Албанскиот премиер Еди Рама утрово постави неколку столчиња пред зградата на владата, повикувајќи ги демонстрантите на разговор за нивните барања, пренесува албанската телевизија Топ ченел (Top Channel).
На столчињата се оставени листови хартија на кои пишува – дијалог.
Рама, како што пренесуваат тамошните медиуми, самиот се погрижил за организација на овој настан. Ова следува по повеќекратните повици на Рама и неговите министри до демонстрантите да изберат дијалог наместо насилни протести.
Во меѓувреме, тој испрати јасна порака до демонстрантите дека е за дијалог без услови, имплицирајќи со тоа дека не го прифаќа нивното непреговарачко барање – оставка. Исто така, Рама нагласи дека нема да води дијалог со оние што вршат насилство.
„Кој сака дијалог, без услови, каде сака, кога сака, дури и тука ако сака, јас сум достапен заедно со владата. Единствените што не се добредојдени се оние што вршат насилство и што не се дистанцираат од насилството“, рече Рама по поставувањето на столчињата.
Тој, како што вели, останува отворен да ги слушне и разгледа барањата на граѓаните, истовремено предупредувајќи на строги мерки против поединци кои се вклучуваат во насилни акти.
Од почетокот на протестите во Албанија, кои вчера влегоа во својот седми ден, се повредени вкупно 310 лица.
Антивладините протести во Албанија, со кои се бара оставка од премиерот Еди Рама, започнаа на 13 октомври, а се проследени со инциденти, насилство и судири меѓу демонстрантите и полицијата.
Студентите протестираат поради зголемените трошоци за образование и влошените услови на универзитетските кампуси, а ја обвинуваат власта за корупција и за запоставување на образованието. Тие се револтирани и поради продажбата на недопрени делови од албанскиот брег на Јадранското Море за изградба на луксузен комплекс, проект зад кој стои Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.