Македонија

Владата го предложи судијата во Кривичниот суд Ненад Савески за нов државен јавен обвинител

Владата денеска го предложи судијата од Кривичен суд, Ненад Савески за нов државен јавен обвинител. Предлогот на Владата треба да биде изгласан од Собранието. За изборот на државниот обвинител се потребни 61 глас. Портпаролката на Владата Марија Митева на денешната прес-конференција истакна дека Владата се раководела од принципите на професионалност, интегритет, стручност и доследна посветеност на владеењето на правото. -Ненад Савески е судија во Кривичниот суд и во текот на својата професионална кариера има изградено репутација на правник со долгогодишно искуство, препознатлив по својата стручност, професионален интегритет и посветеност на принципите на законитост и правда, рече Митева.

Ненад Савески е роден во 1976 година, живее во Гостивар, оженет, татко на 3 деца. Тој е магистер по правни науки – казнено право, магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“, при УКИМ Скопје, каде ги завршил и студиите. Правосудниот испит го положил во 2003 година. Средното образование го завршил во гимназијата „Панче Попоски“ во Гостивар. Савески од 2016 година е судија во Основен кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција. Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основно јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основен суд Гостивар. Во тој суд од 2000 до 2002 година работел како судски приправник.

Од експертските и меѓународните ангажмани во биографијата на судијата Савески е наведено дека бил експерт во ОБСЕ Македонија, експерт во Национална конвенција за ЕУ – Поглавје 23, како и експерт во проекти на Совет на Европа, ОБСЕ и на УСАИД. Член е на работни групи за судски и законски реформи. Работел на проекти за посебни истражни мерки, притвор и за кривична постапка. Савески е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, национален тутор и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа, како и обучувач за човекови права и кривично право.

Тој е автор и коавтор на трудови за: посебни истражни мерки, слобода на изразување, клевета и навреда, конфискација на имот, право на приватност, како и на повеќе водичи и стручни публикации. Зборува македонски, англиски, германски, српски и основен албански јазик.

– Во текот на расправата беше нагласено дека изборот на државен јавен обвинител претставува прашање од исклучителна важност за кредибилитетот на целокупниот правосуден систем. Токму затоа пристапуваме кон процесот со особена внимателност и одговорност, имајќи ја предвид потребата од професионализација и зајакнување на независноста на јавното обвинтелство, како и понатамошно унапредување на ефикансноста во спроведувањето на законите. Предлогот, кој Владата го упатува до Собранието се темели на стручни оценки и доставени мислења од Советот на јавни обвинители, како и на внимателна анализа на професионалниот интегритет, искуство и досегашните резултати на кандидатот и во таа насока се цени дека предложениот кандидат ги поседува сите професионални и лични квалитети, нагласи Митева.

Петмина кандидати се пријавија на огласот на Собранието за јавен обвинител – сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд, Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчeвски, и обинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ. Советот на јавните обвинители на 17-ти минатиот месец даде позитивно мислење за четворица од петте кандидати за државен јавен обвинител – за в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд, Ненад Савевски, и обвинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ, додека пак, за кандидатурата на Владимир Панчевски едногласно одлучи дека тој не ги исполнува условите предвидени со законот во однос на работниот стаж.

На местото на Љупчо Коцевски, кој поднесе неотповиклива оставка во декември лани, дојде обвинителката Тополова-Исајловска како в.д. државен јавен обвинител, која беше единствен кандидат, но не може да биде на позицијата подолго од шест месеци.  Според Законот за Јавното обвинителство, добиените кандидатури се препраќаат до Владата. По пријавувањето, Владата бара мислење од Советот на јавните обвинители за сите кандидати. Советот е должен да достави образложени мислења во рок од 15 дена. Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниеден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. Со 61 глас од пратениците ќе треба да биде избран новиот државен јавен обвинител.

Македонска информативна агенција- МИА

Најнови вести од: Македонија

Донесени законите за судската и јавнообвинителската служба – значаен исчекор кон зајакнување на нивната самостојност, професионалност и ефикасност

Министерството за правда информира дека Собранието денеска ги донесе Законот за судска служба, еден од најзначајните реформски законски решенија во областа на правосудството усогласен со Реформската агенда и Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028, како и Законот за јавнообвинителска служба со што се прави значаен исчекор кон зајакнување на самостојноста, професионалноста и ефикасноста на јавното обвинителство. Со донесувањето на Законот за судска служба се надминуваат долгогодишните системски слабости на постојното законско решение и се создаваат услови за поефикасно функционирање на судовите, преку јасно препознавање на специфичната улога на судските службеници во судската власт.

Од 1 јули целосна забрана за движење во шумите низ Македонија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја известува јавноста дека согласно насоките од Владата како и барањата од корисниците на шумите – ЈП „Национални шуми“ и Националните паркови кои управуваат со заштитените подрачја, даде согласност за воведување на целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште.

Сторители на тешки кривични дела ги изиграле системот и судовите и со коруптивни лажни вештачења за нарушено здравје сместени во психијатриски установи!

Националниот превентивен механизам (НПМ) при Народниот правобранител, при контролата на психијатриската болница „Демир Хисар“ во декември 2025, затекнал 20-ина осуденици сторители на кривични дела кои не се со психичка болест, туку се здрави и пресметливи, но го изиграле системот и судовите преку коруптивни вештачења за нивно наводно нарушено здравје.

Македонија доби пристап до 4,4 милијарди евра од здравствените фондови на ЕУ – можност за приближување до европските стандарди и политики.

Македонија доби пристап до фондовите за здравство од 4,4 милијарди евра на Европската Унија (ЕУ). Министерот за здравство, Азир Алиу денеска кажа дека потпишувањето на Договорот за учество на Македонија во програмата „ЕУ фор хелт“ (EU4Health) е значаен чекор кон натамошно приближување на македонскиот здравствен систем до европските стандарди и политики. Програмата отвора можности за развој на проекти во областа на дигитално здравство, превенција и рана детекција на болести, скрининг-програмите, онкологија, кардиоваскуларно здравје, ментално здравје, подготвеност за здравствени кризи, пристапот до лекови и медицински производи, како и за јакнење на здравствениот кадар.

Мицкоски: Зад провокациите станува збор за организирана бугарска пропаганда во нашата држава

Премиерот Мицкоски посочи дека бугарските политичари не се откажуваат од Протоколите 1 и 2, каде се охрабрува работата на историската комисија до влезот на Македонија во Европската Унија. Тој потсети на говорот на сегашниот бугарски премиер од 2019 година во Санкт Петербург каде тој си ги присвојува Кирил и Методиј и кажува дека вечно ќе ја слават Санстефанска Бугарија.

Петрушевски: Молкот на Филипче за бугарскиот дипломатски скандал е политички избор, а не случајност

Од специјалниот бугарски пратеник Венко Филипче, не слушнавме ниту еден збор осуда за објавувањето на оваа дипломатска нота, која е скандалозна по секоја основа. За Филипче ова очигледно не е тема што заслужува реакција

Најнови вести

To top