката кон Македонија“, која е објавена денес во весникот „Нова Македонија“.