Македонија

Пред голем испит сме – порача претседателката Сиљановска Давкова пред светската заедница

Македонија се чувствува како дел од европското семејство

Пред голем испит сме: или ќе го гарантираме меѓународниот поредок врз визионерски принципи или ќе итаме кон катастрофа со несогледливи размери за човештвото – истакна претседателката Гордана Сиљановска – Давкова обраќајќи се денеска на 80. Сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.

– Пред наши очи започнува нова геополитичка ера. Наместо заедно да одговориме на ургентните предизвици, како што се мирот и безбедноста, климатските промени и уништувањето на животната средина, вештачката интелигенција и растечките нееднаквости, се чини дека одиме кон пост-хобсовска состојба на војна на сите против самите себе. Наместо еден, меѓународен поредок, како да никнуваат паралелни поредоци, секој со свои правила, вредности и интереси, што, не ретко, се насочени едни против други – рече Сиљановска – Давкова.

Според неа, Обединетите нации денес се соочуваат со геополитички и геоекономски земјотрес, а денешните кризи се последица на длабоки тектонски поместувања што ги подриваат принципите што го обликуваа светот изминативе 80 години.

– Наместо да создава свест за споделена иднина, човештвото се соочува со војни и со губење на хуманоста. Со сè почестото игнорирање на меѓународното хуманитарно право, гладот станува оружје, а хуманитарните работници мета. Потресите на меѓународниот поредок отворија длабоки геополитички раседи. Еден од најактивните е во Украина, каде веќе три и пол години беснее војна. Руската агресија е флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации и директно ги загрозува меѓународниот мир и безбедноста – рече Сиљановска – Давкова.

Таа повика на итна деескалација, доследно почитување на меѓународното право и примена на превентивната дипломатија за намалување на тензиите и зачувување на мирот.

Геополитичката раседна линија минува, како што рече, и низ регионот на Западен Балкан.

– Процесот на македонското пристапување кон Европската унија веќе 20 години е континуирано попречуван, но не врз основа на објективните копенхагенски критериуми, туку поради субјективни, националистички причини. Најновиот ЕУ услов за почеток на нашите преговори е нова повторно наметната промена на Уставот – рече претседателката.

Таа притоа укажа дека условувањето на почетокот на преговорите со нови уставни измени повторно ги отвора прашањата за историјата, културата и јазикот, за кои „бевме убедувани дека се затворени со Преспанскиот договор со Грција“.

– Постојано сме предупредувани дека договорите мора да се почитуваат: Pacta sunt servanda. Напоменуваме дека во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија нема одредби за устави измени. Конечно, со конститутивните акти ЕУ себеси се дефинира како „единство на различности“ и се обврзува да ги почитува „културната и јазична разновидност“, „националниот и културниот идентитет“, „дигнитетот и интегритетот“. Како е можно тогаш од нас да се бара со сосед да разговараме и преговараме за нашата историја, култура и јазик? – праша претседателката Сиљановска – Давкова од говорницата на Генералното собрание на ОН.

Таа потенцира дека себеси се перципираме како европјани и дека длабоко веруваме во европскиот проект, којшто по Втората светска војна донесе мир и економски просперитет.

– Европскиот идеал останува наша најголема инспирација и стратешка аспирација. Како држава посветена на добрососедството и на регионалната соработка не сакаме спорови со нашите соседи. Она што го посакуваме е да се интегрираме во Унијата, но без дополнителни услови и со зачувано национално достоинство – истакна Сиљановска – Давкова.

Таа предупреди дека по војната во Украина, блокираната евроинтеграција на Западниот Балкан не е само политичко туку е и безбедносно прашање.
– Со затворената политичка врата за земјите од Западниот Балкан и широко отворена врата за влијанија на трети геополитички центри на моќ, иронично е Унијата да повикува на отпорност кон нив – рече претседателката, додавајќи дека ЕУ ако сака да биде геополитичка унија не смее да го остави Западниот Балкан во геополитички вакуум.

Во обраќањето, осврнувајќи се на Блискиот Исток и Газа, изрази убедување дека дека одржливиот мир на Блискиот Исток може да се постигне единствено преку дијалог и дипломатија, во согласност со меѓународното право.

– Во тој дух, ја реафирмираме нашата поддршка на меѓународните напори насочени кон деескалација, инклузивен дијалог и директни преговори. Алтернативата е да се обидеме да го ревитализираме мултилатерализмот и да ги направиме неговите институции поотпорни на системските потреси – рече Сиљановска – Давкова.

Според неа младите генерации имаат право на обновена Повелба, на реформирани и силни Обединети нации што ќе им овозможат да живеат во мир меѓу народите, но и мир со природата.

– Тие реформи не смеат да бидат козметички, туку длабоки за да овозможат поголема инклузивност, хармонизација меѓу вредностите и механизмите, оптимизација на националните и глобалните интереси, силни и функционални институции – рече Сиљановска – Давкова.

Таа смета дека реформите на Обединетите нации зависат од тоа дали на нив се гледа како на можност за обнова на меѓународниот поредок втемелен на правила, или како оспорување на привилегиите на некои земји-членки.

– Но, која е поентата да се биде привилегирана земја-членка на нефункционална, нерелевантна, маргинализирана меѓународна организација? – праша претседателката, додавајќи дека реформата е потребна не само поради старите, туку и заради новите предизвици.

– Вештачката интелигенција носи огромни можности, но и несогледливи ризици за нашата цивилизација. Нејзиното влијание може да биде и поголемо од индустриската и дигиталната револуција. Свесни за ова, мојата држава и јас го поддржуваме предлогот вештачката интелигенција да биде еден од приоритетите на 80-тата седница – рече Сиљановска – Давкова.

Во однос на изборот на нов Генерален секретар на Обединетите нации следната година, таа посочи дека идниот прв дипломат на светот мора да има многу знаење, трпение и такт.

– По 80 години од основањето, крајно време е за жена Генерален секретар на Обединетите нации. Во свет доминиран од силни мажи, често со оружје, потребни ни се силни жени со мудрост и емпатија – рече претседателката.

Што се однесува до климатските промени, таа укажа дека македонските граѓани веќе ги чувствуваат последиците од климатската криза, како што се екстремните временски услови, поради што на COP29 во Баку го поддржавме спроведувањето на Парискиот договор.

Посочи и дека вложуваме големи напори за промоција на женското лидерство и имплементацијата на агендата за жените, мирот и безбедноста, дека ја потпишавме новата Рамка за соработка со Обединетите нации 2026-2030, заради обезбедување на инклузивен социјален и човечки развој, одржлива економија и достојна работа, отпорно и зелено општество и екосистеми, владеење на правото и добро управување.

– Треба да ги препознаеме Обединетите нации за она што се – навистина несовршен, но неопходен инструмент на нациите во работењето за мирна еволуција кон поправеден и побезбеден светски поредок. Да им ја дадеме таа шанса – рече на крајот од обраќањето на 80. Сесија на ГС на ОН во Њујорк претседателката Гордана Сиљановска – Давкова.

Најнови вести од: Македонија

Попов: Македонскиот јазик не е „вештачка конструкција“ и борбата за него не е завршена! Стратегиските партнери треба да помогнат за спорот со Бугарија!

–Официјализирањето на македонската азбука и на македонскиот стандарден јазик не е никаква „вештачка конструкција“, туку логичен тек на долговековниот просторен и временски континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти на цела територија. Тој има долга историја и особен влог во рамките на групата на словенски јазици и светското јазично семејство. Но борбата за зачувување на македонскиот јазик не е завршена. Таа мора да трае и да продолжи пред меѓународните институции за човекови права бидејќи неговата официјална употреба од страна на деловите на македонскиот народ во соседните земји е оневозможена со преземените обврски со потпишаните меѓународни договори. “ – нагласи Живко Попов, претседателот на Македонската академија на науки уметности, денес во своето годишно обраќање. .

Уставниот суд ги отфрли иницијативите, со кои се оспоруваше уставноста на „Безбедниот град“

Уставниот суд ги отфрли иницијативите да се оспори системот „Безбеден град“, односно дел од одредбите на Законот за прекршоци. Иницијативи со кои се бараше да се оспори „Безбеден град“ поднесоа двата дела на Алијансата за Албанците, предводени од Зијадин Села и од Арбен Таравари, како и студентот Или Пачуку, поради неупотребата на албанскиот јазик во пораките за прекршоци. Забелешката е и за, како што се тврдеше, „спроведувањето на системот само во Скопје, Тетово и во Куманово“, потоа и за обврската за поседување мобилен телефон и интернет-адреса заради доставување на пораките, но и за наводна „селективна примена на Законот и за дискриминација на Албанците“. Со иницијативите се бараше Уставниот суд да ги поништи „спорните“ одредби.

Мицкоски: Зголемен е бројот на странските инвеститори, што се задоволни од бизнис климата во државата и кои се подготвени да ја зголемат својата инвестиција

„За нас странските инвеститори се исклучително важни исто како и домашните инвеститори, бидејќи економијата е една од главните приоритети на функционирањето на оваа Влада, како и сѐ друго, што е составен дел во таа борба за колку е можно подобра економија.“ – истакна премиерот Христијан Мицкоски по работната средба со Советот на странски инвеститори.

Samsung Galaxy S26 Серијата и Galaxy Buds4 Серијата сега достапни ширум светот

Galaxy S26 серијата бележи двоцифрен раст во нарачки, додека Galaxy S26 Ultra е избор на 70% од потрошувачите, заедно со Galaxy Buds4 серијата со неверојатен звук.
Во Европа, уредот Galaxy S26 Ultra бележи 20% раст на нарачките на годишно ниво

Министерство за финансии: „Стоп“ за измамите на финансиските друштва за кредити со „нула камата“!

Министерството за финансии на Република Македонија во реализиран надѕор врз работењето на финансиските друштва  констатира одредени измамнички трговски практики, кои се однесуваат, меѓу другото,  на рекламирањето на финансиските услуги и други дејстваа од финансиските друштва, спротивно на Законот за заштита на потрошувачите. „При надзорот констатирани се рекламирања со 0% камата, иако во договорот за кредит биле предвидени други дополнителни трошоци!“ – соопшти ова министерство денес.

Најнови вести

To top