Македонија

Сиљановска со дијаспората: Во животот можете да смените сè, само татковината не

Ние мораме да си ги задржиме врските, да бидеме во постојана комуникација, мораме да си ја повратиме дијаспората смета претседателката

Ние мораме да си ги задржиме врските, да бидеме во постојана комуникација, мораме да си ја повратиме дијаспората, а тоа ќе го сториме преку набрзо формирање на советот за дијаспора, со регистар на луѓето, им порача претседателката Сиљановска Давкова на македонските иселеници во Детроит при посетата на црквата „Света Богородица“.

– Посакувам да бидеме во постојана врска, бидејќи во светот има едно семејство што се вика македонско, а знам дека во животот сè може да смените само татковината не – истакна претседателката.

Таа укажа на фактот дека нашите луѓе можат да се натпреваруваат каде било, па и во најкомпетитивната Америка.

– И затоа замислувам дека многу би значело да си ги задржиме врските. Вие не секогаш сте заминале од дома заради натпревар, многупати и поради лошите услови дома, поради неможноста најдобрите да се најдат на највисоките позиции, некогаш и заради кариерата,  но сето тоа е пакт – рече Сиљановска Давкова.

Таа раскажа дека за време на престојот во САД имала можност да сретне многу успешни бизнисмени како и што е тоа што и се допаѓа кај нив.

– Кога ќе чуете луѓе како Крис Павлоски, на пример, којшто вели дека „Рамбл“ му е многу важен, ама сака неговиот син да знае да игра оро и го учи на тоа дека е Македонец, тоа ми влева надеж. Кога Мајк Зафировски летово побара со голема група луѓе да ме посети и тоа ми дава надеж дека ние ќе продолжиме заедно – рече Сиљановска Давкова.

Споменувајќи дека софрата подготвена од нашинците во црквата во Детроит со традиционални македонски јадења ја потсетила на детството, рече дека тоа е нешто што овие луѓе, во битката да го задржат неменливото на татковината и што го пренесуваат на своите деца значи дека на тој начин опстојуваме.

– Значи, каде и да сме ние тоа во нас македонското нема да го изгубиме. Неслучајно сме тоа што сме. Мораме тоа што сме го наследиле да им го пренесеме на своите деца ако сакаме да опстоиме, истакна претседателката Сиљановска Давкова.

Во однос на македонскиот јазик како наследство, таа посочи дека за нејзиниот говор во Обединетите нации, не само поради тезите, веројатно и поради мелодичноста на јазикот, многумина и кажале  дека звучел како песна.

– Тоа ми го потврди и претседателот на Светското лингвистичко здружение пред многу години. Ова ми се повтори затоа што и овде ги чув прекрасните наши дијалекти. Тоа е нешто што сме го наследиле, тоа е нешто што не прави посебни, тоа е нешто без што нема идентитет. Е, тоа јас се обидувам да им го објаснам на нашите европски пријатели – истакна Сиљановска Давкова.

Таа појасни дека се обидува да им објасни дека ние не бараме никаков ексклузивен статус, дека ние бараме да бидеме третирани како сите други.

– Ние бараме да си ги почитуваат сопствените стандарди. Но, мислам дека е многу тешко, не велам неостварливо – рече Сиљановска Давкова.

Се разбира, додаде таа, како што сите се горди на својот идентитет, на своите татковини, видов дека и вие сте. – Посакувам што почесто да се гледаме, да контактираме и да не ја заборавите татковината. Ви благодарам што се чувствувам како да сум дома – рече на крајот од обраќањето претседателката Сиљановска Давкова пред иселениците.

Таа заедно со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и македонската делегација присуствуваше и на литургијата во македонската црква во Детроит.

Отец Синиша Ристовски, по литургијата на која присуствуваше и митрополитот Американско-канадски Методиј, рече дека „денеска сме сведоци на историски момент, момент кој ќе остане во нашите спомени, момент кој сведочи дека лидерството, храброста и посветеноста кон народот не се само зборови туку дела кои го градат патот кон светлина, правда и мир“.

– Вашето присуство е повеќе од чест, тоа е симбол на визија, мудрост и сила на решителноста. Вие носете одговорност која инспирира доверба, почит и надеж секоја ваша одлука, секоја ваша иницијатива и моќ да ги преобрази животите, да ги осветли патеките на вистината и да создаде мостови на соработка и разбирање меѓу народите. Нека вашето лидерство биде симбол на достоинство, правда и духовна моќ, а вашата служба траен спомен на одговорност, почит и истрајност – порача отец Ристовски.

Претседателката го посети и неделното црковно училиште кое се наоѓа во дворот на црквата, а го посетуваат 120 деца на македонски јазик.

– Денеска кога го видов тој прекрасен амбиент со дечиња со книги токму во дворот на црквата, во куќата, во домот на црквата, сигурна сум дека имаме шанса да опстоиме  истакна претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Најнови вести од: Македонија

Велешанка (61) касната од пајак „црна вдовица“, работејќи на поле во Еловец, Велешко – заврши на Токсикологија

Велешанката е хоспитализирана откако пред неколку дена била касната од пајак – „црна вдовица“ додека работела на поле во велешкото село Еловец. Побарала помош откако отровот почнал да делува, а по укажаната помош во Велешката болница префрлена е на понатамошен третман на Клиниката за токсикологија во Скопје.

Објавени се резултатите од првото издание на регионалниот поетски конкурс „Ars Lyrica Balcanica – Регионална поетска награда“

Жири-комисијата ги додели наградите врз основа на поетската вредност, автентичноста на авторскиот глас, стилската зрелост и целосниот книжевен впечаток на творбите.

Вреди: Корумпираното раководство на ДУИ, алчно за власт, оди против Рамковниот договор и го блокира законот за правична застапеност!

„Албанците дочекаа Али Ахмети да блокира Закон за правична застапеност и со тоа да урива еден од темелните принципи на Охридскиот рамковен договор, заради алчност за власт!“ – рече на денешната прес-конференција на Вреди портпаролот Дритон Сулејмани.

Стратешкиот притисок на Индија на Балканот и реалноста на глобалната дипломатија

Анализа на британска авторка која посетата на Мурму на Македонија ја поврзува со прагматската архитектура на меката моќ која се случува надвор од историската носталгија на Балканот

Клековски: Во Гостивар забележани 109 нови случаи поврзани со епидемијата

Министерот за здравство Сашо Клековски информира дека во Гостивар се регистрирани 109 нови случаи поврзани со епидемијата, а по смирувањето на акутната фаза е воведен засилен надзор за следење на можни заразни заболувања.

Мицкоски: Протоколите не се дел од Преговарачката рамка, но ставот на бугарската страна е поинаков, поради егзибициите на претходната влада на СДСМ-ДУИ

Протоколите не се дел од Преговарачката рамка, но Бугарија го тврди спротивното, повикувајќи се на тоа што го договорила со претходната влада, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за протоколите за време на посетата на општина Илинден.

To top