Македонија

Судски совет најде пропусти во извршување на пресудата за Ремзи Мифтари во случајот „Дурмо турс“

На денешната седница

Судскиот совет на денешната седница го усвои извештајот на работната група од извршениот надзор на работата на Основен суд Гостивар за постапувањето по предметот за осудениот Ремзи Мифтари од Гостивар, кој има повеќекратни незаконски одлагања на извршување на десетгодишната казна затвор за случајот „Дурмо турс“.

Судскиот совет, со девет гласа „за“ и два против на членовите Исамедин Лимани и Ханиф Зендели, го усвои извештајот во кој Комисијата констатира дека судијата за извршување на санкции и членовите на Кривичниот совет направиле пропусти по предметот и предлага да биде поднесено барање за утврдување одговорност за овие судии.

Советот, исто така, изгласа заклучок, Извештајот на Комисијата да биде доставен до МВР за затајување на курирската служба на ПС Гостивар, како и да се извести во поглед на постапувањето на лекарите.

Судијката Џенета Бектовиќ, која заедно со судиите Аритон Ала и Данка Ристова, извршиле увид во предметот на ОС Гостивар, информираше дека Комисијата утврдила дека од страна на судијата за извршување на санкции Тихо Михајловски е издаден упатен акт на 14 мај 2025 година за извршување казна затвор на осудениот Ремзи Мифтари во КПУ „Идризово“ – Затвор Скопје, на казна затвор во траење од десет години за кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, по пресуда на Апелационен суд Скопје од 17 април 2025 година.

– Комисијата смета дека се направени пропусти, како од страна на судијата за извршување на санкции, така и од страна на членовите на Кривичниот совет и тоа конкретно по однос на постапувањето на судијата за изврување на санкции кој, откако го примил известувањето од КПУ „Идризово“ на 11 јуни 2025 година, издал наредба за присилно спроведување на 19 јуни 2025. Законскиот рок е 24 часа од приемот на известувањето, а судијата ја издава наредбата после осум дена.Тука е пречекорен законскиот рок. Исто така, наредбата ПС Гостивар ја прима на 24 јуни 2025 година. Судијата за извршување на санкции имал обврска веднаш откако го примил известувањето да издаде наредба за присилно спроведување и истиот ден по електронски пат да ја извести ПС Гостивар. Тука исто така се пробиени роковите, и од доставната служба ако имало пропусти, но и од судијата за извршување на санцкии за вакви предмети, изјави Бектовиќ.

Поради ваквите прописти, Комисијата, како што посочи Бектовиќ, смета дека и судијата за извршување на санкции и членовите на Кривичниот совет направиле пропусти и да биде поднесено барање за утврдување одговорност за овие судии.

Комисијата, како што појасни Бектовиќ, во реферирањето по предметот, констатирала дека во овој процес на одлагање на почетокот на извршување на казната затвор, кој предолго траел, проблематични се поднесната молба од страна на осудениот за одлагање на казната затвор од 23 мај 2025, којашто судијата за извршување на санкции ја одбил и Кривичниот совет на ја потврдил, но издадената наредба за присилно спроведување од 19 јуни 2025 година од судијата за извршување на санкции не е навремено доставена до ПС Гостивар, односно е доставена по пет дена од нејзиното изготвување, а нема доказ зошто тоа се случило. Сметаат дека затаила доставната служба во ОС Гостувар, а и за таков итен предмет наредбата за спровод требало да биде доставена до ПС Гостивар и по електронска пошта.

– Сметам дека тука и судијата за извршување на санкции направил пропусти што толерирал за вака долг период да не реагира, да провери зошто наредбата за спроведување не стигнала навремено до СВР Гостивар. Мислам дека тоа е и негов пропуст, изјави Бектовиќ.

Комисијата, исто така, смета дека во однос на одбиената трета молба за одлагање од судијата за извршување на санкции по поднесена жалба од осудениот, Кривичниот совет го преиначил решението и го одложил почетокот на извршување на санкцијата казна затвор за два месеца.

– Комисијата констатира дека нема доказ, отпусно писмо дека Ремзи Мифтари од 1 август 2025 до 1 октомври 2025 година воопшто бил на болничко лекување. Кривичниот совет го донел решението за одлагање на 1 август 2025 и осудениот требал да се јави во КПУ Идризово на 1 октомври 2025, но видно од отпусните писма осудениот бил на лекување од 25 јуни до 15 јули 2025 и од 3 до 7 октомври 2025 година и од 17 до 29 октомври 2025. Од ова произлегува дека осудениот не бил на болничко лекување во периодот од 15 јули 2025 до 2 октомври 2025, туку во овој период му се вршени само медицински испитувања. На овој начин дошло до неоправдано одложување на почетокот на извршување на казната затвор и осуетување на постапката со бегство на осудениот, изјави Бектовиќ.

Согласно Законот за извршување на санкции постапката за упатување на осудените лица на извршување казна затвор е итна и затворската установа е должна, веднаш, а најдоцна во рок од три дена, да го извести судијата доколку осуденото лице не се јави, кој, пак, е должен најдоцна во рок од 24 часа од приемот на известувањето да издаде наредба до МВР за приведување на осуденото лице.

– Во конкретниот случај судијата за извршување на санкции не постапил во рок од 24 часа. Имено, КПУ Идризово го известил ОС Гостивар на 11 јуни 2015 година, а судијата за извршување на санкции издал и изготвил наредба за присилно спроведување на 19 јуни 2025 година. Значи пречекорен е рокот од 24 часа за издавање наредба до МВР за приведување на осуденото лице, изјави Бектовиќ.

Членот на Судскиот совет, Ивица Николовски, во рамки на расправата по предлогот на работната група, рече дека во овој извештај, факт е дека има сомнеж за непостапување на оние кои што се платени и должни да постапуваат.

– Тука целта е постигната. Ние имаме и институции и вработени и закони, сите тие елементи го чинат системот, меѓутоа системот е недоволен да се справи со вакви ситуации. За да не биде тоа така, да дојдеме и ние до определена цел… Се согласувам дека овде има сомнеж за пропусти кај органите на прогон, Сектор за професионални стандарди да изврши надзор врз основа на нашето укажување. И, третиот предлог е надзор над лекарите. Ние имаме орган што врши надзор над лекарите. Да видиме дали лекарите навистина вметнуваат дијагноза која одговара на здравствената состојба на лицето или се работи за измислени дијагнози, изјави Николовски.

Случајот се најде во фокусот на јавноста откако Ремзи Мифтари, одговорниот за превоз во „Дурмо турс“, кој е осуден на 10 години затвор, го одлагаше издржувањето на затворската казна поради операција на кила на тестиси, по што не се појави во „Идризово“ за издржување на казната и по него кон крајот на минатата година беше распишана потерница.

Во јануари 2023 година, Основниот кривичен суд Скопје ги прогласи обвинетите за виновни и изрече вкупно 39 години затворски казни. Во мај 2025, Апелацискиот суд Скопје им ги зголеми затворските казни. Сопственикот на „Дурмо турс“ Дурмиш Белули од четири на 10 години, одговорниот за транспорт Ремзи Мифтари од шест на 10 години, а двајцата вработени во технички преглед – Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски – од пет на седум години. Казната на возачот Маноил Трифуновски остана 14 години, а на третиот вработен во технички преглед Јане Боваровски остана пет години.

Најнови вести од: Македонија

МАЕИ ја тужи албанската влада, поради одлуката за отворање центри за мигранти во Пустец и за загрозување на интересите на Македонците

Партијата на Македонците во Албанија тврди дека одлуката е донесена без консултација со локалните власти и без јавна расправа.

(ВИДЕО) Со помош на светски археолог Скопје добива монументален туристички и историски локалитет

Професорот Драги Митревски е човекот со силен меѓународен авторитет кој истражува неколку глобално важни археолошки наоѓалишта но пред неколку месеци поради лични интреси во делот од МАНУ каде членуваат Таки Фити и Владо Камбовски не успеа да добие поддршка да стане член на македонската академија

Тошковски: Македонија и Албанија се пријателски земји, пред летото ќе профункционира едношалтерскиот систем „Уан стоп шоп“

„Пред почетокот на летната сезона ќе го примениме едношалтерскиот систем ( „Уан стоп шоп“) со  Албанија. Тимови од двете држави работат на негово реализирање.“ – истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната заедничка прес-конференција со албанската министерка за внатрешни работи Албана Кочиу, која престојува во официјална посета на Република Македонија.

To top