Македонија Бизнис

Славески: Трите најголеми банки најавија намалување на надоместоците за платни услуги

Трите најголеми банки во земјава наскоро ќе објават нови тарифници со намалени надоместоци за извршување платни услуги − најави гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во интервју за емисијата „Трилинг“. Оваа позитивна најава следи по интензивниот дијалог што Народната банка го води со банкарскиот сектор за унапредување на пристапот на граѓаните до поефикасни и […]

Трите најголеми банки во земјава наскоро ќе објават нови тарифници со намалени надоместоци за извршување платни услуги − најави гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во интервју за емисијата „Трилинг“. Оваа позитивна најава следи по интензивниот дијалог што Народната банка го води со банкарскиот сектор за унапредување на пристапот на граѓаните до поефикасни и до подостапни услуги.

Како дел од заложбите за зголемување на ефикасноста во платниот промет, Народната банка неодамна направи важна промена во моделот на работење на системот за порамнување на меѓубанкарските плаќања – МИПС. Со воведувањето нови правила и со намалувањето на трошоците за користење на овој систем, банките ќе остваруваат значителни заштеди.

– Нашата интервенција во МИПС ослободи значителен износ на средства кај банките и го намали нивниот оперативен трошок. Со ова се создаде простор за пренесување на дел од тие заштеди кон клиентите, преку намалување на надоместоците – нешто што веќе го гледаме како резултат, изјави гувернерот Славески.

Тој посочи дека Народната банка, иако е регулатор, води постојан дијалог со банкарскиот сектор и делува и како партнер, со цел да се унапредат услугите и да се зголеми задоволството кај корисниците.

– Разговараме со банките да одиме и чекор подалеку – кон разумна и општествено одговорна политика на тарифи. Тоа не е само во интерес на клиентите, туку и на банките, коишто преку вакви потези ги зајакнуваат сопствениот углед и довербата кај јавноста, изјави гувернерот Славески.

Народната банка и натаму ќе ја поттикнува конкуренцијата и модернизацијата на платниот промет, а со либерализацијата на пазарот се очекува уште поголем притисок за намалување на трошоците за граѓаните и за деловната заедница.

– Позитивните сигнали што веќе ги добиваме се резултат на нашиот пристап заснован на аргументи и партнерски дијалог со банкарскиот сектор. Очекуваме дека наскоро и останатите банки ќе ги следат овие примери, додаде гувернерот.

Народната банка и во иднина ќе биде посветена на создавањето регулативна рамка којашто ќе поттикне развивање на квалитетни и ефикасни финансиски услуги достапни за сите граѓани и компании во земјава.

Најнови вести од: Македонија Бизнис

Илија Андовски привремен администратор на „Алта банка“ АД Битола

Тројца вработени во Народната банка – Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска, се именувани за администратори во „Алта банка“ АД Битола, со што управувањето со банката преминува во рацете на централната банка. Андовски е посебно овластен да ги потпишува одлуките што ќе се носат во периодот на привремената администрација.

Средба на Сиљановска-Давкова со Копман од ЕК: Потребно е забрзување на евроинтеграцијата во услови на блокади

Претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова во рамки на работната посета на Брисел денеска оствари средба со Герт Јан Копман, генерален директор на Генералниот директорат за проширување и источно соседство (DG ENEST) на Европската комисија.

To top