Спорт

Мусовски и Тодороски ќе ја засилат Македонија за мундијалскиот бараж

Голгетерот на Сиетл Саундерс од американската МЛС-лига и напаѓачот на ТСЦ од Бачка Топола во комбинација за Данска

Даниел Дени Мусовски и Андреј Тодороски ќе бидат дел од македонската репрезентација во мартовскиот бараж за Светското првенство 2026 во САД, Мексико и Канада, објави претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ.

Мусовски е напаѓач/крило на Сиетл Саундерс од американската МЛС-лига и во тукушто завршената сезона постигна 14 гола и имаше 5 асистенции на 31 натпревар. Како потенцијално засилување на „црвено-жолтите“ 30-годишникот роден во Хендерсон, Невада, се споменува во последните пет години, но никогаш не добил повик. Омерагиќ лично разговарал со него и тој потврдил дека сака да игра за родната земја на неговите родители, кои имаат македонско државјанство, па нема административни пречки за Мусовски да заигра за Македонија.

Тодороски е напаѓач на српскиот суперлигаш ТСЦ од Бачка Топола, за кој има постигнато 3 гола сезонава, вклучувајќи го и лобот свртен со грбот кон голот на ОФК Београд во последното коло годинава. Минатата седмица тој бил во Скопје и изразил подготвеност да игра и за сениорскиот тим на Македонија, откако неколку пати има настапувано на пријателски средби за селекциите до 17 и до 21 година. Единствената пречка е што мора да се откаже од австриското државјанство за да може да игра за Македонија, но Омерагиќ најави дека проблемот ќе биде надминат во многу блиска иднина.

Службата за скаутинг на ФФМ, предводена од ексрепрезентативецот Николче Новески, е во контакт со уште неколку фудбалери од дијаспората и прави напори да го облечат македонскиот дрес наскоро.

Македонија, предводена од новиот селектор Гоце Седлоски, на 26 март во првиот дуел од баражот за СП ќе ѝ гостува на Данска во Копенхаген. Ако ја победи, четири дена подоцна ќе игра со подобриот меѓу Чешка и Република Ирска, исто така на гостински терен, во обидот првпат да заигра на планетарен шампионат.

 

Најнови вести од: Спорт

Германија „може да го бојкотира Светското првенство“ поради заканите на Трамп

Светското првенство во 2026 година ќе се одржи во 16 градови во три северноамерикански земји од 11 јуни до 19 јули во САД, Канада и Мексико., а Финалето на турнирот е во САД на стадионот „Метлајф“ во Њу Џерси

To top