Македонија

Пола Македонија под вода – битката со невремето продолжува, само во Кичево евакуирани 250 семјства

Куќи полни со вода, поплавен и уништен мебел, расипани машини, нефункционална бела техника, блокирани возила – тоа е состојбата еден ден по поплавите во населбите во Кичево. Во Подварош околу 50 куќи, кои се во близина на Зајаска река се поплавени, а жителите ја опишуваат ужасната ноќ што ја преживеале.

Обилните врнежи што ја зафатија земјава предизвикаа сериозни поплави во западните и северозападните региони. Излеани се повеќе реки, поплавени се куќи, подруми, дворови и земјоделски површини, а на повеќе места е оштетена и инфраструктурата. Најкритична е состојбата во Гостиварско и Кичевско, каде што водата навлезе во десетици домови, а дел од населението беше евакуирано.

250 евакуирани во Кичево

Во Кичево, по излевањето на Зајашка Река, беа евакуирани околу 250 лица, меѓу кои 61 дете и 11 лица со инвалидитет. Најпогодени се жителите на улицата „Прилепска“ и населбата Подварош. Дел од објектите на кичевската болница исто така се зафатени од вода. Евакуираните се сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде што им се обезбедени основни услови за престој, храна и вода. Според податоците, вкупно 362 домаќинства со околу 1.200 жители се соочуваат со последиците од поплавите.

Интервенции на повеќе локации

Во Гостиварско најпогодено е селото Форино по излевањето на Вардар. Поплавени површини има и во Чајле, Турчане, Врапчиште и Беловиште. Противпожарните екипи интервенирале цела ноќ.

Во Липковско, поради излевање на Слупчанска Река, поплавени се земјоделски површини во Опае и Оризаре. Во Кумановско внимателно се следи состојбата со Кумановска Река, а во скопската општина Сарај, каде претходно беа поплавени над 30 куќи, состојбата постепено се стабилизира.

Минимално излевање на Вардар е забележано и во Зелениково, засега без директна опасност за домовите.

Реките и натаму на критично ниво

Водостојот на Вардар во горниот тек останува исклучително висок, а ризикот од нови излевања е реален. Реката Треска и покрај благо намалување, сè уште е на критично ниво. Зголемен водостој бележи и Црна Река, со можност за локално заезерување во Демирхисарско и Пелагонија.

Се очекува висок водостој и во средниот и долниот тек на Вардар, кон Демир Капија и Гевгелија.

Предупредување за дополнителна опасност

Од ЈП „Национални шуми“ предупредуваат дека уништените шумски појаси, особено на Скопска Црна Гора, може дополнително да ги засилат последиците од поројните дождови.

– Доколку продолжат обилните врнежи, поради намалената природна заштита од ерозија, може да дојде до силни порои и нови поплави – предупредуваат од претпријатието.

Следуваат нови врнежи и силен ветер

Според прогнозата, врнежите ќе продолжат и во текот на утрешниот ден, повремено со пообилен интензитет. На планините се очекува снег, а на повисоките места мешан дожд и снег. Во источните делови постојат услови за ретки грмежи.

Ќе дува засилен, повремено силен северен ветер, што дополнително може да ја влоши состојбата.

Црвениот крст на терен

Волонтерите на Црвениот крст се активно вклучени во обезбедување хуманитарна помош – топли оброци, вода, душеци, ќебиња и хигиенски средства. Покрај материјалната поддршка, тие нудат и психосоцијална помош за погодените семејства.

Надлежните институции апелираат граѓаните да бидат крајно внимателни, да избегнуваат движење покрај реки и суводолници и редовно да ги следат официјалните информации, додека опасноста од нови излевања сè уште не е целосно надмината.

Најнови вести од: Македонија

Попов: Македонскиот јазик не е „вештачка конструкција“ и борбата за него не е завршена! Стратегиските партнери треба да помогнат за спорот со Бугарија!

–Официјализирањето на македонската азбука и на македонскиот стандарден јазик не е никаква „вештачка конструкција“, туку логичен тек на долговековниот просторен и временски континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти на цела територија. Тој има долга историја и особен влог во рамките на групата на словенски јазици и светското јазично семејство. Но борбата за зачувување на македонскиот јазик не е завршена. Таа мора да трае и да продолжи пред меѓународните институции за човекови права бидејќи неговата официјална употреба од страна на деловите на македонскиот народ во соседните земји е оневозможена со преземените обврски со потпишаните меѓународни договори. “ – нагласи Живко Попов, претседателот на Македонската академија на науки уметности, денес во своето годишно обраќање. .

Уставниот суд ги отфрли иницијативите, со кои се оспоруваше уставноста на „Безбедниот град“

Уставниот суд ги отфрли иницијативите да се оспори системот „Безбеден град“, односно дел од одредбите на Законот за прекршоци. Иницијативи со кои се бараше да се оспори „Безбеден град“ поднесоа двата дела на Алијансата за Албанците, предводени од Зијадин Села и од Арбен Таравари, како и студентот Или Пачуку, поради неупотребата на албанскиот јазик во пораките за прекршоци. Забелешката е и за, како што се тврдеше, „спроведувањето на системот само во Скопје, Тетово и во Куманово“, потоа и за обврската за поседување мобилен телефон и интернет-адреса заради доставување на пораките, но и за наводна „селективна примена на Законот и за дискриминација на Албанците“. Со иницијативите се бараше Уставниот суд да ги поништи „спорните“ одредби.

Мицкоски: Зголемен е бројот на странските инвеститори, што се задоволни од бизнис климата во државата и кои се подготвени да ја зголемат својата инвестиција

„За нас странските инвеститори се исклучително важни исто како и домашните инвеститори, бидејќи економијата е една од главните приоритети на функционирањето на оваа Влада, како и сѐ друго, што е составен дел во таа борба за колку е можно подобра економија.“ – истакна премиерот Христијан Мицкоски по работната средба со Советот на странски инвеститори.

Samsung Galaxy S26 Серијата и Galaxy Buds4 Серијата сега достапни ширум светот

Galaxy S26 серијата бележи двоцифрен раст во нарачки, додека Galaxy S26 Ultra е избор на 70% од потрошувачите, заедно со Galaxy Buds4 серијата со неверојатен звук.
Во Европа, уредот Galaxy S26 Ultra бележи 20% раст на нарачките на годишно ниво

Министерство за финансии: „Стоп“ за измамите на финансиските друштва за кредити со „нула камата“!

Министерството за финансии на Република Македонија во реализиран надѕор врз работењето на финансиските друштва  констатира одредени измамнички трговски практики, кои се однесуваат, меѓу другото,  на рекламирањето на финансиските услуги и други дејстваа од финансиските друштва, спротивно на Законот за заштита на потрошувачите. „При надзорот констатирани се рекламирања со 0% камата, иако во договорот за кредит биле предвидени други дополнителни трошоци!“ – соопшти ова министерство денес.

Најнови вести

To top