Игор Стефановски – Иџе е подготвен за последниот предизвик во сезоната. Од 18 до 20 септември, во Бузет, Хрватска, ќе се одржи големото финале на FIA Европскиот шампионат на ридски патеки.
По одличниот настап и успешното деби со новиот прототип „Нова прото“ во Словенија, Иџе го насочува вниманието кон култната трка „45. Buzetski dani 2026“. Традиционално, оваа трка привлекува голем број врвни европски возачи.
На официјалната листа се најдоа дури 242 возачи, а во Категорија 2, во која од оваа сезона настапува Иџе со новиот болид, ќе се натпреваруваат дел од најдобрите имиња на европската авто-сцена.
„Очекуваме добар резултат и сакаме во Бузет да ја продолжиме оваа убава европска приказна. Бузет има посебно место во мојата кариера“, вели Иџе, кој со нетрпение го очекува настапот и ветува нов спектакл за верната публика.
Бузет има посебно значење за Стефановски. Токму на оваа патека минатата сезона ја возеше својата 200-та трка во кариерата, а сезоната во FIA Европскиот шампионат на ридски патеки ја заврши со одлично трето место во Група 1.