Ѓоко Хаџиевски ја шокира фудбалската јавност во Бугарија, а посебно навивачите на Спартак од Варна со ненадејната оставка од тренерската функција во прволигашот, и тоа само неколку дена по триумфот од 3:0 во градското дерби со Черно Море на гостински терен.
„Од првиот ден почувствував посебна поврзаност со Спартак. Иако сум Македонец, се чувствував како дома во Варна. Начинот на кој ме пречекавте, почитта што ја добив од сите во клубот и од навивачите, никогаш нема да ги заборавам“, вели некогашниот селектор на македонската репрезентација во емотивното збогување на клупската Фејсбук-страница.
„Особено ме радува нешто друго – во последните месеци многу луѓе во Македонија почнаа да го следат и поддржуваат Спартак Варна. За мене, ова е вистинска гордост бидејќи фудбалот создава пријателства и ги поврзува луѓето преку границите“, додава тој во објавата.
Хаџиевски го презеде кормилото на Спартак Варна во јули минатата година и ја оствари основната цел на „соколите“ со изборениот опстанок во Првата лига, завршувајќи на 12. место меѓу 16 клуба. На 39 натпревари под водство на 71-годишниот македонски тренер Спартак забележа 10 победи, 13 нерешени и 16 порази.