Македонија

(Фото): Сиљановска-Давкова го прогласи за отворено 38. издание на Саемот на книгата

Според Сиљановска-Давкова, книгата не нѐ учи само да читаме редови, таа нѐ учи да ги читаме и разбираме времињата нагласувајќи ја нејзината тивка, но длабока и трајна моќ да влијае врз човекот и развојот на неговиот карактер.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прогласи за отворено 38. издание на Саемот на книгата, којшто годинава под слоганот „Отвори прозорец кон нови светови“ се одржува од 23 до 29 април во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова нагласи дека книгата претставува суштински носител на човечката мисла и култура, чија основна улога е да го пренесе духот од еден човек кон друг, од едно поколение кон следното и од една епоха кон вечноста.

За претседателката, книгата е ризница во којашто не се чуваат злато и сребро, туку идеи, сознанија, визии и надежи. „Во неа разговараат мудрецот и детето, владетелот и сиромавиот, поетот и научникот, оној што сонувал и оној што страдал“, додаде таа.

Според Сиљановска-Давкова, книгата не нѐ учи само да читаме редови, таа нѐ учи да ги читаме и разбираме времињата нагласувајќи ја нејзината тивка, но длабока и трајна моќ да влијае врз човекот и развојот на неговиот карактер. Таа оцени дека општествата кои негуваат култура на читање создаваат услови за поголем развој и напредок, го почитуваат достоинството на слободата на мислата и затоа кога библиотеките се живи, духовниот живот не згаснува.

  • „Денешниов ден нè обврзува да ја сочуваме книгата од заборав, да го заштитиме авторското право како едно од највредните, но за жал, и најнезаштитените” – порача претседателката.

Отворањето на Саемот на книгата, започна со сплет од народни песни, во изведба на хорот на детската градинка „Детска радост“.

Покрај претседателката, на 38. Саем на книгата се обратија Зоран Љутков, министер за култура и туризам, Даниела Глигоровска, извршна директорка на Скопски саем, Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи, писателката Оливера Ќорвезировска и писателката од САД, Сара Пеканен. На саемот ќе се претстават повеќе од 65 издавачки куќи со над 130 наслови од домашни и странски автори.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова:

Драги писатели, ученици, пријатели на книгата,

Насловот доволно кажува. Слушајќи ги прекрасните писателски зборови, посакав ноќва овде да останам затворена, за да може да ги отворам овие прозорци. И јас би сакала да ви кажам неколку збора за книгата. Убедена сум дека кога првиот човек ја почувстувал потребата, својата мисла да ја сочува од заборав и чувството да го избави од минливоста на времето, започнала веројатно историјата на книгата. Од глинените таблички и древните ракописи, преку манастирските скрипти, преку свечените библиотеки на старите градови, сè до современите изданија што денес патуваат низ светот со брзината на светлината, книгата останува непроменлива во суштината, да го пренесе духот од човек кон човек, од поколение кон следното, од епоха кон вечноста. Во неа почиваат гласовите на вековите. Во книгата разговараат мудрецот и детето, владетелот и сиромавиот, поетот и научникот, оној што сонувал и оној што страдал.

Мислам дека ниту еден храм не собрал толку молитви на разумот, ниту еден дворец не сочувал толку богатства колку тоа што го сторила книгата. Книгата за мене е ризница во која не се чуваат злато и сребро, туку идеи, сознанија, визии и надежи. Книгата не нѐ учи само да читаме редови, таа нѐ учи да ги читаме и разбираме времињата.

Таа не ни дава само знаење, таа ни дарува мерка за мудрост. Таа не ни го полни само умот, туку ни го возвишува карактерот. Оној што чита, постепено ја стекнува најретката способност да го разбере другиот човек, а и себе си. Токму таму започнува, по мене, секоја вистинска култура и секој траен мир. Во ова брзо време, книгата навистина нѐ турка кон тишината, бидејќи само кога сме сами и во тишина навистина можеме да размислуваме. Така велеше и Шопенхауер.

Книгата бара внимание. Книгата бара трпение. Книгата бара внатрешно разбирање. Книгата никогаш не се наметнува, туку нѐ повикува. Никогаш не вика книгата, ама осветлува и просветлува. Токму затоа мислам дека нејзината моќ е длабока и трајна. Веќе чувме дека народите што читаат, се во предност. Народот што чита, сѐ разбира дека ја разбира иднината. Зошто? Бидејќи знае дека таа се гради со знаење.

Општеството што ги почитува авторите, го почитува достоинството на слободата на мислата. Затоа библиотеките се живи таму каде што духовниот живот не згаснува. Можеби затоа Борхес вели дека рајот го замислува како библиотека. Се согласувам. Таму каде што децата растат покрај книги, растат луѓе способни да успеат да разберат, да создадат и да сочувствуваат. Затоа денес со благодарност им се поклонувам на писателите, на тие грандиозни неимари на човечката свест, на преведувачите кои ги релативизираат далечините меѓу јазиците, на наставниците кои го отвораат првиот прозорец кон светот на читањето и на библиотекарите кои со достоинствена тишина ја чуваат меморијата на цивилизацијата.

Денешниов ден нѐ обврзува да ја сочуваме книгата од заборавот, да го заштитиме авторското право како едно од најнезаштитените и едно од највредните, да им оставиме на младите поколенија не само технологии, туку и вредности, не само информации, туку смисла, не само средства за живот, туку и причина за живење. Зошто кога ќе замолчат дневниве вреви, кога ќе исчезнат минливите сензации и кога ќе се разоткријат сите привиди на времето, повторно останува книгата, мирна, достоинствена и вечна, потсетувајќи нѐ што сме наследиле, што сме создавале и што сме должни да го предадеме понатаму.

Како страстна љубителка на книги и јас навистина се согласувам со Борхес дека, веројатно, рајот е библиотека, со огромна чест и благодарност кон сите присутни и кон книгите овде, бидејќи тоа се живи светови за мене, дозволете ми да го прогласам Саемот на книгата за отворен.

Најнови вести од: Македонија

Се води ли војна преку водата за пиење и зошто нема доверба во институциите?!

22 дена во градскиот водовод во Гостивар биле вклучени пумпи кои наводно го полнеле системот со вода од површински канал од реката Вардар, наводно за да се зголеми притисокот во летниот период. Ова навидум наивно објаснување актот во Гостивар, кој практично имаше ефект на терористичко дело, за жал беше „поткрепено“ со документ од државна институција.

(Колумна): Ладење со вентилатор?

За време на големите топлински бранови (горештини) во некои европски земји (Франција, Англија, …) на телевизија гледавме сцени како наутро при отворање на продавници се создаваа големи турканици за купување било какви апарати за ладење, а најчесто гледавме како грабаат вентилатори.

Македонија скокна за 29 позиции на Глобалниот индекс за сајбер безбедност

Македонија бележи значителен напредок на Глобалниот индекс за сајбер-безбедност (National Cyber Security Index – NCSI), искачувајќи се за 29 позиции и достигнувајќи го 30. место меѓу 155 рангирани држави и територии.

МПЦ-ОА до Вучиќ: Ги отфрламе сите политички, идеолошки светови или платформи, од каде и да доаѓаат!

По повод неодамнешната изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ дека „Српската Црква е иста и во… Скопје…“ денеска реагира Архиерејскиот синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА).

ВМРО ДПМНЕ: СДС пак се обиде да произведе „изјава“ за „разговори под радарот“, што Муцунски никогаш не ја дал!

СДС денес повторно се обиде да произведе „изјава“ што министерот Муцунски никогаш не ја дал, тврдат дека рекол дека разговорите се водат „под радарот“. Има само еден мал проблем: таква изјава нема.“ – реагира ВМРО ДПМНЕ.

To top