Регион

Вучиќ: „Убијте ме, не ја разбирам логиката“ на САД

Српскиот претседател изјави дека не ја разбира логиката на САД во врска со санкциите против Нафтената индустрија на Србија (НИС) и не верува дека САД ќе ја променат својата одлука и ќе одобрат лиценца за увоз на нафта, што ќе значи затворање на рафинеријата во Панчево

Претседателот на Србија, Алексанар Вучиќ вели дека на САД не им е гајле колку штета предизвикуваат санкциите за Србија

Вучиќ денес изјави дека не ја разбира логиката на Соединетите Американски Држави (САД) во врска со санкциите против Нафтената индустрија на Србија (НИС) и не верува дека САД ќе ја променат својата одлука и ќе одобрат лиценца за увоз на нафта, што ќе значи затворање на рафинеријата во Панчево.

Рафинеријата НИС во Панчево, која е под санкции на САД како дел од рускиот енергетски сектор, остана без сурова нафта за преработка и доколку не добие продолжување на лиценцата од американските власти, Србија ќе се соочи со скап увоз на нафтени производи, што енергетските експерти го сметаат за можен генератор на синџирно зголемување на цените и инфлација.

Од воведувањето на санкциите врз рускиот енергетски сектор на почетокот на оваа година, американските претставници го предупредија Белград дека не сакаат руска сопственост во НИС и дека таа „мора да биде нула“.

Вучиќ тврди дека Американците вовеле санкции врз НИС за да го исклучат руското управување, а потоа и руската сопственост, и дека ова „не е засновано на меѓународното право“.

Србија се потпираше на Хрватска за нафта преку нафтоводот „Јанаф“, но откако беа воведени санкциите, протокот на нафта низ таа рута е прекинат бидејќи „Јанаф“ мора да ги почитува санкциите, пишува Индекс.хр.

„Ние сме мала земја и не можеме да функционираме без нафта. Имаме еден единствен нафтовод што Хрватите го затворија штом санкциите стапија на сила“, изјави Вучиќ, постојано повторувајќи дека не му е многу јасно што прават американските постапки.

„Убијте ме, не ја разбирам нивната логика. Имав безброј разговори со нив и прашав зошто не ни даваат лиценца“, рече Вучиќ, тврдејќи дека рафинеријата во Панчево, која моментално е во фаза на одржување на системот, ќе престане да работи во вторник.

Кон средината на минатата недела, Вучиќ изјави дека Србија ѝ дала на Русија рок од 50 дена да најде купувач за НИС, и дека, доколку тоа не се случи, Белград ќе воведе своја администрација врз таа компанија, која е спречена да работи со санкции, а бензинските пумпи сега се снабдуваат од резервите на складиштето.

Во меѓувреме, се разгледуваат неколку опции за промена на сопственоста, а една од нив ја понуди унгарскиот МОЛ, кој, според кабинетот на премиерот Виктор Орбан, би можел да купи удел во НИС.

Вучиќ вели дека на американската страна „не ѝ е гајле за штетата Србија“.

„Ниту Русите не брзаат, имотот им е важен, а како ќе биде со нас не е нивна работа. Но, од друга страна, не можам ни да ги обвинам, тие не го предизвикаа ова“, рече Вучиќ.

 

Најнови вести од: Регион

(Фото): Јотова пред Ѓуров до сега од вториот круг во Бугарија, излезеноста до 10:30 е само 3,3%

Според излезната анкета на Дневник.бг, Илијана Јотова има 56,8 проценти, а Андреј Ѓуров 37,6 проценти од гласовите во утринскиот пресек. Податоците се прелиминарни и не претставуваат официјални изборни резултати.

Две години од трагедијата во Нови Сад: Комеморација за 16-те жртви во Србија

Трагедијата од 1 ноември 2024 година предизвика масовни студентски и граѓански протести кои доведоа до големи политички промени и пад на режимот на Александар Вучиќ во Србија. Tрите правни постапки поврзани со несреќата сè уште чекаат разрешница

Можеби нема да учествуваме на претседателските избори, рече Вучиќ по поразот на изборите

Српската напредна партија беше создадена со одвојување од Српската радикална партија, осудениот на хашкиот суд Воислав Шешељ, и дојде на власт во 2012 година. Вучиќ беше премиер на Србија од април 2014 година до крајот на мај 2017 година, по што беше избран за претседател во два мандата.

To top