Македонија

ВМРО ДПМНЕ: СДС, насочена кон пропаст, направи катастрофални грешки и штети во образованието, го решаваме и овој проблем

Наместо кон напредок СДС е партија, насочена кон пропаст. Меѓу низата направени катастрофални штети на државата, е и Законот за високо образование. Го донесоа во 2018 година, предизвикаа драстично намалување на квалитетот на високото образование во Македонија и го избришаа единствениот македонски универзитет од пошироката Шангајска ранг листа. Промени се потребни, тоа е општата констатација на целата научна и академска фела во државата. Тим од над 60 академски професори, експерти и претставници на институции, органи и на студентите, изработија предлог законско решение, за кое во тек е јавна дебата. Ниту е конечно, ниту насилно ќе се истурка, како што СДС милува да паничи во јавноста, соопшти ВМРО ДПМНЕ.

Натаму влдејачката македонска партија истакнува: Опозициската СДС тврди дека со законот се врши упад во автономијата на универзитетите. Тоа е апсолутно неточно. Единствено се бара отчетност од универзитетите за трошењето на јавните пари. Откако ВМРО-ДПМНЕ ја раководи Владата значително се зголемени износите кои ги добиваат. Во 2024 година затекнавме буџет за високо образование од 5 милијарди денари, а оваа година изнесува над 7,5 милијарди денари. Буџетот за наука го зголемивме од 380 милиони денари на 773 милиони денари. Ова можеше да го направи и СДС, ако ги скратеше парите за Заевци, Артанци и други „другари“, од коалицијата кои нагло се збогатија и исчезнаа од државата.

Новиот предлог Закон дава предност при вработувањето на државните универзитети на најдобрите студенти од генерацијата, на студентите добитници на Инженерски прстен и на оние кои студирале на некој од најдобрите 100 светски универзитети. Така најдобрите умови ќе ги задржиме во државата, а сите ќе ги стимулираме што повеќе да се заложуваат за личен и професионален развој. Потсетуваме дека во време на владеењето на СДС и ДУИ, бројот на ученици се намали за 17 илјади, а на студенти за 7 илјади за само 7 години. Тој тренд го спречивме, а дел од младите и се враќаат во својата земја.

Законот предвидува и враќање на одредени права на студентите, кои со законот на Рената Дескоска, министерка на СДС, беа укинати во 2018 година, а најмногу тоа го почувствуваа студентите со попреченост на кои им беше скратено правото да студираат бесплатно на сите три циклуси на студии.

Точно е дека се зајакнуваат критериумите за напредување во звања. Нема ништо лошо во тоа да се стимулира научниот труд на наставно-научниот кадар на универзитетите. Законот предвидува секој кој сака да напредува во академската кариера да изработува научно-истражувачки трудови од кои дел треба да бидат објавувани во меѓународни научни списанија со чинител на влијание, а за што Министерството за образование и наука секоја година ги покрива трошоците на авторите за што се објавуваат јавни конкурси, така што, разобличуваме уште една лага на лидерот на СДС.

Потсетуваме дека за еден универзитет да се најде помеѓу најдобрите 1000 на Шангајската ранг листа, треба годишно да објавува најмалку 1200 научни трудови. Законот на СДС од 2018 година доведе до тоа нашите универзитети да паднат на бројка од 300 до 500 трудови годишно. Ред мора да постои и меѓу приватните високо образовни установи, а СДС ред не успеа да воспостави и затоа сега им е чудно дека секој треба да го почитува законот и да исполнува услови за работа. Автономијата на високообразовните установи е поврзана со отчетност и не може да функционира надвор од правниот поредок. Министерот за образование и наука отсекогаш имал право да запре акт кој не е во согласност со законот, така што ова не е новина како што СДС презентира.

Докторски студии согласно со предлогот ќе можат да организираат првите четири државни универзитети, што ќе стимулира конкурентност, а конкуренцијата носи квалитет. Дополнително, новиот закон е насочен кон интернационализација на македонското високо образование, вмрежување на домашните со странски универзитети, организирање заеднички студиски програми и издавање двојни дипломи. Ги охрабруваме СДС наместо само критики, во јавноста да изнесат и сугестии за подобрување на содржината на нацрт законското решение. Така ќе покажат државност и грижа за да се подобри навистина квалитетот на високото образование. Сé друго е водење дневна политика, манипулации и обиди за собирање политички поени, наведува ВМРО ДПМНЕ во денешното соопштение.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Ако не се свртиме кон семејните вредности и многудетните семејства економијата ќе биде на удар

Ако не се свртиме кон семејните вредности и кон многудетните семејства и ако тие вредности не ги промовираме, македонската економија ќе биде прва која што ќе биде на удар, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски дека до 2030 година годишно ни се потребни 50.000 странски работници, за да го држиме нивото на БДП што го имаме сега.

ОКТА продолжува со попуст од два денари по литар дизел гориво

Како одговор на најновите случувања на меѓународните пазари на горива, ОКТА АД – Скопје воведува привремен попуст од 2 денари по литар дизел гориво, со важност од денеска, 20 октомври 2026, до 2 ноември 2026 г.

(Фото): Работна средба за инфраструктурните приоритети на Карпош

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, се сретна со ресорниот министер за транспорт, Александар Николоски, каде беа разгледани тековните инфраструктурни проекти и можностите за нови инвестиции во интерес на граѓаните.

Мицкоски: Усниот дел од правосудниот испит треба да се полага единствено на македонски јазик

Писмениот дел од правосудниот испит да се полага на јазикот на кој е завршено високото образование, а усниот на македонски јазик. Ова е ставот на македонската Влада, кој денеска го соопшти премиерот Христијан Мицкоски, по вчерашното одбивање на ваквиот предлог од студентите Албанци, на средбата со министерот за правда, Јетон Шасивари.

To top