Регион

„Не сме ничија марионета“ – Вучиќ за влошените односи со Москва и извозот на муниција во Украина

Српскиот претседател Александар Вучиќ во интервју за германскиот весник „Зидојче Цајтунг“ отворено изрази скептицизам за брзо полноправно членство на Србија во Европската Унија и се залага за модел на „Европа со повеќе брзини“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во интервју за германскиот весник „Зидојче Цајтунг“ отворено изрази скептицизам за брзо полноправно членство на Србија во Европската Унија и се залага за модел на „Европа со повеќе брзини“.

„Не верувам дека наскоро ќе можеме да станеме полноправна членка на Европската Унија. Затоа, заедно со Еди Рама, се залагам за Европа со неколку брзини. Ако можеме политички и економски да станеме дел од ЕУ на овој начин – без право на глас, без право на вето и без наш сопствен комесар – тоа би нè направило многу среќни“, изјави Вучиќ.

Тој ја опиша актуелната енергетска криза како „лудост“, истакнувајќи дека цените на нафтата на медитеранските пазари се зголемиле за 15% само во последните два дена, а слична е состојбата и со гасот.

Вучиќ призна дека кризата за Србија трае многу подолго – од американските санкции против НИС (во која мнозински сопственик е рускиот Газпром) – што значително го забавило економскиот раст.

Сепак, тој изрази благодарност кон Европската Унија и Урсула фон дер Лајен за поддршката во изградба на нови цевководи и енергетска инфраструктура до 2035 година.

Во однос на Русија, Вучиќ призна дека односите се влошиле.

За време на преговорите за НИС, од Москва пристигнувале закани за запирање на снабдувањето со гас, а руските медиуми го нападале „поостро од многу западни лидери“.

Тој нагласи дека морал да ги заштити националните интереси на Србија и дека земјата „не е ничја марионета“.

На крајот, дел од НИС беше преземен од унгарскиот MOL и ADNOC од Обединетите Арапски Емирати, при што Србија го зголеми својот удел на 34,87%.

Претседателот потврди дека дел од српската муниција преку посредници стигнала до Украина, но дека тоа отворено му го кажал на Владимир Путин за време на средбата во Пекинг, покажувајќи му список на земји-извознички.

Тој го потсети рускиот претседател дека Србија не вовела санкции против Русија и дека затоа „многу страдала“.

Вучиќ додаде дека воено-индустрискиот сектор во Србија вработува 28.000 луѓе, дека магацините се преполни со муниција и дека извозот бил дозволен за да се обезбедат плати и опстанок на работниците.

На прашањето дали е време Србија да се приклучи на санкциите против Русија, Вучиќ одговори дека тоа е „веќе минато“ и дека поголемите проблеми за Европа допрва доаѓаат – особено поради кризата во Иран и очекуваните политички промени во САД.

Тој ја критикуваше американската администрација дека не реагира доволно цврсто на политиката на косовскиот премиер Албин Курти, истакнувајќи дека се провоцираат Србите на Косово и дека не го очекувале таквиот пристап од администрацијата на Доналд Трамп.

За повлекувањето на Џаред Кушнер од хотелскиот проект на местото на поранешниот Генералштаб во Белград, Вучиќ рече дека причината биле медиумските кампањи, опозицијата и блокадите, а дека проектот би донел илјадници работни места.

На крајот, тој ги отфрли обвинувањата за прекумерна сила врз студентските протести, тврдејќи дека насилството главно било насочено кон полицијата.

Најнови вести од: Регион

Атина и Софија потпишаа Меморандум за враќање на 48 реликвии во Грција и пренесување на останките на цар Самоил во Бугарија

Меморандум за разбирање со кој во Грција се враќаат 48 реликвии од два грчки манастири и од една црква што над 100 години биле изложени во Националниот историски музеј во Софија, а Грција ќе ѝ ги предаде на Бугарија останките на цар Самоил, потпишале денеска министрите за култура на двете земји, Лина Мендони и Евтим Милошев, јави дописничката на МИА од Атина.

Стерјовски на Самитот за мир во Тирана: Нашите идентитети не треба да бидат ѕидови што нè делат, туку мостови што нè поврзуваат“

Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, учествуваше на Меѓународниот самит за мир, што се одржа во Тирана, посветен на темата „За верскиот соживот во Албанија“. Тој истакна дека верскиот соживот претставува една од значајните вредности на албанското општество, која треба да се зачува и да им се пренесе на идните генерации.

Кога стартува ЕТИАС и што значи тоа за македонските граѓани?!

Македонските граѓани кои планираат патувања во земјите од Европската Унија наскоро ќе соочат со уште една нова административна процедура пред да тргнат на пат. По пристапувањето кон Влезно-излезниот систем на ЕУ (EES), вниманието на јавноста и патниците од регионот се насочува кон ЕТИАС (ETIAS) – електронскиот систем за овластување за патување, наменет за сите државјани […]

To top