Македонија

Стерјовски ја стави Албанија на тест во судењето по тужба од бугарски организација

Македонецот бараше судот да го одстрани агентот на бугарската разузнавачка служба Државна агенција за национална сигурност – ДАНС

Лидерот на македонската партија во Албанија Васил Стерјовски ја стави Албанија на тест во судењето по тужба од бугарски организација.

Стерјовски побара преведувач на македонски јазик на рочиште во Корча

На рочиште во Основниот суд во Корча, во рамки на постапката по тужбата поднесена од Фондација „Бугарска меморија“ на Милен Врабевски од Бугарија против Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и нејзиниот претседател Васил Стерјовски, обвинетиот побара од судот да му биде обезбеден преведувач на македонски јазик.

Стерјовски пред судот изјави дека македонскиот му е мајчин јазик и дека не ги разбира доволно правните термини на албански јазик, нагласувајќи дека обезбедувањето превод е неопходно за фер и правично судење.

На ова барање реагираа адвокатите на тужителот од адвокатска канцеларија во Тирана, ангажирани од фондацијата, кои тврдеа дека Стерјовски подобро зборува албански јазик од нив.

Тој, пак, појасни дека иако е албански државјанин, негов мајчин јазик е македонскиот и дека на него најпрецизно се изразува, инсистирајќи дека правото на преведувач е уставно загарантирано.
Во текот на рочиштето, адвокатите на фондацијата истакнаа и дека Стерјовски одбива спогодба и продолжува јавно да ја критикува работата на фондацијата во албанските медиуми.

Дополнително, Васил Стерјовски побара од судот да се ограничи присуството на лице кое го идентификуваше како агент на бугарската разузнавачка служба Државна агенција за национална сигурност (ДАНС), оценувајќи дека неговото присуство претставува притисок врз судскиот процес.

Судијката, одговарајќи на барањето, изјави дека рочиштето е јавно и дека присуството е дозволено за сите заинтересирани, додавајќи дека не го познава лицето кое се наоѓа во судницата. По нејзината прозивка, лицето се претстави како конзул на Бугарија, на што Стерјовски реагираше, тврдејќи дека не станува збор за дипломатски претставник, туку за агент на ДАНС.

Судијката Гентијана Шуколари го одложи рочиштето и го закажа следното за 30 јуни 2026 година.

На претходното рочиште Стерјовски, пред судот посочи дека фондацијата, иако се претставува како добротворна, всушност е „инструмент на бугарската држава за асимилација на македонското малцинство во Албанија”.
Тој нагласи дека сите активности на фондацијата во земјата се реализираат во „тесна координација со бугарската влада, Министерството за надворешни работи на Бугарија и бугарската амбасада во Тирана”.
Фондацијата „Бугарска меморија“ бара надомест на нематеријална штета во износ од 10.000 евра, поради наводно ширење клеветнички и навредливи изјави кои го нарушиле угледот на организацијата.
Тужбата на фондација „Бугарска меморија” следува по дописот кој МАЕИ на 24 јануари 2024 година го испрати до албанскиот премиер Еди Рама, највисоките албански институции и странските амбасади, во кој бараше забрана на активностите на фондација „Бугарска меморија” во Албанија.

Најнови вести од: Македонија

Муцунски: Времето ќе покаже кој ја кажува вистината

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ги отфрли критиките дека Владата не спроведува европски реформи, оценувајќи дека напредокот не се мери со субјективни изјави, туку со мерливи факти и резултати.

Вајц: Македонија бележи напредок, интервјуто за бугарска ТВ е старо

„Мислам дека не е многу професионално, ни беше кажано поинаку. Без малку изненаден што е објавено пред неколку дена. Но, да за жал изгледа дека има некаква агенда зад тоа“, кажа известувачот за Македонија во ЕП во интевју за Канал 5

To top