Венко Филипче ја критикуваше Владата и премиерот Христијан Мицкоски за бавната имплементација на економските мерки кои би ја олесниле финансиската состојба на граѓаните. Според него, мерките кои неговиот тим ги предложил порано, допрва ќе се разгледуваат, а граѓаните веќе ја почувствувале ценовната спирала предизвикана од растот на цените на горивата и основните продукти.
Филипче истакна дека од 27 февруари цените на нафтата Brent Crude и WTI се зголемиле за 50,72% и 63,67%, додека дизелот во земјата поскапел за 34,5%, од 71 на 95,5 денари. Тој предупреди на драстичен пораст на цените на храната: бел леб од 34 на 47,5 денари, зејтин од 77,5 на 110, јајца од 220 на 290, брашно од 40 на 52,5, млеко од 67,5 на 82,5 денари, домати од 130 на 235 денари и домашни јаболка од 45 на 70 денари.
Тој оцени дека минималното зголемување на платата од 1.667 денари не е доволно за да го ублажи ударот врз потрошувачката кошничка, која изнесува околу 68.000 денари. Исто така предупреди дека кризата ќе продолжи, со раст на цените на храната и можен недостаток на горива, повикувајќи ја Владата итно да ги прифати предложените мерки, како намалување на ДДВ-то за храна и гориво, преполовување на патарините и зголемување на државните резерви на нафта.
Филипче оцени дека сегашното владеење е дилетантско и дека Владата треба да се посвети на реалните потреби на граѓаните, наместо на партиски тендери.